Роберт Џестроу (Robert Jastrow) (7 септември 1925 – 8 февруари 2008) бил астроном, физичар и космолог, кој живеел и работел во САД. Бил главен научник во НАСА, популистички автор и футурист.
Докторирал на теоретска физика на универзитетот Колумбија во 1948 година, на само дваесет и три години. Подоцна се приклучил во НАСА, кога истата била основана во 1958 година. Бил првиот претседател на Комитетот за истражување на Месечината, а истовремено бил и директор на Теоретскиот оддел во НАСА (1958 – 1961). Бил еден од основачите на институтот „Годард“ за истражувања на вселената во 1961 година, каде што работел сѐ до неговото пензионирање во 1981 година.
Добитник е на повеќе медали: НАСА медал за извонредни научни достигнувања, медал на извонредност од универзитетот Колумбија, почесен доктор на науки од колеџот Менхетен и др. Неговите гледишта за создавањето биле дека иако е „агностик , а не верник“, според него, „завесата над мистеријата на создавањето никогаш нема да биде подигната со човечки напори, барем не во блиска иднина“. Автор е на повеќе книги: „Црвени џинови и бели џуџиња“ (1961), „Астрономија: основи и граници“ (1972), „Додека Сонцето не умре“ (1977), „Бог и астрономите“ (1978), „Волшебниот разбој: умот во вселената“ (1981), „Патување до ѕвездите: денес и потоа“ (1990).
Религијата на науката
Значи, три линии на очигледност – движењата на галаксиите, законите на термодинамиката и животната приказна на sвездите – водат кон еден заклучок: сите покажуваат дека вселената имала почеток. Неколку научници се осмелиле да прашаат: „Што имало пред почетокот?“ Едмунд Витакер, британски физичар, напишал книга за верата и новата астрономија, наречена „Почетокот и крајот на светот“, во која вели: „Нема основа да се претпоставува дека материјата и енергијата постоеле порано и дека одеднаш биле галванизирани на дело. Бидејќи што би можело да го издели тој момент од сите други моменти во вечноста?“, заклучува Витакер. „Поедноставно е да се претпостави создавање ex nihilo – Божја волја што ја создава природата од ни од што претходно постоечко“. Некои биле уште похрабри и прашале: „Кој бил Главниот Двигател?“ Британскиот теорист Едвард Милне напишал математички трактат за релативноста, завршувајќи го со изреката: „А за прапричината на вселената, во контекст на експанзијата, тоа му се препушта на читателот да го додаде, но нашата слика не е целосна без Него“.
Всушност, некои истакнати научници почнале да ја чувствуваат истата раздразнетост за ширењето на вселената што Ајнштајн претходно ја објавил. Во 1931 година, Едингтон напишал: „Немам некое мислење на оваа тема“, но „помислата за почеток ми е одбивна. Едноставно, не верувам дека сегашниот поредок на нештата започнал со Големата експлозија… Да се шири вселената, тоа е апсурдно… невозможно… и воопшто не ме привлекува“. Германскиот хемичар Волтер Нернст напишал: „Да се негира бескрајното траење на времето, би значело да се негира самата основа на науката“. Во поскоро време, Филип Морисон од универзитетот МИТ изјавил во еден филм за космологијата на Би-Би-Си: „Тешко ми е да ја прифатам теоријата на Големата експлозија; попрво би ја негирал“. А Алан Сендиџ од опсерваторијата „Паломар“, кој ја востановил непроменливоста на ширењето на вселената на речиси десет милијарди светлосни години, рекол: „Тоа е толку чуден заклучок… што во стварноста е невозможно да биде вистинит“.
Постои еден чуден круг на чувства и емоции во овие реакции. Тие доаѓаат од срцето, а се очекува заклучоците да доаѓаат од мозокот. Зошто?
Мислам дека еден дел од одговорот е тоа дека научниците не можат да поднесат дека постои природен феномен што не може да се објасни, дури и со неограничено време и пари. Има еден вид вера во науката; тоа е верата на човек што верува дека има ред и хармонија во вселената, и дека секој настан разумски може да се објасни како производ на некој претходен настан; секое дејство мора да има своја причина; не постои Прапричина. Ајнштајн напишал: „Научникот е опседнат со чувството за универзална причина“. Оваа религиозна вера на научникот е нарушена со откритието дека светот имал почеток, во услови во кои познатите закони на физиката не важат и како резултат на сили или околности што не можеме да ги откриеме. Кога ова ќе се случи, научникот ја губи контролата. Ако навистина ги истражил последиците, тој ќе биде трауматизиран. Како што обично се случува кога ќе се соочи со траума, мозокот реагира со игнорирање на последиците – во науката ова е познато како „одбивање да се шпекулира“ – односно маргинализирање на почетокот на светот нарекувајќи го Големата експлозија, како вселената да е некоја петарда.
Размислете за огромните размери на проблемот. Науката докажа дека вселената екплодирала во постоење во одреден момент. Се поставува прашањето: која причина го предизвикала ова дејство? Кој или што ја ставил материјата и енергијата во вселената? Дали вселената била создадена од ни од што претходно постоечко, или била составена од претходно постоечки материјали? Науката не може да даде одговор на овие прашања бидејќи, според астрономите, во првите моменти на своето постоење вселената имала неверојатна густина и била опфатена од топлина на незамислив оган. Ударот од тој момент мора да уништил секаков и најмал доказ кој би довел до причината на таа голема експлозија. Можеби постоел цел еден свет, богат со структура и историја, пред да се појави нашата вселена; но ако постоел, науката не може да каже каков вид свет бил тој. Може да постои разумно објаснување за експлозивното раѓање на вселената; но ако постои, науката не може да го открие тоа објаснување. Потрагата по минатото на научниците завршува со моментот на создавањето.
Ова е еден извонредно чуден развој, неочекуван за сите освен за богословите. Тие отсекогаш го прифаќале словото на Светото Писмо: „На почетокот Бог ги создаде небото и земјата“. На тоа блажен Августин додал: „Кој може да го разбере ова таинство или некому да му го објасни?“ Ова е неочекувано, бидејќи науката имала неверојатен успех во откривањето на синџирот на причина и последица назад во времето. Можевме да го поврземе изгледот на човекот на оваа планета со преминувањето на прагот на животот, настанувањето на хемиските состојки на животот во sвезди што одамна исчезнале, обликувањето на тие sвезди од почетни магли, како и ширењето и ладењето на планетарниот облак со гасови надвор од космичката огнена топка.
Сега би сакале да го продолжиме ова истражување уште порано во времето, но бариерата на понатамошен напредок изгледа несовладлива. Не е во прашање уште една година, уште една деценија работа, уште едно мерење или уште една теорија; во овој момент се чини дека науката никогаш нема да може да ја крене завесата на мистеријата на создавањето.
превод од англиски: Ирена Маџаровска
извор: Robert Jastrow, The Enchanted Loom: Mind in the Universe (1981)