Во првата молитва за верните од светата Литургија свештеникот се моли со зборовите:
Ти благодариме Господи Боже на силите, Кој си нè удостоил да застанеме сега пред Твојот свет жртвеник и да паднеме пред Твојата милост за прошка на нашите гревови и за гревовите на народот, направени во незнаење. Прими ја, Боже, нашата молитва, направи да бидеме достојни да Ти пренесуваме молитви и молби, и безкрвни жртви за сите твои луѓе; и нас; кои што си не поставил преку силата на Светиот Твој Дух на оваа Твоја служба, удостој нè неосудено и непречено со чисто сведоштво на нашата совест, да Те повикуваме во секое време и место, та откако ќе не услишаш да бидеш милостив кон нас поради обилната Твојата добрина.
Овие зборови го покажуваат правилното настроение на човек кој стои пред Бога. Прво Му благодариме на Бога за големиот дар, што ни дал можност да стоиме пред Него, да зборуваме со Него, да Му ги упатиме нашите прозби. Молитвата ни покажува со какво чувство треба да стоиме, кога се молиме. Господи, Боже на силите – чувството дека се наоѓаме пред Семоќниот Бог, Нашиот творец, Кој сè создал од ништо, е основен предуслов за молитвата (воопшто) не само на светата Литургија. Секој пат кога се молиме, кога го призиваме Бога, треба да го имаме чувството дека разговараме со Бога на силите.
Се чувствуваме како луѓе кои имаат непосредна потреба од Божјата милост, од Неговото милосрдие, љубов, бидејќи сме толку слаби, несреќни и повредени од гревот, слабостите и страстите т.е. без никаква сила да се спротиставиме на погибелта на гревот која нè задушува. Затоа паѓаме пред нозете на Бога, се потпираме на Неговото милосрдие и Го молиме за нашите гревови, како што и свештеникот се моли за своите лични гревови и за гревовите на Божјиот народ, направени во незнаење.
Кога ќе застанеме пред Бога, треба да имаме предвид дека ниедно лицемерие не може да опстане пред лицето Негово.Стоиме соголени пред Него, исповедаме дека сме полни со гревови, како и свештеникот, бидејќи и тој исто така има свои гревови – никој свештеник не е безгрешен, никој човек. Сите ние имаме сопствени гревови и затоа кога свештеникот се обраќа кон Бога, тој ги исповеда и мноштвото свои гревови како застапник, посредувајќи пред Него за Божјиот народ. Свештеникот сепак не зборува директно за гревовите на народот – тој нема право да каже така, но се моли за направените во незнаење гревови т.е. за согрешенијата кои човекот ги прави несвесно. Како што добриот родител го заштитува своето дете кога тоа ќе направи некоја грешка и вели за да го оправда: не замерајте, не го земајте во предвид, тоа не знаеше, направи грешка без да сака. Така и отецот, свештеникот, имајќи татковска љубов кон луѓето, Му вели на Бога, дека гревовите на народот се направени во незнаење, а не од злоба, ниту злонамерно.
Некој ќе се воспротиви, но зарем во незнаење грешиме? Е, не ќе да е така. Многу од нашите гревови не се во незнаење, туку се сосема свесни, некои од нив дури и смртоносни гревови, но смирениот дух и етос пред Бога не дозволува да кажеме дека тоа е грев. Многу пати сме велеле дека човекот кој има духовни очи, не ги гледа кај другите луѓе гревовите и лошите работи. Во онаа мера во која ги гледаш пороците кај другите, треба да знаеш дека толку и твојот вид е нарушен, но ако го исцелиш ќе престанеш да ги гледаш пороците на својот ближен. Ако стекнеш добро око, тогаш сè околу тебе ќе е добро, сите ќе се добри. Нивните постапки ќе бидат добри. И ако евентуално гледаш дека прават грешки, за сето ова секогаш ќе имаш оправдувања. Само за една работа немаш оправдание – за твоето сопствено јас, што ги прави гревовите. Нашиот ближен не е грешен, туку свет, невин пред Бога, и ако евентуално направил нешто, го оправдуваме и велиме дека го направил, бидејќи не знаел.
Тој момент од молитвата е многу важен. Пред лицето Божјо треба да стоиме во полно смирение, бидејќи ја просиме Неговата милост. Многу луѓе се жалат дека не одат во црква, бидејќи таму сите ме гледаат. Веднаш штом влезам во храмот, сите почнуваат да ме гледаат и затоа не одам. Често ги слушам овие зборови. Не знам дали тоа е точно, но вистина е дека во храмот ние често пати не се гледаме себеси, не сме како митарот кој се гледал единствено себеси и Му зборувал на Бога во своето срце. Нас не опфаќа таква расејаност, такво невнимание што и себеси си штетиме и другите ги соблазнуваме со нашето љубопитство. И веднаш штом во храмот ќе влезе некој немоќен наш брат, нашите љубопитни очи ќе го испитуваат од глава до петици икај него ќе создадат впечаток дека сме го набљудувале и “провериле” со поглед. Но не е оштетен само оној кој влегува во храмот туку пред сè ние самите си штетиме себеси, бидејќи човек кој е свесен за своите гревови и чувствува потреба од Божјата милост, нема желба да ги гледа другите, ниту тој до него, ниту околу него, ниту го интересира што прават тие.