448

Болката на покајанието – II дел

 

Еден светија кажува во Старечникот дека исто како што мајката, кога е многу тажна и плаче за детето што го загубила, во својата болка не погледнува ни лево, ни десно, ниту ја интересира што се случува наоколу, така треба да се чувствуваме и ние, кога се наоѓаме пред Бога. Тоа треба да биде нашето чувство. Да знаете дека човек што чувствува болка кога се моли, сигурно за брзо време ќе ја почувствува силата на својата молитва.

Многу пати се разочаруваме, бидејќи мислиме дека напредувањето во духовниот живот зависи од тоа дали правиме грешки или не. Многу луѓе ги опфаќа очај и почнуваат да тагуваат: „Зошто се збунувам и грешам?“ И бидејќи постојано ги повторуваат истите гревови и грешки, тие губат надеж, се вознемируваат: „Зошто постојано ги правам овие работи!?“ Тие се уверени  дека не напредуваат во духовниот живот. Јас, пак, сметам дека напредувањето во духовниот живот не зависи толку од тоа дали правиме грешки или не, бидејќи грешки секогаш ќе правиме, туку зависи од тоа дали се каеме и со каква болка се молиме. Бидејќи покајанието значи болка, но болка во молитвата, а не болка од себичност, која доведува до очај, обесхрабреност и мрак. Зашто многу луѓе доживуваат болка, ама не се надеваат на Божјата милост и од очај стигнуваат до тажни последици. Тоа не е болката по Бога, болката и тагата по Бога буди покајание во нас.

Покајанието постои и дејствува само тогаш кога постои цврста вера во Божјата љубов. Овде гледаме дека еден и ист грев има различна тежина кај секој човек. Еден и ист грев има различна тежина кај свештеникот, епископот, монахот, мирјанинот, старецот, кај средовечен човек, кај младиот човек, кај децата.

Сите можат да го направат истиот престап – луѓе од секакви категории, но тежината е различна кај секој од нив – според духовното знаење, духовниот опит што го имаме, возраста. Голема е разликата кога греши еден млад човек, кој поради своето младешко неискуство и наивност бива победуван од страстите, и кога греши еден возрасен човек. Исто како и кога греши еден женет и еден неженет човек. Тоа не значи да си бараме изговори, не го кажуваме ова за да се оправдуваме, туку да разбереме или во најмала рака да сфатиме дека ние кои сакаме да одиме во црква и да се молиме, имаме уште поголема одговорност во очите на Бога. Не може да живееме така немарно и да се споредуваме себеси со светот, зашто ако се споредуваме себеси со она што го прави светот, тогаш сите ќе излеземе светии, нели? Ако се споредуваш со еден криминалец, со еден алкохоличар, со еден човек кој е роб на ужасни страсти, макар и споредбата да е надворешна, ќе речеш: Јас сум свет и не правам ништо од сето тоа! За жал, често пати го имаме ова погрешно чувство за себеси…

Покајанието, исповедта е таинство каде што ги откриваме нашите гревови, но се случува наместо да ги откриеме, да почнуваме да го кажуваме тоа што не сме го направиле. Доаѓа човекот и почнува:

– Ниту украдов, ниту убив, ниту разведов некои сопружници, ниту едно, ни друго!…

Небаре целта на исповедта е да кажеме што не сме направиле и да ни кажат: браво, штом не си направил ништо од тоа! Напротив, треба да исповедаме што сме направиле. Направив едно, второ, трето итн., гревови, а не оправдувања. Тоа се очекува од нас. Ова го велам затоа што ако човек не внимава и не ја преземе одговорноста за своите гревови, тогаш не се исцелува, не се поправа. Доколку не разбира дека она што го прави е грев и дека тоа го одделува од Бога, тој не чувствува болка во себе си и не може да се ослободи од гревот. Затоа треба да почувствуваш болка, да разбереш дека она што си го испил и изел, е отров и постои ризик да умреш. Треба да се ужаснеш од гревот, да доживееш болка, да можеш да го отфрлиш гревот. Имајќи го дух на митарот, на болниот, ние стоиме пред Бога и Го молиме за нашите гревови.

Прими ја Боже, нашата молитва, направи нè достојни да Ти принесуваме моленија и молби, и бескрвни жртви за сите твои луѓе.

Оној Кој врши се, Он нè прави достојни. Ако Он не ни ја даде Својата благодат, тогаш што и да правиме, какви и дела да извршуваме, не сме достојни да застанеме пред Бога, а сè зависи од Божјата милост и благодат. Бог треба да ни ја даде Својата благодат, милост, милосрдие, за да стоиме пред Него и да Му пренесеме молитви, молби, бескрвни жртви, а таа жртва е Светата Евхаристија, жртвата на Телото и Крвта Христова. Таа се вика бескрвна, додека, пак, во Стариот Завет принесувале крвни жртви, т.е. жртвувале животни на начин на кој што знаеле и можеле и така го молеле Бога. Во новозаветното време, во времето на благодатта, жртвите се словесни, бескрвни, духовни, а најпревосходна жртва е Христовото Тело и Крв.