Бракот, голема тајна (прв дел)

Никој не се сомнева во тоа дека после денот на раѓањето и Крштението, најважен ден во животот на човекот е неговото стапување во брак. Секако, и најчесната и најсветата Света Тајна брак, се најде меѓу останатите институции кои светската бура на нашево време се обиде да ги сотре.

Бракот, за многумина е прилика за забава и уживање. Но, животот е сериозно прашање. Тој е духовна борба, напредување кон целта, кон Небото. Бракот е најризичната точка и најважното средство за тоа напредување. Никому не му е дозволено да ги избегне брачните врски, без оглед на тоа дали, посветувајќи Му се на Бога, ќе склопи таинствен брак (монаштво), или, пак, еден светотаински брак.

Темата со која денес ќе се позанимаваме е светотаинскиот брак. Ќе видиме како бракот може да допринесе за нашиот духовен живот, за да би се надоврзале на темата што ја започнавме во нашата претходна беседа. Знаеме дека бракот е од Бога востановена институција. „Чесен е бракот“, „тој е голема тајна“. Човекот кој не влегол во брак, просто поминува низ животот и исчезнува, додека, пак, брачниот човек живее живот.

Како ли размислуваат современите луѓе за таа света институција брак, за таа „голема тајна“, која е благословена од нашата Црква? Влегуваш во брак и мислиш се соединуваат две благајни, два интереси, две суети. Се соединуваат две личности без идеали, би рекле: две нули. Зашто луѓето без идеали, без потрага не се ништо друго освен нули.

Околу себе секогаш го слушаш следново: „Стапив во брак за да си го живеам животот, а не да се затворам во четири ѕида“. Слушаш и некој друг како вели: „Стапив во брак за убаво да си го поминувам животот“, и своите деца, доколку воопшто имаат деца, ги предаваат на некоја непозната жена, за да би можеле слободно да трчаат по театри, кина и световни друштва. Така нивниот дом станува хотел, во кој ноќе, или дури и после полноќ, после проводот, се враќаат за да се одморат. Луѓето се празни одвнатре, па затоа чувствуваат вистинска празнина во својот дом. Во домот за нив не постои никакво задоволство, па затоа, трчаат, се влечкаат ваму – таму, за да пронајдат среќа.

Стапуваат во брак без знаење, без свест и одговорност, само затоа што сакаат да стапат во брак или затоа што мислат дека тоа е неопходно за да се вклопат во општеството. Но, каков е резултатот? Тоа го гледаме секојдневно. На сите ни се познати урнатините на бракот. Еден световен брак, како што денес се сфаќа бракот, може да има само една карактеристика: тој е убиец на човековиот духовен живот. Поради тоа треба да почувствуваме дека ако промашиме во бракот, скоро како да сме промашиле и во својот духовен живот. Ако, пак, успееме во бракот, сме успеале и во духовниот живот. Нашиот успех или неуспех, напредок или потоп во духовниот живот, започнува со бракот.

Значи, бидејќи ова е толку сериозна тема, вреди да се види кои предуслови и каква подготовка се неопходни за да се постигне среќен, вистински христијански брак.

За да би можеле момчето или девојката да имаат успешен брак, тие треба уште од мали да стекнат соодветно воспитание. Како што детето треба да чита, како што учи да размислува и да се интересира за своите родители или за своето здравје, така треба да го подготвиме и за тоа да може да склопи успешен брак.

Но во нашево време, никој не се труди децата да ги подготви за таа голема тајна, која ќе одигра најважна улога во нивниот живот. Ни родителите се занимаваат со тоа, со исклучок на подготвувањето на миразот, за што навистина се интересираат.

Детето уште од мало треба да научи да сака, да дава, да си скратува себеси, т. е. да се жртвува себеси, да слуша. Да чувствува дека чистотата на неговото тело и душа се неговото скапоцено богатство, кое треба да го чува како зеница на окото.

Карактерот на детето треба да се обликува нормално, за тоа да може да стане чесен, храбар, решителен, искрен, радосен човек, а не некое полужално суштество, кое непрестајно ќе ја оплакува својата судбина, безволен предмет без размислување и сила.

Детето од мало треба да научи да се интересира за некоја наука или за некое занимање, за утре да е способно да го издржува своето семејство, или, пак, ако е девојче да помага ако тоа е потребно. Жената, дури и ако е образована, треба да научи да биде домаќинка. Да научи да готви и пере, да шие, да везе. Некој би рекол: „Оче, тоа што го зборуваш е разбирливо само по себе“. Прашајте ги мажите, па ќе видите колку жени, кога ќе се омажат, не знаат ништо за домаќинството.

Изборот на животниот сопатник е исто така прашање, кое кога ќе стигнеме до соодветната возраст не треба да се одложува. Човекот во никој случај не треба да брза, зашто „брзиот брак е брза безнадежност“, но ниту, пак, да го одлага тоа важно прашање во својот живот. Не треба да одолговлекува, зашто одолговлекувањето е смртна опасност за неговата душа. По правило, нормалниот ритам на човековиот духовен живот почнува со бракот. Неоженетиот/немажената човек или жена како да живее во ходник и сеуште не влегол во собата.

Родителите нека се грижат детето да се однесува нормално, но и да се моли на Бога, за тој благословен миг да дојде како дар испратен од Бога.

Секако, кога ќе дојде до изборот на сопружник, детето ќе ги земе во предвид и мислењето на родителите. Колку само пати, вие што сте родители, сте почувствувале како со нож да ви го прободуваат срцето, кога вашите деца не ве прашале за мислење во врска со оној кој ќе им биде животен другар. Мајчиното срце е чувствително и не може да издржи толкаво ранување. Детето треба да ги праша родителите, зашто тие имаат некоја особена интуиција со која ги поимаат нештата што се однесуваат на нивните деца. Но тоа не значи дека при изборот таткото и мајката треба да вршат притисок на своето дете. Нека го остават, на крајот, само да си го направи својот избор.

Ако го принудиш своето дете по прашање на бракот, доколку работите не одат добро, тебе ќе те смета за одговорен. Со притисок никогаш не бива нешто добро. Ќе му помогнеш, но ќе го оставиш сам да го избере оној кој повеќе му се допаѓа, или оној кон кого ќе почувствува љубов – љубов, а не сожалување и сомилост. Ако твоето дете, после некое познанство ти рече: „Ми е жал за него, кутриот. Ќе се оженам за него“, тогаш да знаете дека се наоѓаме во предворјето на еден неуспешен брак. Само човекот кој повеќе ќе му се допадне на детето, или кого нашето дете ќе го засака, може да остане покрај него. Би требало и двајцата, идниот маж и жена, да сакаат брак, да чувствуваат привлечност еден кон друг, да сакаат вистински, внатрешно, ненасилно да живеат заедно. Неполезно е по тоа прашање да извршиме притисок на своите деца. Понекогаш, од љубов, мислиме дека тие се наша сопственост и дека со нив можеме да правиме сè што сакаме. Така нашето дете станува едно суштество, неспособно, било како брачно или безбрачно, да го живее животот.

На бракот секако ќе му претходи запознавање, кое е едно многу чувствително прашање, а кое ние, меѓутоа, го забораваме. Запознавањето никогаш не треба да нè заслепува, ако не сме сигурни дека тоа е објективно. Љубовта не го заслепува човекот. Љубовта му ги отвора очите да го види другиот онаков каков што е, и со неговите неодостатоци. Народот вели: „Облекувај обувки од своето место, макар и да бидат тесни“. Значи, земи го човекот што си го запознал. А запознавањето секогаш треба да е поврзано со веридбата, која е исто така едно тешко прашање.

Кога на една девојка ѝ предложив сериозно да се замисли дали треба да ја продолжи својата веридба, таа ми одговори: „Мајка ми ќе ме заколе ако ја раскинам веридбата“. Но, веридбата не постои, ако не постои и можноста таа да се раскине. Тоа што сум се верил, не значи декак секако и ќе се венчам. Тоа значи, да видам дали треба да се венчам со човекот за кого сум се верил. Ако некоја девојка не е во состојба да ја раскине веридбата, не треба ни да се вери, или подобро да не влегува во брак. Треба да бидеме многу внимателни во периодот на веридбата, зашто на тој начин ќе имаме многу помалку несогласувања и несреќи после венчавката. Уште за време на запознавањето, како што вели еден човек, треба да го држиш своето срце во себеси, и со двете раце, како да се работи за некоја мечка. Зашто знаете колку е опасно срцето, кое наместо во брак може да те одведе во грев. Постои можност, човекот што си го одбрал да те гледа како играчка или,пак, како пробна четкичка за заби. После ти ќе доживееш плач и тага, но веќе ќе биде доцна, зашто ќе се покаже дека твојот ангел бил направен од кал.

Продолжува