Бракот, голема тајна ✤ II дел

Архимандрит Емилијан

✤✣✤

Бракот, голема тајна

✤✣✤

II дел

Немој да избереш човек кој минува часови и часови по клубови, по забави, патувања и луксузи, ниту, пак, оној кај кого ќе откриеш дека зад неговите зборови на љубов се крие себељубие. Немој да ја избереш за жена онаа која е налик на барут, па пламнува штом ќе ѝ кажеш нешто. Таа не е сопруга за тебе.

И уште, ако сакаш да имаш навистина успешен брак, не приоѓај до онаа девојка или младич кој не може да се одвои од своите родители. Христовата заповед е јасна: „Поради тоа човекот ќе ги остави своите татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја“. Кога ќе видиш дека оној другиот е приврзан за мајката или за таткото, дека ги слуша со отворена уста, и дека е подготвен да стори било што, што ќе му кажат неговите родители, бегај подалеку од него. Тоа е еден емотивно болен, душевно незрел човек, и со него не ќе можеш да создадеш семејство. Оној што ќе го избереш за маж треба да има храброст, да биде јунак. Но, како би можел да биде јунак, кога сé уште не научил, не сфатил, не го сварил тоа дека домот негов бил само саксија во која го ставиле, за после тоа да го извадат и засадат на некое друго место?

Исто така кога ќе дојде време да го избереш човекот на својот живот, обрати внимание да не е можеби некоја затворена личност, па нема пријатели. Ако денес нема пријатели, утре ќе му биде многу тешко да те има тебе за пријател и сопружник.

Обрни внимание на тие што постојано роптаат, на оние кои се жалат, на меланхоличните кои личат на птици кукавици. Обрати внимание на оние кои непрестајно се жалат: Не ме сакаш! Не ме разбираш! Нешто не е во ред со тие Божји созданија. Уште обрати внимание на фанатиците и на наизглед побожните. Не на верниците, туку на таканаречените побожни, кои се возбудуваат поради безначајни нешта, сè им пречи и се пречувствителни. Како ќе можеш да живееш со таков човек? Тоа би било како да седиш на трње.

Уште обрати внимание на оние кои бракот го гледаат како некое зло, како некој затвор, и на оние што велат: „Никогаш во својот живот не сум помислил на брак“.

Обрати внимание и на некои лажни христијани, кои бракот го сметаат како нешто ниско, како грев и кои штом слушнат нешто во врска со бракот, ја наведнуваат главата. Ако стапиш во брак со некој таков, тој за тебе ќе биде трн, а ако таквиот се одлучи за монаштво, ќе биде товар за манастирот.

Обрати внимание на оние кои мислат дека се совршени и себеси не си наоѓаат никаква мана додека, пак, на другите секогаш им наоѓаат. Обрати внимание на оние кои мислат дека се „избраници Божји“ и дека можат да го променат целиот свет.

Да обратиш внимание и на едно многу важно прашање: наследност. Добро запознај ги таткото, мајката, дедото, бабата, стриковците, тетките на дотичниот. И уште на тоа за идниот брак да постојат основни материјални предуслови.

Но, пред сè обрати внимание на верата. Верува ли? Дали човекот кого мислиш да го направиш свој животен сопатник има идеали? Како ќе може да те прими во срцето, ако нему Христос не му значи ништо? Зар мислиш дека ќе може да те цени тебе кога не можел да Го цени Христа? Светото Писмо на мажот му вели дека жената твоја треба да биде „жена на заветот“, значи, од твојата вера, религија; онаа која ќе те поврзува со Бога. Само тогаш ќе можеш, како што велат отците на нашата Црква, да склопиш брак „со согласност на епископот“, значи со одобрение на Црквата, а не само со формална дозвола. Претходно разговарај со својот духовник. Сè испитај со него, и тој како вистински пријател ќе застане покрај тебе, па кога ќе стигнете до посакуваната цел, бракот за тебе ќе биде веќе дар Божји. Ќе биде дар, зашто „секој си има свој сопствен дар“. Бог на секого од нас му го дава неговиот дар. Еден го испраќа во брак, а друг во девственост. Не дека Бог избира, велејќи вие ќе бидете на оваа страна, а вие на онаа, туку Бог ни дава храброст, поддршка, сила, за да можеме успешно да го завршиме она што го избрало нашето срце.

Ако на овој начин сте го избрале својот човек, заблагодарете Му на Бога. Поврзете го со својот духовник. Ако немате духовник, заедно изберете еден духовник, кој ќе биде ваш Старец, отец, оној кој ќе ве потсетува на Бога и ќе ви укажува на Него.

Во животот ќе имате многу потешкотии. Испитите ќе паѓаат како дожд. Грижите ќе ве опседнуваат и почесто ќе гледате дека вашиот христијански живот станува тежок. Немојте да се вознемирувате. Бог ќе помогне. Ти направи го она што зависи од тебе. Можеш ли пет минути дневно да ги проучуваш Светите книги? Изучувај ги. Можеш ли да се молиш пет минути дневно? Моли се. А ако не можеш пет, моли се две минути. Останатото е грижа на Бога.

Немој да губиш надеж кога во бракот ќе наидеш на потешкотии, кога ќе видиш дека твојот духовен живот не напредува, но немој ни да се задоволуваш со она што веќе си го стекнал. Вознеси го своето срце кон Бога. Угледај се на оние кои Нему Му дале сè, и прави сè што можеш за да бидеш сличен на нив, па макар и со копнежот во твоето срце. Кога на тој начин ќе тргнеш понатаму, навистина ќе почувствуваш што е целта на бракот. Во спротивно, и ти низ животот ќе талкаш, како што талка некој слепец.

Што е, значи, целта на бракот? Ќе ви наведам три главни цели. Прво, бракот е пат на труд, напор. Заедничкиот живот на мажот и жената се нарекува сопружништво, значи, тие под ист јарем го подигнуваат заедничкиот товар. Бракот е сопатништво и заедничка судбина во напорот и неволјите, но секако и во радоста. Ама, обично шест жици на нашиот живот одѕвонуваат тажно, а само една радосно. Мажот и жената ќе пијат од истата чаша на бурите, неволјите, маките, поразите. Свештеникот во текот на чинот на светата Тајна брак на младенците им дава да пијат од истата чаша, која се нарекува „заедничка чаша“, зашто заедно ќе го поднесуваат товарот на бракот. Таа чаша се нарекува и „соединување“, зашто тие се соединуваат за заедно да ги понесат радоста и болката.

Кога двајца ќе влезат во брак, тоа е како да велат: „Заедно ќе продолжиме понатаму, рака под рака, и во добро и во зло. Ќе ги поминеме и мрачните часови, часовите полни со мака и тежина, и часовите на монотонија. Но и во најдлабоката ноќ, треба да покажуваме дека веруваме во светлината и сонцето“. О, драги мои, кој може да каже дека не поминува низ тешки мигови во својот живот? Но, не е мала работа тоа да знаеш дека во тешки мигови за тебе, во своите стравови и искушенија, во раката своја ќе држиш една друга сакана рака. Новиот Завет вели дека секој човек ќе помине низ болка, а пред сите нив, оној кој влегува во брак. „Си се разрешил ли од жена?“, прашува св. Ап. Павле. Значи, не си се оженил? „Не барај жена. Ако и се ожениш, не правиш грев“. Ако се ожениш, немаш грев. „И девојка ако се омажи, не погрешила. Но, таквите ќе имаат телесни неволји“ (1 Кор. 7, 27-28).

Кога веќе се жениш, имај на ум дека многу ќе страдаш, дека животот твој ќе биде крст, но расцутен крст. Ќе ги донесе и своите радости, и насмевки, и убавини. Кога, пак, во твојот живот е ведро, имај го на ум цветот, кој крие еден крст (како на пр. цветот на афионот, кој има четири ливчиња и црна дамка во облик на крст на средина). Така во твојата ведрина наеднаш може да се појави еден крст.

Животот не е забава, како што мислат поедини луѓе што влегуваат во брак, па после паѓаат од небото на земјата. Бракот е едно широко море, не знаеш што ќе излезе од него. Го земаш човекот кого со страв и трепет и со големо внимание си го одбрал, па после година – две, или пет, откриваш дека те изневерил.

Да се верува дека бракот е пат на кој треба да ја бараме својата среќа, и одрекувањето од Крстот е погрешно сфаќање на бракот. Радоста на бракот е во тоа мажот и жената, двајцата да ги подметнуваат своите плеќи и заедно да одат нагоре по стрмнината на животот. „Не сте страдале? Не сте ни љубеле“, вели еден поет. Само оној што страда може вистински да љуби. Поради тоа маката е неопходна состојка во бракот. „Бракот“, вели еден древен поет и философ, „е еден свет кого надежта го разубавува, а несреќата го прави посилен“. Како што челикот се покажува во огнот, исто така и човекот во бракот, во огнот на тешкотиите се кали. Кога од далеку го набљудуваш бракот, сè ти изгледа како мед и млеко, сè ти се насмевнува. Кога ќе се приближиш тогаш ќе видиш колку тешки мигови крие тој.

„Не е добро за човекот да биде сам“, вели Бог, поради тоа стави покрај него еден другар, еден помошник во сите мигови од неговиот живот, а особено во подвизите за верата; зашто треба многу да се намачиш за да би можел да ја одржиш својата вера. Бог на сите ни ја испраќа Својата благодат. Но, ни ја испраќа кога сме расположени доброволно да трпиме и поднесуваме. Некои, штом ќе наидат на препреки бегаат. Го забораваат и Бога и Црквата. Но верата, Бог и Црквата не се кошула која ја слекуваме штом ќе се испотиме.

Бракот е, значи, едно напредување во тагите и радостите. Кога маките ти изгледаат претешки, сеќавај се дека Бог е со тебе. Он ќе го подигне крстот. Он, Кој и те венчал. Кога Го молиме Бога за нешто, не секогаш се случува Он веднаш да ни го даде решението. Нè води многу пополека. Понекогаш и со години. Светиот Дух „се моли за нас со неискажливи воздивнувања“. Значи, ти се мачиш, а Сам Христос со тебе ја трпи болката. Треба да минеме низ болката, во спротивно, нашиот живот нема да има вистинска смисла.

Второ, бракот е едно напредување во љубовта. Создавање на еден нов човек: „И двајцата ќе бидат едно тело“, вели Евангелието. Бог соединува двајца и ги прави еден човек. Од единството на двајцата, кои одлучуваат да ги изедначат своите чекори и да ги усогласат отчукувањата на своите срца, произлегува еден човек. Во таа длабока и исконска љубов едниот е присуство, жива реалност во срцето на другиот. Оженет/омажена сум, и тоа значи дека ниту еден ден, и ако е можно, дури ни неколку мигови не можам без својот животен другар. Мојот сопруг, мојата сопруга е еден дел од моето битие, од моето тело, мојата душа: мое дополнение. Го претставува она со коешто се занимава мојот ум. Претставува причина поради која чувствувам дека моето срце чука.

Двајцата разменуваат веренички прстени за да покажат дека во животните промени, на крајот повторно ќе останат соединети. Секој носи прстен на кој е испишано името на другиот и символично го става на прстот, од каде што поминува една вена која оди директно до срцето. Значи, името на другиот се испишува во моето срце. Едниот, би можеле да кажеме, на другиот му ја дава крвта од своето срце. Го става во утробата своја.

„Што правиш?“, го прашале еднаш еден романописец, а тој се изненадил. „Што правам?“, какво чудно прашање. Па, ја сакам Олга, својата жена“. Мажот живее за да ја сака својата жена. Жената живее за да го сака мажот свој.

Љубовта е она најосновното во бракот. „Ниедно море, ниедна планина, ниедно место и време, ниеден злобен јазик не ќе може да нè оддели“, велел некој кој ја љубел својата сопруга. „Ако можете, земете го“, велела некоја друга жена, „тој се крие во моето срце“. Него го барале во врска со некоја клевета за да го осудат, а тој се криел.

Бракот, значи, претставува соединување во едно. Бог се гнаси од разводи и разделби. Бара нераскинливо единство. Свештеникот ги вади прстените од левиот прст, ги става на десниот, па потоа повторно на левиот, за на крај да ги стави на нивната десна рака. Зашто десната рака е онаа со која во главно работиме. Тоа покажува дека другиот веќе ја поседува мојата рака. Не правам ништо што тој не сака. Врзан сум за неа. Врзана сум за него. Живеам за другиот, поради тоа ги трпам неговите недостатоци. Оној кој не може да го истрпи другиот, не може ни да влезе во брак.

Продолжува