Бракот, голема тајна (трет дел)

Што сака мојот брачен другар? Што го интересира? Што е тоа што го прави задоволен? Тоа треба да ме радува, интересира, преокупира и мене. Уште барам и повод да му приредам мали, ситни задоволства. Како денес да го израдувам својот сопруг, својата сопруга, е прашање што човекот во брак секојдневно си го поставува. Се занимава со проблемчињата на другиот, со неговите интереси, неговата наука, неговата работа, неговите пријатели, за сè да им биде заедничко, за да покаже дека учествува во неговото секојдневие.

Ако е потребно да се повлече, се повлекува. Оној што љуби, последен легнува, а прв наутро станува. Родителите на другиот ги гледа како свои родители, со посветеност, со нежност. Зашто, многу добро знаеме, дека кога детето влегува во брак, тоа за родителот е еден многу тежок момент, иако самиот тој ја подготвил свадбата. Бракот е нешто што таткото и мајката ги наведува на плач, зашто се разделуваат од своето дете.

Жената преку послушноста ја изразува својата љубов кон мажот. Му се покорува, токму онака како што Црквата Му се покорува на Христа. Нејзината среќа е во тоа да ја исполнува волјата на својот маж. Неискреноста, тврдоглавоста, роптањето се секири кои го кршат стеблото на сопружничката среќа.

Жената е срцето. Мажот е „главата“. Жената е срцето што љуби. Таа е постојана во тешкотиите низ кои минува мажот, како царицата Теодора која го поддржа својот маж Јустинијан на тронот. Таа во неговите среќни мигови се труди уште повеќе да го издигне на висините на идеалот. Во миговите, пак, на мака, како еден прекрасен и тивок украс стои покрај него за да би можела да му пружи мир.

Мажот треба да се сеќава дека неговата жена е онаа која Бог му ја доверил. Жената негова е една душа што Бог му ја подарил, за тој потоа повторно да Му ја врати Нему. Тој ја сака својата жена, „како што Христос ја сака Црквата Своја“. Ја заштитува, се грижи за неа, ѝ дава сигурност, особено кога е загрижена, кога е болна. Знаеме, всушност, колку женската душа е чувствителна, поради тоа, како што вели ап. Петар, „им оддаваме чест како на послаби женски суштества“. Женската душа се навредува, малодушна е, многу лесно се менува, одеднаш останува без надеж. Поради тоа мажот треба да биде покрај неа, полн со љубов и нежност, за да успее да стане нејзино богатство.

Бракот е, драги мои, како еден чамец кој на бранови плови меѓу карпите. Ако бидеш само малку невнимателен, тој ќе се разбие на парчиња.

Бракот, рековме, е прво: еден пат на болка, второ: пат на љубовта и трето: пат кон небото, Божји призив. Бракот е, како што вели Светото Писмо, „тајна голема“.

Знаеме за седум Свети Тајни. Овде тајната означува еден знак за таинственото присуство на некое вистинско случување. Иконата е една тајна. Кога ѝ се поклонуваме, ние не се поклонуваме на дрвото, туку на Самиот Христос, или на Пресвета Богородица, или на Светителот, кој е таинствено присутен. Чесниот крст Го символизира Христа. Во него постои таинственото присуство Христово. И бракот е нешто такво. Каде што се, вели, „двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас“. Двајца влегуваат во брак во име на Христа – тие веќе стануваат знак кој Го содржи и поседува Самиот Христос.

Затоа, кога со ова сознание гледаш некој брачен пар, тоа е како да Го гледаш Христа. Во тоа постои некое богојавление. Поради тоа, во некои други земји, во текот на чинот на светата Тајна брак, на младенците им ставаат круни, за да покажат дека мажот Го претставува Христа Царот, а жената Црквата, или, пак, за таа прилика користат маслинови гранчиња.

Во бракот, значи, сè е символично. Запалените свеќи ги символизираат петте девојки. Кога свештеникот во текот на чинот на светата Тајна брак им ги подава на младоженецот и невестата тие свеќи, тоа е исто како да им вели: очекувајте Го Христа како петте девојки. Или, пак, тие свеќи ги символизираат огнените јазици кои слегоа на Педесетница, и всушност се присуство на Светиот Дух.

Прстените свештеникот ги зема од Светата Трпеза, каде што претходно ги ставил, и ги поставува на масата, токму затоа за да покаже дека бракот започнува со Христа, и дека со Христа ќе се заврши. Свештеникот исто така ги соединува рацете на младенците за да покаже дека Самиот Христос ги соединува. Значи, Христос е вткаен во тајната и во нивниот живот.

Сето она што се извршува во текот на обредот на светата Тајна брак, се сенки и символи кои покажуваат дека Христос е присутен. Кога седиш и наеднаш ќе здогледаш некоја сенка, сфаќаш дека некој доаѓа. Не го гледаш, но знаеш дека доаѓа. Стануваш рано наутро и го гледаш како крв црвениот хоризонт на исток. Уште малку, велиш, па ќе изгрее сонцето. Навистина таму, зад планините, ѕирка сонцето.

Кога го гледаш својот брак, својот маж, својата жена, кога ги гледаш грижите свои, телото на својот сопатник, сè во домот свој, знај дека тоа се знаци за присуството Христово. Тоа е како да ги слушаш Неговите чекори, како да заминува, како да сега, во овој миг, ќе го чуеш и гласот Негов. Сето тоа се сенки кои ни покажуваат дека Христос е со нас. Вистина е дека ние поради своите грижи се чувствуваме како да е Он е отсутен. Но, Го гледаме во сенките и сигурни сме дека е со нас. Токму затоа, во древноста не постоела засебна служба за светата Тајна брак. Ги земале мажот и жената, ги доведувале во црквата, ги причестувале и ги пуштале да си заминат. Што значи тоа? Дека тие веќе живеат со Христа.

И венците се символ на присуството Христово. Конкретно, тие го символизираат страдањето. Се сеќавате ли на четириесетте маченици во смрзнатото езеро на кои Христос им дал венци? Така и Црквата сега им дава венци на младенците, спомнувајќи го и св. Прокопиј, кој на неколку жени им советувал да пострадаат за да ја покажат својата љубов кон Христа. Значи, мажот и жената ставаат венци за да покажат дека се подготвени да станат маченици заради Христа, Кој е со нив.

Влегувам во брак, значи живеам и умирам за Христа. Влегувам во брак, значи Го сакам, и жеден сум за Христа.

Кој уште носеше венец? Царевите носеа венци. Според тоа, венците покажуваат дека сопружниците се цареви, а нивниот дом царство, царство на Црквата, еден дел од Црквата.

Од кога започна бракот? Откако човекот погреши. Претходно не постоеше бракот во денешниот облик. Кога првосоздадените, после падот, го изгубија Рајот, Адам ја позна Ева и започна бракот. Зошто? За да се сеќаваме на својот пад и на излегувањето од Рајот, и да го бараме Рајот. Бракот сега бива повторно враќање во духовниот Рај, во Црквата Христова. Значи, влегувам во брак и станувам цар, станувам верен и вистински член на Црквата Христова и се трудам во Негова слава.

Венците уште ја покажуваат и конечната победа во Царството Небесно. Кога свештеникот ги зема венците, тој Му се обраќа на Христа: „Преземи ги нивните венци во Царството Свое“.

Затоа бракот е едно патување: почнува на земјата и завршува на небото. Едно спојување, едно поврзување со Христа, Кој нè уверува дека еднаш ќе отидеме на небото. Бракот е „еден мост кој преведува од земјата на небото“. Како светата Тајна на нашата Црква да вели: „Над љубовта, над мажот твој, над жената твоја, над секојдневните случувања, имај го на ум тоа дека си предвиден за Небото, дека си тргнал по патот кој секако треба да те одведе таму“. Невестата и младоженецот ги подаваат рацете, свештеникот ги зема за раце и тие по него одат околу масата играјќи и пеејќи. Тоа значи дека бракот е патување, пат кој ќе се заврши на Небото, во Вечноста.
Ни се чини дека во бракот се венчаваат двајца. Но, не се двајца, туку тројца. Мажот ја зема жената, а жената мажот. Но двајцата Го земаат Христа. Според тоа, тројца учествуваат во Тајната и од тогаш низ животот, тие биваат и остануваат тројца.

За време на песната „Исаије ликуј“, свештеникот, кој е образ Христов, младенците ги води со себе. Тоа значи дека Христос нè грабнал, нè искупил, нè заробил, нè направил Негови. Токму поради тоа „бракот е тајна голема“.

Зборот „тајна“, на латински е преведен како sacramentum, што значи заклетва. Значи, бракот е заклетва, соединување, поврзување, како што претходно зборувавме. Тоа сега веќе е постојан однос, врска со Христа.

Значи, влегувам во брак и Му го покорувам своето срце на Христа. Ако сакаш, можеш да влезеш во брак; ако сакаш, можеш да не влезеш во брак. Но, ако влезеш во брак, бракот во твојата Православна Црква, која те родила, ја има таа смисла. Оженет сум/омажена сум, тоа значи дека сум слуга Христов.

Крај