Црквата е истовремено и крштелен купел и Евхаристија. Христос „се предаде Себе за неа, за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото. „Затоа одете и кажете им на сите народи, крштевајќи ги во име на Отецот и Синот и Светиот дух“, им заповеда Он на своите ученици на крајот од Евангелието по Матеја. Црквата го развила овој троичен карактер во нејзиниот Символ на верата и во крштавањето со тројно потопување, во водата која ги симболизира и смртта и воскресението. Крштеваниот слегува во смртта со Христа и се издигнува со него, помазан со Духот, посвоен од Отецот. Во големиот „велигденски скок“ тој „се облекува во Христа“. Затоа тој, по излегувањето од водата е облечен во бела облека, облека на светлината. „Сите што сте крстени во Христа, во Христа се облековте. Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христос Исус“. Единството на човештвото е обновено, додека во исто време неограниченото лично достоинство ги поништува етничките и социјалните разлики и неединството по род. И ние исто така мораме да ги избришеме, бидејќи во Новиот Завет, индикативот е речиси секогаш и императив. Како можеме во овој цитат на Апостол Павле да не ги видиме најпозитивните придобивки и цели на нашата цивилизација? Ништо така силно не оставило трага врз поновата цивилизација, отколку што тоа го направил ставот во поглед на коегзистенцијата, совршената еднаквост на робови и слободни, на мажи и жени од секакво етничко потекло, во христијанските заедници. Такво беше семето, кое малку по малку растеше и продолжи да расте низ историјата.
Покрај крштевањето, и Евхаристијата во најреална смисла ја преобразува Црквата во Тело Христово. „Тајната на тајните“, Евхаристијата многу прецизно ја дефинира Црквата. И самиот израз на Павле „Тело Христово“ е јасно евхаристиски. Секој литургиски собор ги соединува нашата вера и надеж, целосно ја изразува широчината на Црквата. Секој литургиски собор – „во страшниот жртвен олтар“, според зборовите на Патријархот – претставува реализација на Витлеемската пештера, на Богојавлението Јорданово, на Таворското преображение, на Голготската жртва, на гробот од кој се јави нашето сеопшто воскресение, како што е предвидено да се случи при Второто славно доаѓање.
Кога Исус го објаснува значењето на Тајната вечера, Он го поистоветува лебот со Своето тело, а путирот вино со Својата Крв. Преку нив Он се нуди Самиот „за многумина“, исполнувајќи ги така библиските преданија за Слугата кој страда и за Синот Човечки за кого зборува Пророк Данаил – секој од овие многумина, како што вели митрополитот Пергамски Зизјулас, е колективно битие, и поединец и дел од заедницата во исто време.
Затоа и заедништвото со Христа и заедништвото во Христа ги обединува мажите и жените, сето човештво. Оние што го знаат ова, верните христијани, изразуваат благодарност, служат и сведочат „за животот на светот“, така што сета твар да може, преку Светиот дух, да го прими воскреснатиот живот. Христос ја носи не само индивидуалната човечка личност, туку и самата човечка природа; и зборот „природа“ овде е употребен повеќе во смисла на мистично искуство отколку на идеја. Луѓето постојат затоа што во нивната неисцрпна суштина тие се создадени и осветлени од Богочовечката личност на Христос. Во Евхаристијата, Неговата „свештена молитва“ „тие да бидат едно како што сме ние“, е исполнета. Тоа што се бара од нас е она што ние конкретно го исполнуваме, во нашиот живот и со нашата смрт, како дел од она огромно единство кое нè создава, кое ни се нуди, кое нè повикува…
Заради тоа Православната еклесиологија во нејзината целост, потекнува од тајната на троичното единство. Сите Помесни Цркви, како евхаристички заедници, се идентификуваат со Единствената Црква. Епископската согласност сведочи за овој идентитет. И овој идентитет се наоѓа во личните односи на сите верни.
Ако некој ја гледа Црквата од оваа троична перспектива, тогаш, поделбата меѓу христијаните добива навистина трагични размери. Таа е во спротивност со вистинската природа на Црквата. Во барањето единство, соборното движење прави едно реафирмирање на важноста на нашата вера во Св. Троица.
Постои очигледна поврзаност – „… така што светот може и самиот да се увери“, вели Исус (Јован 17: 21) – меѓу единството на христијаните во претставата на Св. Троица и мисионерскиот призив на Црквата. Црквата не постои самата за себе, туку за спасение на светот. Таа вистински го изразува троичното таинство на Троица само кога границите на нејзината заедница постојано се шират. Верата во Света Троица нè повикува подеднакво кон социјални напори во сите области, во интерперсоналните и во културните односи, влијаејќи на семејните и на општествените структури. За нас, социјалното (општественото) е свето, како што истакнува Св. Јован Златоуст кога вели дека „таинството на братољубието“ е неопходно проширување на „таинството на олтарот“. Една стара монашка изрека вели: „Мојот брат е мојот живот“.
Заради тоа троичното единство е извор кој ги вдахновува сите културни и социјални активности на христијаните, сета наша борба против страдањето, неправдата, болеста, и секоја форма на смрт што ја разорува нашата цивилизација. Нашата борба за човекови права, за достоинство на секој човек, се води во името на Св. Троица. „Нашата социјална програма е Св. Троица“, вели Николај Федоров, кој е често цитиран од современите теолози.
Денес како никогаш порано, во нашево време на страдања и ветувања, ние го забележуваме доаѓањето Христово во сите креативни сили на Духот. Ова е изразено во она што Ниче (од сосема различна перспектива) го нарекува „радосно знаење“: инспирација, слобода, убавина, преобразување на телото и на светот.
Духот што ни го дава Отецот Го открива како Него како Ослободител. Духот Кој ни го покажува телото на Христос, умртвено „за животот на светот“, ни го открива Бога распнат во име на страдањата на целото човештво, со цел да го отвори за човештвото неочекуваниот пат на воскресението. Некој често има чувство дека драмата на современото христијанство, оптоварена со побожноста, морализмот, и во Православието, особено со ритуализмот и паганскиот нациоанализам е „загушливост на Духот“. Како резултат на тоа, пророштвото и напорите да се постигне правда и убавина, кои се поезија на космосот, се нарекуваат антихристијански. Заради тоа тие се во опасност да бидат или искоренети, или изопачени. Доаѓа времето кога христијанството, односно Православието, ќе мораат да ја обноват својата пророчка сила, а пророштвото, пак, своите свети корени.