Црквата – Тело Христово ✤ I дел

Архимандрит Емилијан

✤✣✤

Црквата – Тело Христово

✤✣✤

I дел

Замислете цар кој стои на својот царски престол, со царска круна и порфира на него. Нешто подолу седат неговите дворјани со кои заседава. Темата е мошне значајна. Лицата нивни се многу сериозни. Го гледаш царот, му се восхитуваш, но и се плашиш од него. Меѓутоа, во еден критичен момент од расправата царот станува, гледајќи дека во салата каде што заседаваат влегува неговото дете, кое одејќи паѓа, се удира и почнува да плаче. Царот – кој носи царска порфира и круна на главата, кој си го гледал, си се плашел и кој влевал стравопочит – полн со грижи и љубов, слегува по скалите, му притрчува кон детето, се наведнува кон него, го зема во прегратката и стега колку што е можно повеќе за некако да му ја ублажи болката. Како што го држи во прегратката, детето почнува ја чувствува топлината на љубовта негова и престанува да плаче. Ова е една убава слика за Бога Отецот, за љубовта Негова и грижата што ја покажува за своите деца.

Бог го виде оној кого го создал со своите раце и го постави за цар на созданијата, го виде човекот како во еден миг се нурнува во калтта, паѓа во грев и излегува од Рајот. Христос, Логосот Божји, не можеше да издржи да го гледа човекот во падот негов и затоа Он Го напушта својот царски престол, ги напушта прегратките на Отецот и слегува на земјата. Бог, божествената природа, се меша со човечката природа, Бог и човекот постануваат едно! Христос не само што го прегрна човекот, туку и го прими во себе, го накалеми на Себе. Не само што ја прегрна човечката природа, туку и ја направи своја. И Бог се облече во тело. Бог стана човек! И човекот стана богоносен, стана Бог! Така човечката природа, паднатиот, грешен човек, е земен од страната на Христа и со Вознесението Христово вознесен на Небесата. Бог и човекот стануваат едно тело, едно дрво, еден корен.

Ако на некое дрво накалемиш фиданка, таа ќе стане едно со тоа дрво. Истото се случува и со Телото Христово. Секој може да се накалеми на дрвото, на коренот кој се вика Христос, на Телото Христово, и да стане едно со Него. Тоа се постигнува со крштението: „Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте“, пееме во Црквата. Кога се крштеваш се облекуваш во Божеството, се облекуваш во Христа, го земаш Христос, се мешаш со Бога, стануваш Бог! Следствено на тоа, секој човек, крштевајќи се, станува едно тело со Христос. Глава на тоа тело е Христос. Така јас кој се крштевам, и ти, и сите ние стануваме едно Тело, една заедница, едно стадо кое се нарекува Црква. Еве ја значи, нашата денешна тема.

Така, драги мои, денес ќе продолжиме понатаму, за да би можеле да ја завршиме тешката богословска низа што ја започнавме. Започнавме од создавањето на човекот и продолживме со неговиот пад. Го видовме меѓу ѕвездите и после тоа во калта. Денес треба да го видиме како одново се искачува на престолот што Бог му го приготвил. Знали, Христос нѐ направи членови на неговото Тело, кое се нарекува Црква.

Светото Писмо вели дека сѐ, сѐ што е создадено, создадено е за Црквата. Славата нејзина ја надминува славата Небесна. Нејзината слава нема крај, зашто Црквата е тело на Самиот Христос, и јас, влегувајќи во Црквата, станувам Христос. Толку е значајна Црквата . Ќе наведиме неколку примери, зашто тешко нам ако велиме дека сме православни христијани, дека припаѓаме на православната соборна Црква, а не знаеме што е тоа Црква.

Во овој момент се сеќавам на еден свештенопроведник кој на своето стадо им излагал неколку тешки теми и гледал како аудиториумот постепено се празни. Едно време, симнувајќи ги очилата и погледнувајќи кон присутните, видел дека еден седи овде, еден онде, еден таму: биле многу малку. Не се осмелувал да ги преброи, за да не се обесхрабри. Размислувал што да направи за да ги собере повторно. Следното неделно утро им рекол: „Попладне, во нашата проповед, ќе зборуваме за нешто единствено, за најголемиот скандал кој се случил во една голема и позната фамилија“. До попладне сите фамилии од градот расправале за тоа кој би можел да биде тој скандал. Која фамилија? Можеби фамилијата на претседателот на општината? Можеби градоначалникот? Можеби генералот? Попладнето Црквата се наполнила. Меѓутоа, луѓето не биле дојдени да ја слушнат проповедтта. Дошле да слушнат кој го предизвикал скандалот. Немале вистински интерес. Вие, меѓутоа, се уверив во тоа, ја имате таа заинтересираност. Токму поради тоа гледам дека секоја недела не само што не се намалуваме, туку и се умножуваме. Се радувам дека сте дошле да слушнете за една така важна тема.

Што е, значи, Црквата? Се сеќавате ли на блудниот син? Неговиот татко – таткото е Синот Божји, Христос – го видел својот син како заминува далеку, станува отпадник. Што направил? Од тој ден не можел да се смири. Не можел да се радува на ниедно свое добро. Излегувал надвор од селото, горе на ридот, и будно гледал, да не го види можеби својот син како се враќа. И кога еднаш го здогледал, истрчал и го прегрнал силно. Го одвел во својата куќа и таму го обезбедил. Тоа значи Црквата: Отецот наш не става во домот свој. Црквата е дом Божји, духовна институција, духовно престојувалиште, храм духовен кој нѐ обезбедува и спасува од гревот, од пропаст и смрт.
Да погледнеме уште една слика од приказната за изгубената овца која се одалечила од стадото. Пастирот ги оставил деведесет и деветте овци и целиот исполнет со грижа побрзал по засеците, се упатил кон оние опасни клисури и бездни, за да ја спаси својата овца. Постоело страв дека би можел еднаш засекогаш да ја изгуби. Кога ја нашол, ја донел здрава и неповредена на плеќите свои. Тоа е Црквата.

Христос ја зел целата овца, го зел целиот човек, целата човечка природа на Себе. Ние, свештениците носиме епитрахил кој го симболизира токму тоа дека Христос го подигна човекот на себе, го натовари, ги презеде гревовите негови и го спаси. Значи, Црквата наша е спасение наше, дом Божји, ковчег на спасението. Оној кој ќе излезе од Црквата, се губи, исчезнува. Црквата е стадо Христово. Надвор од стадото постојат „волци грабливци“, еретици, постои и демонот, постои гревот кој се заканува.
Koj e Христос? Царот. Црквата е Градот на големиот Цар, Новиот Ерусалим. Таа е Палата на големиот Цар, престол Негов. Црквата е Царство Божјо, кое бидејќи продолжува на Небесата, се нарекува и Царство Небесно. Црквата, тоа Тело Христово, ќе продолжи да живее вечно. Токму поради тоа Црквата, Царството Божјо и Царството Небесно се една и иста работа.

Да погледнеме уште една слика за Црквата. Црквата е пристаниште. Гледаш брод среде разбранувано море. Му се закануваат толку опасности и уште мноштво опасни непријатели, во старите времиња, секако, многу повеќе непријатели. Бродот влегува во пристаништето и е безбеден. Нема ни пирати ни бранови. Тоа е Црквата. Затоа еден свет отец на Црквата вели дека надвор од Црквата нема спасение. Дури и ако си добар христијанин, дури и ако си чесен, смирен и морален, дури и ако си великодушен, а не си верен член на Црквата, не учествуваш во нејзиниот Живот, сѐ е изгубено.
Затоа и Свети Златоуст, големиот отец на Црквата наша, оној светилник, му кажал на некој кој ја гонел и ја омаловажувал Црквата: „Не бегај далеку од Црквата, зашто не постои ништо посилно. Црквата е твојата надеж, спасение и прибежиште. Таа е повисока од небото и поширока од земјата“. Попостојана е од ридовите што ги гледаш околу себе. Нејзиното величие, нејзината слава и возвишеност големи се колку и славата, возвишеноста и величието на Самиот Христос.

Кога, значи, е создадена Црквата? Пред сите векови. Пред да настанат свездите и сонцето. Пред да се создаде светот. Црквата постои од секогаш зашто е Тело Христово, а Христос е севечен. Црквата постоела горе на небото, но еднаш, како што убаво ни кажува Откровението, слегла од небото и како некоја накитена невеста, дошла на земјата да се соедини со Женихот. Кога се случило тоа? Со овоплотувањето на Логосот се случило соединувањето на човекот со Бога. Значи, постоела Црквата, Телото Христово, и сега доаѓа и се соединува со човекот. Поради тоа еден од апостолските отци вели: Црквата е „создадена пред се друго… и за неа е создаден светот. За неа Бог го припреми светот. Ја направил така постојана, така сигурна, што дури и на неа да навалат сите сили на темнината, не ќе можат да ѝ нанесат никакво зло. Светот некогаш ќе остари. Цел ќе изумре. Ѕвездите ќе паднат, како што паѓаат лисјата во есен. Меѓутоа, на Црквата ништо нема да ѝ биде. Таа поседува младост што не венее. Таа може да се обновува и се обновува со благодатта на Светиот Дух, и на крајот, кога сѐ ќе исчезне, горе на небесата, само таа ќе блеска носејќи ја дијадемата на Божеството и со присуството свое и својата слава ќе ја исполнува вселената.

Црквата го соединува Бога со човекот, таа е значи Новиот Рај што Бог го создал. Го изгубивме земниот Рај и Он ни даде Рај кој нема крај туку продолжува во вековите.
Зошто нашата Црква го носи ова име? Затоа што именката εκκλησια (=Црква) произлегува од глаголот ἐκκαλῶ (=повикувам), а Црквата ги повикува сите свои деца, цел свет. Христос сака сиот свет да го одведе во Рајот, во своето стадо, во Црквата Своја.

Во Соломоновите Изреки се наведува дека Премудроста, значи Христос, ги пратил слугите свои и тие се искачиле на висок рид за да го повикаат сиот свет и да му кажат: „Дојдете овде, заедно со мене, сите кои сте безумни, сите кои сте неразумни, да јадете од лебовите мои и да пиете од виното мое“. Вие кои го немате разумот на светот, вие кои не размислувате како што размислува минливиот свет, вие кои ве сметаат за неразумни зашто поседувате божествен ум, сите вие, дојдете да се развеселите, да славите, да учествувате во Мојата Трпеза, да јадете од лебовите мои и да пиете од моето вино, вели Премудроста – Христос.

Што е лебот? Она што го храни човекот, символ на човечката природа, тоа е уште Премудрост, Христос, Тело Христово. А виното? Виното го символизира духовното питие, го символизира Светиот Дух. Дојдете, значи, вели Христос, толку да се опиете од Светиот Дух што да почуствувате изобилно незаситна желба, да се задлабочувате во општење со Мене.

Продолжува