Црквата – Тело Христово ✤ II дел

Архимандрит Емилијан
✤✣✤
Црквата – Тело Христово

✤✣✤

II дел

Да се задржиме, меѓутоа, на поимот Тело Христово. Треба да сфатиме дека сме Тело Христово. Веројатно повторувањето на овој израз веќе ве заморило, но мислам дека и вие на сличен начин се однесувате кон своите деца. Колку пати им повторувате да ги почитуваат таткото и мајката. Исто така, секој ден им давате да јадат леб, зашто нивниот организам има потреба од состојките во лебот. Исто бива и со нашиот духовен организам, кој треба да усвои одредени нешта, за да би можеме слободно да летаме на својот пат кон Христа.

Рековме дека сме Тело Христово. Што се случува во Црквата? Она што стана во Дева. Во Неа се случи овоплотувањето на Словото. Во Неа се соединија Бог и Човекот и се роди Христос, Богочовечката Личност. Христос произлезе од утробата на Богородица. Невестата Божја – Црквата – тоа истото го прави за нас: нè раѓа како христоси. Таа тајна на нашето станува од утробата, од пазувите на Црквата. Оној што се крштева, во купелот влегува како човек, а излегува како христос. Повторувам: „Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте“. Да се облечеш, значи да Го усвоиш Христа, да станеш христос. Значи, нашата Црква е таа која ја продолжува Тајната на раѓањето Христово. Христос со Своето раѓање, ја зеде на Себе човечката природа. Сега и јас лично треба да се соединам со Христа, влегувајќи во Црквата преку крштението.

Ќе додадеме уште еден пример од полето на театарот. На репертоарот е едно прекрасно театарско дело, единствено. Меѓутоа, сиромашни сте и немате влезница. Јас, кој сум преполн со добрина, кој ве љубам, одам и купувам влезници за сите вас и ви велам: „Дојдете да си ги земете своите влезници, платени се“. Ако не дојдеш да ја земеш влезницата од мене, можеш ли да влезеш во театарот? Не можеш. И покрај тоа што ја купив, ти треба да дојдеш да ја земеш. Тоа е делото што го извршува Црквата со помош на Светиот Дух. Христос со Своето раѓање на сите нас ни обезбеди влезници за во небесниот „театар“, каде што секој ја гледа Света Троица. Меѓутоа треба да имаш влезница за да ти биде допуштен влез. Тоа станува преку крштението, со кое земаш влезница зашто се соединуваш со Христа, стануваш едно со Него. Оттогаш па наваму рајот за тебе е отворен. Христос го направи тоа големо чудо дарувајќи ни ја на сите нас Својата Црква!

Меѓутоа, колку од нас ѝ припаѓаат на Црквата? Кој од нас претставува едно Тело? Не можеме да кажеме дека едната рака е моја, а другата не е. Мои се обете. Едно тело сум. Мојата глава, умот, рацете, нозете и срцето сочинуваат едно тело. Кои се, значи, рацете и нозете кои се соединуваат за да сочинат едно тело, многуценетото Тело Христово? Пред сè, тука е пречесното, сечесно, од Христа прославено тело на клирот, кое, носејќи црна риза, го подигнува својот крст во општеството и кое гледајќи го, многу луѓе реагираат со презир, или, пак, кажуваат омаловажувачки зборови. Меѓутоа, клирот во црквата има највозвишена положба. Тие се старешини, пастири.
После нив, следува народот кој се состои од монаси и лаици. Напред одат монасите. Тие се оние кои брзаат напред за да го придобијат венецот на непропадливоста. Тие кои бразаат да Го видат Христа. Красота, украс, убавина и слава на Црквата. Ти ја украсуваш својата куќа со прекрасни работи – и Христос ја украсува Црквата Своја. Монашкиот чин, монасите „со кои најповеќе се украсува Скинијата на Црквата“, со кои, превосходно се украсува Црквата Христова, се првина, значи првоизбран принос, мирис на благомирисен темјан, кој се изгига кон Престолот Христов. Монашкиот чин се состои од оние „кои за возвишеното се грижат и кои заедно кон Бога патешествуваат“. Монасите летаат како да имаат архангелски крилја. Летаат заедно со Бога и кон Бога. Тие се знаци на Божјото присуство во светот. Тешко нас ако манастирите се затворат. Тоа би значело дека не постојат души за кои Христос е сè. Подобро би било земјата да се отвори и сите да нè проголта. Подобро да се изгаснат ѕвездите. Подобро сонцето да падне од сводот небесен.

Зад монасите следуваат лаиците, борците и војниците Христови, кои непрестајно се борат во светот, војуваат со неговите бури и искушенија. Лаиците се деца Божји, чеда Христови, за кои Христос ја пролеа Својата крв и кои Он ги пази, секого поодделно, за непријателот да не грабне некого од нив.

Значи, клирот и народот, живите и упокоените, сите ја сочинуваат едната Црква. Со нас се прадедото, дедото, таткото, кои се упокоиле. Не се мртви. Едно тело се со нас. Едно тело со нас е и Свети Николај, кого денес го прославуваме, Пресвета Богородица, Свети Јован Крстител, Свети Јован Богослов, Света Варвара, Света Петка, сите Светии на Црквата, сите кои Го љубеле и прославувале Христа. Во нашата Црква се уште и Ангелите и Архангелите, кои ни се дадени да нè чуваат. Тука е и целата твар што Бог ја создаде за да ни служи.

Во Црквата се и грешниците. И грешниците? Секако, и грешниците. Бог нив никогаш не ги исклучува. Сè до нивниот последен час ги држи во Своето Тело, припоени кон Себе, за случајно да не ја изгубат надежта, и така победени од безнадежноста, да го изгубат венецот. И ти, кој си грешен, вели Христос, дете Мое си, дел од Моето Тело. Дете мое, биди храбар во борбата и ќе победиш. Ако сакаш, ќе ти дадам повеќе благодат, и на крајот, ќе бидеме заедно на Небото.

И Христос е во Црквата, бидејќи е главата. Меѓутоа, Христос не е Сам. Он е со Света Троица. Според тоа, во Црквата заедно со нас се соединети Отецот, Синот и Светиот Дух.
Сето ова го сочинува величествениот свет на Црквата. Кога се собираме, двајца, тројца, десетина луѓе и епископот или свештеникот што доаѓа во име на епископот, тогаш тука веќе е присутна целокупната Црква. Тука доаѓа Света Троица. св. Јован, Богородица, св. Никола, сите светии на Црквата, нашите предци, сите. Затоа, кога епископот влегува на тронот, неговото влегување го символизира Вознесението Христово Кој заедно со Себе го вознесува и човекот. Црквата никогаш не можеме да ја сфатиме, замислиме без епископот. „Каде што е епископот, таму е и Црквата“. Каде и да оди епископот, ние го следиме, како што пилињата ја следат квачката. Таму е Црквата. Таму е Христос. Таму е Света Троица.

Според тоа, Црквата е едно Тело, небесно и истовремено земно, невидливо и видливо, божествено и човечко. Телото Христово е едно таинствено Тело. Затоа, да го погледнеме сега значењето на Црквата на попрактичен начин.

Што е значи Црквата? Христос. Кој е Христос? Црквата. Некои велат: Кој Го видел Христа? Така зборуваат зашто го немаат умот Христов. Кога ја набљудуваш Црквата, наспроти себе Го гледаш Самиот Христос, Света Троица. Како што гледаш некого во очи и се гордееш со него велејќи: Тој е мој познајник, така биди сигурен дека кога ја гледаш Црквата собрана, како што сме собрани и ние сега, таму Го гледаш и Христос. За таа Црква е создаден светот. Христос нè повика и приведе во живот за да нè направи Свои членови и да можеме заедно со Него да славиме на тој вечен празник.

Меѓутоа, колку многу се оние кои ја гонат Црквата, кои ја омаловажуваат, кои ја ставаат под знак прашање! „Како знаеш дека тоа што го зборуваат поповите е вистина?“, ќе слушнеш како велат некои. Се сеќавам, во Пиреја, во близина на мојата родна куќа, на една девојка која често доаѓаше на веронаука. Во нејзините сини очи можеше да се види небесното пространство. Во една прилика, нејзината мајка отиде во Германија и кога се врати од таму – човек да не може да ја препознае. Со манија се насочи против ќерката со желба да ѝ го промени мислењето: „Слушај дете, тоа што го зборуваат во Црквата – тоа е за сиромашните, не е за нас“. Секако, и таа беше сиромашна, но бидејќи отиде во Германија и заработи некоја марка, си мислеше дека се збогатила. Секој ден ѝ се потсмеваше на ќерката. Еднаш додека оваа читаше евангелие, ѝ рече, потсмевајќи ѝ се: „Повторно зборуваш со поповите?“ Таа (Боже мој, како нè трпиш така малодушни, кукавици, ништожни), од срам го зеде Евангелието – како да го кажам ова, човек се ужаснува од тоа – и го фрли во ѓубре. Меѓутоа, Бог направи чудо. Некој друг го најде тоа Евангелие и тоа му беше повод да стане монах.

Се сеќавам на уште еден храбар човек. Патуваше со автомобил над провалии, држејќи во своите раце чесни мошти, свесен за тоа дека тие се богоносни, дека Го носат Светиот Дух. На една кривина дојде до несреќа и моштите паднаа во провалијата. Меѓутоа, тој свет човек веднаш се фрли по нив во амбисот за да ги спаси. Зошто? Затоа што беа соединети со Христа. И дали човекот се разби на парчиња? Не. Од провалијата излезе целосно здрав. Беше тој едно чесно, искрено, силно срце. Не можеше да се случи Христос да не благослови едно такво срце.

Значи, прво: Немаме право да ја срамиме Црквата. Треба да ја штитиме. Ако таа
исчезне, овој свет, со сите свои убавини, ќе стане темница. Ако не ја сакаш Црквата, ако таа не ти е вистинска мајка, никогаш нема да Го имаш Бог за Отец.

Второ: Црквата е Христос. Што е Христос? „Јас Сум, Патот, Вистината и Животот“. Според тоа, ако навистина сакаме да бидеме членови на Црквата, треба да бидеме на Патот, во Вистината и Животот. „Патот“, го означува христијанскиот живот, живот чист, оддалечен од гревот и страстите. Тоа значи дека нема да Го жртвуваш Бога Кого Го имаш во себеси, па колку и да те чини тоа. Повеќе ќе избереш да умреш отколку да згрешиш.

„Вистината“ – значи дека ја познаваме својата Црква, нејзините догмати, нејзиниот живот, животот на светиите. Дека изгревот на сонцето нè наоѓа во проучување не само на световните книги, туку и на Словото Божјо. „Животот“ (на Црквата) се нејзините Свети Тајни: Крштение, Покајание, Света Причест.

Трето: Црквата е Тело Христово. Ова значи, дека сите ние, бидејќи припаѓаме на телото на Црквата, не сме независни тела, туку нејзини членови. Јас сум едната рака, ти другата, ти си едното око, оној таму другото, секој од нас е некаков член. Затоа, другите не треба да ги гледаме рамнодушно и ладно, туку со многу љубов. Ме боли раката? Ќе боледувам. Значи, да гледаме на другите луѓе, како што во овој случај гледаме на својата рака. Да ги љубиме. Особено да ги сакаме сиромашните, намачените, вдовиците, сирачињата, болните на кои им сме потребни. И уште, да ги сакаме, да ги почитуваме, да ги цениме оние што ја бранат Црквата.

Така, сите заедно го градиме и унапредуваме Телото Христово. Како што се грижиме за своето тело, на ист начин треба да ги сакаме другите и да се грижиме за нив, за целата наша Црква. Треба да живееме за Црквата, за Црквата да зборуваме, за Црквата својата крв да ја пролеваме.

„Ревноста за Твојот дом ме изеде“, вели Пророк Давид. Да гори пламен во нас и да не ни дава мир. Тогаш и ние, исто како Псалмопевецот, кој додека влегуваше во Ерусалим за да Му се поклони на Бога и излегуваше од него, го гледаше храмот Божји и велеше: „Ако те заборавам Ерусалиме, нека се исуши десницата моја, нека се залепи јазикот мој за непцето мое“, би можеле да кажеме: „Ако те заборавам Цркво на мојот Христос, нека се залепи јазикот мој“. Со ревност во Црквата да Го бараме Христа. Да бидеме од оние кои едвај чекаат да дојде, „не осврнувајќи се на ништо минливо, туку само гледајќи кон небото“, како што вели св. Григориј Ниски. Како што оној што одејќи по патот не гледа ни лево ни десно, туку право, пред себеси, така и ние да гледаме пред себеси, во Бога, за нашите очи да се навикнат да Го гледаат и во светлина и во темнина. Тогаш ќе одиме по земјата, а со главите наши ќе го допираме небото. Ќе бидеме земни но истовремено и небесни. Луѓе и богови. Членови на Црквата Христова.

Би сакал и се молам за тоа Христос да се овоплоти во вас, да ви даде според срцата ваши, да ги исполни сите ваши молби и да го збогати вашиот живот. Не ви го велиме ова ние – сиромашните проповедници – туку Христос, Кој нè користи како Свои орудија. Он „совршената храна за нашата природа, Светиот Дух во Кого е животот“, нека ве храни. Он е тоа што ви е потребно, тоа што го сакате: Востановител на натпревари, и победнички венец, „Оној Кој го разделува наследството“, и „Кој е добро наследство“; „добар удел“ и „Оној Кој удел ти дарува “; „Оној Кој те збогатува“ и „самото богатство“; „Оној Кој укажува на ризницата и станува твоја ризница“. Он е Ветена Земја, мирно Пристаниште, вечно Царство и Слава, неописливо Блаженство, неискажлива и несогледлива убавина. „Божествената природа ни станува сè, наместо сè друго“.

Ви посакувам да ги слушате беседите на ангелите, да ги гледате хоровите на пророците, престолите на Апостолите. Да се насладувате со радоста на мачениците, веселието на преподобните и да учествувате во бескрајната и неискажлива слава на децата Божји.

Крај