Беседа за Божик 2013 лето Господово ✣ Архимандрит Партениј

Добро ни дојдовте сите во светата обител! Морам да ви признаам дека немам соодветни зборови да ја искажам радоста за денешниот голем празник, кој е митрополија на сите празници, а и радоста поради тоа што имав можност на бадниковата вечер да ве прегрнам сите, да ги видам вашите прекрасни лица, кои многу ми значат, сите оние на кои им сум духовник, а и оние што не ми се духовни чеда, зашто сите сме едно во Христа, сите сме Црква Божја. Кога ве прегрнував денес, јас всушност прегрнував дел од Црквата Божја во Македонија. Вечерва на браќата им раскажував за времето кога дојдов во манастир, заедно со сегашниот митрополит Брегалнички, г. Иларион. Кога наближи првиот Божик, ние премногу се радувавме на празникот, постојано созерцававме за него, но бевме тажни што немавме никој околу нас за да го прославиме заеднички, немаше народ. Малкуте верници што тогаш ги имаше, решија Христовото Рождество да си го прослават во своите парохиски цркви, а така и требаше, бидејќи и тие беа сосема малку на број. Се јавивме на луѓето во блиското село Ростуше и ги замоливме да ни дозволат да служиме во нивната црква за заедно со нив да ја споделиме божикната радост. Тие се согласија, но ни напомнаа дека долго време не виделе свештеник и немаат навика за служби во црква. Така, отидовме и служевме, но додека ние се молевме, тие си разговараа надвор од храмот, во трпезаријата. Колку тогаш ќе се радував да имав барем еден од вас покрај мене! Затоа денес, посебна радост ми е што на овој ден ве гледам во толкав број, срцето ми е исполнето со огромна љубов и не можам а да не помислам: Колку е голема љубовта Божја! На овој ден Он го прегрна целиот свет со Својата љубов, со Своето снисходење, кога слезе при луѓето и стана она што не беше, стана човек. Се роди во скромна пештера во Витлеем, а претходно девет месеци живееше во човечка утроба и не се згнаси од тоа – и сето тоа од преголема љубов за нас.

Сите ние во животот сме имале мигови, кога сме се радувале и восхитувале, гледајќи ги Божјите созданија.Така на пр., гледајќи навечер во небесниот свод, украсен со ѕвезди, се воодушевуваме како тие блескаат со трепетлива светлина и колку е чудесна месечината која управува со ноќта. Дење, пак, додека патуваме низ различните предели, се восхитуваме од прекрасните глетки и пејсажи, од планините раззеленети со прекрасни дрвја, од таинствената длабочина на океаните и убавината на реките… И секој човек, па и оној кој не верува, соочен со оваа убавина, се исполнува со некаква радост, неизмерна радост и восхит, а мудриот, пак, човек преку сета оваа прекрасно создадена твар лесно ќе Го спознае Творецот – Бога. Бог, како најголем Уметник и Творец на овој свет, откако со огромна љубов го создаде светот и така прекрасно го украси, на сето создание најпосле му го даде и највозвишениот украс – човекот. Токму тоа и се кажува во првата книга од Светото Писмо, каде стои дека Бог го создаде човекот по Својот образ и подобие и го постави за круна на целото создание. Гледајте, каква неискажлива љубов на Господа! Бог толку го возљуби човекот што го постави како господар на сe од Него создадено и му даде таква привилегија да ги именува животните, да му даде име на сe што Бог создаде во светот. Но му даде и нешто многу повеќе од тоа – Бог му го даде на човекот дарот да општи со Него. И сега, замислете, какво е чувството да се општи со Бога! Ако созданијата ни причинуваат толку голема радост, тогаш каква, пак, радост се чувствува, кога нашата душа ќе се сретне со Создателот! Но човекот, знаеме, ја прекрши единствената заповед, којашто му беше дадена и така ја изгуби заедицата со Бога, ја изгуби литургијата за која беше создаден, ја изгуби честа да се радува со Бога. А кога Адам го изгуби општењето со Бога, после сторениот грев, тој почна да чувствува страв од гласот Божји. И кога Бог го бараше во Рајот, како што читаме во Библијата, тој се исплаши и се сокри од Него. Прогонет од Рајот, човекот отиде во туѓа земја. Тогаш, за жал, сите земни созданија ја изгубија онаа првобитна благодат, зашто царот на творението, човекот, отпадна од својот Создател. Се нарушија и сите природни закони. Сепак, најжално беше тоа што, по падот, кога гревот влезе во светот, за човекот стана невозможно да се врати при Бога и повторно да општи со Него. Но семилостивиот Бог не го остави да страда, туку Го испрати Својот единороден Син, Кој стана човек, за човекот да стане бог по благодат, и така повторно да се воспостави прекрасната заедница помеѓу Бог и човекот.

Празниците Господови не се само едно сеќавање за одредени моменти од животот на Христа, туку тие ни отвораат порта за општење со Бога, преку светата Литургија. Зашто во таа светла Божикна ноќ, кога Бог се роди во пештерата – да искористиме тука една теолошка симболика – Он целиот свет го направи храм Божји. Според светиот отец наш Атанасиј Велики, и самата пештера во која Бог се роди од Пречистата Дева Марија, е своевидна Божја Црква, каде што Он е првосвештеник, а Пресвета Богородица, пак, е Негов престол. И бидејќи преку овој празник Божјата и човечката природа конечно се соединија, а Божјата природа е вечна и вечно соединета со човечката природа, така и ние на светата Литургија, причестувајќи се со Телото и Крвта Христова, се соединуваме со Бога, стануваме сотелесни со Него, со Оној, Кој го прими човечкото тело, го обожи и го направи вечно, совршено. Токму затоа постојано напоменуваме за тоа колку е важно честото причестување, колку е важно нашето редовно учество на светата Литургија, која не трае само таму во храмот, туку продолжува и надвор, во сите аспекти на нашето христоцентрично постоење. Кога ние на вистински начин општиме со Бога, причестувајќи се со Неговото Тело и Крвта, ние повторно стекнуваме подобие Божјо и ја исполнуваме до крај заповедта што Господ ни ја дал: Да ги љубиме ближните како себеси. Токму затоа во вас јас видов Црква Божја. Радувајте се што Бог ве повикал на вистински литургиски живот, ве направил соучесници во Неговата смрт и воскресението! Но тоа повлекува и голема одговорност, зашто ние, како вистински христијани, треба да светлиме со своите добри дела и да им го сведочиме Христа и на другите, кои се далеку, далеку од својот Создател. Тие се радуваат, гледајќи ги Неговите созданија, а можеби, Него Самиот не Го познаваат. Да им помогнеме со љубов да Го спознаат Најблагиот, најдобриот Уметник на сето создание што толку нe воодушевува.

Нека оваа рождественска ноќ Богомладенецот Христос се роди во нашите души и откако на Литургијата ќе се причестиме со светите и божествени Тајни, да го „изиграме“ Ирод, како што тоа го направија мудреците. Во Евангелието според Матеј се вели дека мудреците, откако се поклонија на Христа, на сон добија известување од ангел и го надмудрија Ирода, заминувајќи си по друг пат. Што значи ова: „да го изиграме“? Тоа значи да го надмудруваме ѓаволот, кој симболично го гледаме во Ирода, односно, откако ќе се причестиме и се соединиме со Христа и со тајната на Неговото вочовечување, да не се враќаме повторно на страстите, на телесните размислувања и на телесните желби, туку да го избереме патот на воздржанието, на љубовта, на смирението и така постојано да општиме со Христа. Бог нека ве благослови и нека ни дарува на сите сили постојано да го надмудруваме Ирод и да нe удостои на вистински начин да се соединуваме со Христа.

Уште еднаш ви благодарам што вечерва ги видов вашите озарени лица и Го молам Бога да ви даде голема благодат, та утрово, кога ќе заврши светата Литургија и се причестиме, да нe удостои со уште поголема радост и таа радост Христова да пребива во нас постојано, та да ја пренесуваме на сите околу нас. Вистинскиот христијанин е постојано радосен во Господа. А и како да не се радува, кога Бог ни го даде на дар најскапоценото, ја обожи нашата човечка природа, нe направи богови по благодат! Затоа, да се трудиме да ги избегнуваме стапиците на оној, што постојано се обидува да нe измами, вовлекувајќи нe во погубните страсти и да го впериме нашиот поглед кон Христа, Кој ни даде учество во вечниот живот.

Христос се роди!