Крстот и искуството на Крстот во православната црква ✤ III дел

Архимандрит Емилијан

✤✣✤
Крстот и искуството на Крстот во православната црква
✤✣✤

III дел

Еднаш, на „Воскресение“, ава Пахомиј ставил малку масло во јадењето, кое не се состоело од ништо друго, освен само од „иситнета сол“. Бидејќи било „Воскресение“, тој сакал со нешто, било што, да му олесни малку на својот старец, преподобниот Паламон. Кога старецот го забележал тоа, започна да плаче, велејќи: „Господ е распнат, а јас јадам масло?“ Длабоко во себе тој ја живеел тајната на Крстот и не можел да прифати ни малку масло што би му пружило некаква угодност. Колку многу работи има околу нас за кои би можеле да кажеме: „Господ е распнат, а јас го правам ова?“ Го немаме Господ распнатиот и воскреснатиот на ум, туку себеси и своето!

Но нека родителите, заради Крстот Господов, ја трпат секоја грижа, додека и самите не се најдат на небо заедно со сите светии, дочекувајќи Го Господа и поклонувајќи се на подножјето на нозете на нашиот Бог. Секоја мака што ја поднесуваме заради Бога, колку и да е мала, вели св. Исаак, поголема е од било кое дело кое бива без мака. Тој ова го вели за монасите, но истотото важи и за нас христијаните, заради долготрпеливата милост и снисходливоста на нашиот Господ.
Да видиме сега како Бог одговара на нашите секојдневни распнувања.

Господ, пред сѐ, ни дава сила за да можеме да притекнуваме кон Него. Ни помага во нашите маки и распнувања, па затоа стануваме лути лавови, способни заедно со Христа да го понесеме крстот на спасението. И не само тоа, туку божествената благодат и нѐ „одмара“ и на срцата наши им дарува блажена утеха. А таа утеха е толку поголема, доколку е тој подвиг наш, па ние Му го принесуваме на Бога, а не просто го среќаваме на својот пат.

Господ исто така им дава утеха на нашите души и тагата ја претвора во радостотворна тага, која како слатко вино го весели нашиот живот. Нам радостотворната тага што за еден светија е нешто избрано, нешто богодарувано, ни се дава лично, по мера на нашите потреби и онака како што ние можеме да ја доживееме во Црквата. На тој начин живееме предвкусувајќи го она што Господ ни го вети: „Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата“. Навистина, не постои човек кој се мачи и кој го упатува својот поглед кон Крстот Господов, а кој не ја стекнува таа радост. Во маките ги распространува нашите срца (Пс. 4, 1), за да можат да се подготвуваат за божествени посети. Постојат најдлабоки и најтаинствени Божји посети; постојат и оние со кои го посетува најсиромашниот и најгрешниот, и оној кој се наоѓа во дувлото на лавот, и во печката која гори од грев.

Поминуваш низ искушенија, низ тешкотии, вели св. Синклитикија? Како да си под температура. Не се грижи. Маките се претсобје на другата одаја. Која е таа одаја? Одајата за одмор на душата. Како што одиш во некој центар за релаксација за да го заборавиш својот замор и да можеш да продолжиш понатаму, така и Господ прво ја подготвува одајата за одмор на душите, предворјето на небесниот одмор, па после тоа ни дозволува да го земеме својот крст.

Ништо во светот не е случајно. Со животот наш и со сѐ во нашиот живот, управува Владиката Христос. Во болката и горчините наши, во пресрет ни доаѓа Светиот Дух и од нив изведува богодарувана радост. Често не го забележуваме Неговото присуство, зашто сме обземени со своите секојдневни грижи. Но, Он дишејќи каде што сака, дише и во нашите срца и ги освежува. Божествената утеха како балзам се излева на нас. Благодатта Божја слегува од небото и го преплавува нашиот живот. Колку повеќе се маките, толку повеќе се и посетите Божји, вели словото Божјо што секогаш го читаме во Црква. Но, да продолжиме понатаму.

На овој начин Бог нѐ зема за рака и нѐ води нагоре. Не Му е доволно само тоа да ни дарува духовни уживања и душевни олеснувања, туку нѐ прави и заедничари на светиите. Монахот во манастирот секој ден се занимава со светиите и живее со нив, а а што со оние се во светот? Како Господ со Својот Крст создаде едно стадо, стадо на Ангели и луѓе, за радост на небото и земјата! Така и ние преку крстот свој се прибројуваме кон тоа заедничко стадо, светлосјајната заедница на светиите. Светиите, кои имаат толкава љубов кон членовите на своето тело (Црквата), свртени се наклонуваат кон нас. Ние се молиме и ги спомнуваме и тие нѐ спомнуваат нас. Светиите повеќе се наклонуваат кон оној кој е во мака. Болката е средство што соединува со светиите, што нѐ прави нивни заедничари.

Оној кој се распнува изгледа како да живее на земјата, но всушност воскреснал и живее заедно со Бога на Небесата. Нашиот живот не е просто она што се гледа, туку сѐ што е сокриено, и што се сфаќа со помош на нашите таинствени сетила, или барем со вера во Светата Црква. Според тоа, оној кој се распнува живее со Бога, зашто Господ е Оној Кој се изобразува на Крстот и во маката наша. Господ е на небото, и ние се „издигнуваме на небото, стануваме жители на небото“. Стекнуваме многу искуства, иако сиромашни, но искуства што ги имале и Светиите. Тие со потешки маки, ние со полесни, тие што можеме да ги понесеме на себе.

Верникот кој страда, прима божествено просветлување и одблеснува. Во спротивно, како тој, доколку Бог таинствено не го поткрепувал, би можел да не се колеба и сопнува? Како би можел да верува во Бога Кого секој ден Го заборава? Како би можел да верува во Црквата, која ја гледа само како човечки организам? Како би можел да верува во Бога, кога оди да се причести и не чувствува ниту солзи во своите очи, ни трошка поимање во своето срце? Изгледаме како слепи, но Бог внатрешно непрестајно ни доаѓа и ни дава нешто од Себе. Кога во срцето на верниот народ не би било тоа таинствено пренесување на божествените својства, не знаеме дали тој народ некогаш би можел да преживее. Болката секогаш го привлекува погледот Божји.

И кој би можел да одрече дека заради болката се проштеваат дури и гревовите на верниот кој се мачи, и кој, изнемоштен од воздишки, на крајот стигнува пред лицето на свештеникот и ги исповеда, не толку своите гревови, колку неволјите низ кои секојдневно поминува? Се исповеда и очекуваш да ти каже за што се кае. А тој ти ја анализира својата болка, која е нешто минливо, човечко, нешто што ѝ припаѓа на човечката заедница. Би требало да не ѝ придава значење, да Му остави на Бога, но преокупиран е со болката, болка го распарува неговото срце.

Со болката Бог го зачнува и придобива човекот, зашто болката го допира човечкото срце, па Бог неа ја користи како јадица, која тоа срце го приведува кон Него. Така има можност, одејќи од болка во болка, да ја вкуси радоста над радостите. И неговиот живот, бидејќи осветуван, малку по малку напредува, бивајќи примен од Бога како еден духовен живот.

Се мачиме? Се грижиме? Небеста ни подготвуваат почести, Господ нѐ возведува во повисоко достоинство.

Господ, со Својата мудрост и со неограничената Своја љубов, не наоѓајќи ништо што е подвиг според нашите сили, за да би можел заради тоа да нѐ награди со Својот вечен живот, на уште еден начин го понижува Своето Величие, примајќи ги и најмалите делови на нашата болка и жртва, како подигање на Крстот Негов. Бог ги прима „двете лепти“ на болка, наместо милионите. А што да речеме ние? Велиме, како и св. Игнатиј Богоносец: „Нашата љубов е распната“. И јас живеам, само бивајќи распнат. Љубам, само бивајќи распнат.

Немојте да се жалиме и да Го обвинуваме Бога за сите неприлики, со кои во своето секојдневие се среќаваме. Имаме чувство дека Бог нѐ заборава, дека не нѐ слуша, не одговара на нашите молитви, ни испраќа сѐ нешто криво и наопаку. Но, не е така. Бог е еден добар кормилар кој таинствено нѐ следи, и напоредно со тоа ни остава сами да го управуваме кормилото на нашиот живот, зашто никогаш не прифаќа да ја укине нашата волја и да ја преземе нашата улога. А кога ќе види дека кормилото скршнува, Он го приграбува за да ја насочи нашата душа кон Себе. Секако, ние немаме духовни способности, туку своите гревови, кои нѐ понижуваат пред Бога; и додека сме така наведнати под бремето на гревот и додека нашите глави се наведнати, Господ ни доаѓа заради Својата голема долготрпеливост, зашто рацете Негови, кои на Крстот беа испружени и распнати, нѐ создале и обликувале. Беа испружени и раширени на Крстот, за да би можеле да нѐ прегрнат и опфатат нас, духовните просјаци. Гласот Негов се слуша низ вековите: „Земи нѐ како на орелски крилја и приведи нѐ кон Себеси“. Он со Своите очи се допира до нашите очи, поради тоа не можеме да Го видиме, со Својот здив се допира до нашиот здив, со Своето Чесно Тело се допира до нашето бескорисно тело. Како што св. Пророк Елисеј се спружи над мртвото тело (на детето) и телото го покри со своето – и Бог нам ни прави нешто слично на тоа. Таа постапка на Светиот Пророк го символизираше приближувањето Божјо кон нас и допирот Божји, кој непрестајно се продолжува.

Нѐ боли, и таа болка влијае врз нас. Меѓутоа, болката е крст, а Крстот е Самиот Бог.

Во текот на Великата Четириесетница особено се поклонуваме на Чесниот Крст. Да му се поклониме и умно, во срцата свои, кога страдаме. Да ја направиме болката своја, издигнувајќи ги очите и срацата свои кон небото, а тоа наше воздигнување нека биде нашата мала молитва кон Господа. Да ја побараме од Него милоста Негова. Он знае дека ни е потребна, и веќе е покрај нас, но ајде и ние да ја одиграме својата улога. Да зборуваме со Него во тој час и да Му кажеме, не како што некои велат: „Каде е Бог?“, туку: Господи мој, и Боже мој: Господи Исусе Христе, помилуј ме!“ Зар би можел ли да се посомневаш во тоа Господ не само што е близу, туку е и во тебе во мигот кога ги изговараш тие зборови? Зборовите излегуваат, а Он влегува во срцето.

Да Му пријдеме и ние, и во своето тело, напоено со Чесната Крв на нашиот Христос, допирајќи да ги најдеме Неговите рани, Него Кој ја привлече св. Марија Египетска, и Кој заради нас воскресна, та да ги вкусиме плодовите на Неговото славно Воскресение.