Да стекнеме едно топло, живо срце

Понекогаш се плашиме внимателно да ја сослушаме некоја личност, бидејќи да ислушаш некого значи и да одговориш, и не тоа само за една минутка додека срцето е проникнато со некоја минлива мисла – но засекогаш. На истиот оној начин на кој Христос одговори на човечката тага и на хоророт од лишеноста од Бога и постана човек засекогаш.

Не се спасуваме само со тоа што се бориме и успеваме да дојдеме до некој вид резултат, но се спасуваме и со тежнеењето на нашата душа што нѐ влече кон живиот Бог, со љубовта што нѐ влече кон Христос. И тогаш кога дури и не успеваме – ова важи и за човечките врски – не треба да забораваме дека точно онака како што светиот апостол Петар, откако се одрече од Христос, беше во состојба да одговори на тројното прашање Христово, можеме и ние да кажеме: „Господи, Ти знаеш сѐ, ја знаеш мојата болест, моите скршнувања, несигурноста, мојата непостојаност, но знаеш и дека те љубам, дека тоа е последното, најдлабокото нешто внатре во мене“.

Никој не може да љуби еден невидлив Бог доколку прво не научи да ја љуби специфичната, живата, реалната личност којашто ја има пред себе. Значи, пред да го поставиме прашањето како ќе стигнеме до Бога, ајде да се запрашаме самите себе си, кој е нашиот став кон нашиот ближен; ако нашето срце е ладно, претпазливо и затворено, ако дури и идејата дека нашиот ближен може да го побара срцето и нашиот живот нѐ плаши, тогаш не постои никаква причина да бараме логична врска со Бога. Прво треба да научиме како да стекнеме едно топло срце, едно живо срце, срце внимателно кон ближниот и тогаш, тоа срце, отворено, со неговата чистота ќе Го види Бога.

Љубовта не познава граници. Никогаш не е возможно да кажеме дека љубиме, дека секој поттик на срцето сме го направиле пракса, дека љубиме на начин совршен, бидејќи совршена љубов е онаа со која Христос ги засака Своите ученици. Онака како што би кажал светиот евангелист Јован (Јован 15,13): „Никој нема поголема љубов од оваа – да ја положи душата своја за своите пријатели“.

Пред да пробаме да живееме со љубовта како единствена основа, ајде да пробаме да живееме согласно со законот, да не ги занемаруваме апетитите на законот: праведноста и искреноста, сите апетити на природата што се однесуваат на врските помеѓу луѓето. Само во тој случај ќе биде возможно да стигнеме до еден таков раст, така што, имајќи напреднато над законот, ќе љубиме со сето наше срце, сета наша душа, со сета наша сила и сето наше битие, со нашиот живот и нашата смрт.

Божјата љубов е бесконечна, бескрајна длабочина и ги прегрнува сите. Тоа што може да се смени во оваа љубов, тоа е некое нејзино внатрешно својство: Бог може љубејќи да се радува или, поинаку, да ја плаќа цената на Неговата љубов распнат на Крстот.

Треба да гориме со целото наше битие, со умот и со срцето, со волјата и со телото и да станеме како несогорливата капина што ја видел Мојсеј како целата гори а не изгорува.

Само доколку човечката љубов е просветлена од божественото таинство, ќе престане да го троши материјалот од којшто се храни. Божествената љубов гори, секое едно битие го прави жив пламен, но не се храни од својот материјал: го уништува она што не може да ја живее вечноста, а пак она што останува, тоа е еден чист пламен кој го преобразува човекот во бог по благодат.


Извор: Антоний, митрополит Су́рожский, Проповеди: Триодь постная (часть II).