Во еден град во Австралија си живеел еден православен брачен пар со две деца, но за жал целото семејство било многу оддалечено од Христа. Мајката никогаш не одела во црква. Еднаш, на инсистирање на својата пријателка, двете отишле на служба во еден храм на денот на неговиот празник. Таа многу се израдувала кога видела дека пред црквата се продаваат икони и купила две – Христос за својот син, а Пресвета Богородица за својата ќерка. Кога дошла дома, ги ставила иконите во собите на своите деца.
Нејзиниот син бил во целост предаден на разврат и секоја ноќ се забавувал до зори. На ѕидот на неговата соба биле прикачени многу фотографии од голи познати личности. Меѓу нив мајката ја закачила и Христовата икона. Една ноќ синот имал силна главоболка и не излегол да се забавува. Заспал рано, но наеднаш се разбудил. Видел дека светлото во неговата соба е запалено и кај затворената врата од собата стоел некое високо полуголо суштество, со влакнеста кожа, големи нокти, одвратно на лик. Самата негова појава предизвикувала страв и одбојност. Тоа бил ѓаволот. Со див рапав глас тој му рекол на младиот човек: „Слушај ваму, сите желби ти ги исполнувам. Оној таму (и покажал на иконата од Христос), што ќе ти е Тој?“ Потоа му се приближил и му удрил шамар по лицето. Младичот само што не полудел од страв. Кога малку се соземал, тресејќи се тој истрчал во собата на своите родители и тука легнал меѓу нив, покривајќи се преку своето лице. Подоцна на своите родители им раскажал што му се случило. Едниот образ му бил потечен и помодрен од ударот.
Веднаш отишле во црквата и побарале помош од свештеникот. Токму од самиот свештеникот (Отец Х. К.) кој го видел со свои очи помодрениот образ на младичот и го слушнал од него настанот, ние и го добивме ова сведоштво.