Дали секој апсурд е апсурден? – II дел

Картагинскиот богослов Тертулијан го изрекол општо познатиот парадокс: „Верувам, бидејќи е апсурдно“. Овие зборови многу често се ползувани од нашите противници – луѓето кои не веруваат: како да спориме со верниците, тврдат тие, кога тие сами чесно си признаваат дека нивната вера е апсурдна, дека тие можат да веруваат во што било, да поверуваат во што било: во кружен квадрат, во чоколаден петел, во чајник што се врти околу сонцето (значаен пример на англискиот математичар и философ Б. Расел)… и уште во што ли не.

Но тврдењето на Тертулијан никако не е поврзано со тоа дека може да се верува во што било. Тертулијан се вознемирил од учењето на неговите современици еретици – гностици, кои барале Евангелието да се сфаќа алегориски, кои не верувале во вистинитоста на евангелските собитија, почнувајќи од безгрешното зачнување на Спасителот и завршувајќи со Воскресението и Вознесението на Господ наш Исус Христос. Тие велеле: „Тоа не може да биде, тоа се само некои алегориски слики, кои треба да се протолкуваат со помош на философијата“. Не, – инсистира Тертулијан – тоа навистина било, тоа се сѐ реални историски факти. Тие се покажуваат апсурдни од гледна точка на нашиот свет, но од гледна точка на божествениот свет, сѐ е поинаку. Нема смрт. За Бога сѐ е возможно. И кога ние читаме за Воскресението и Вознесението на Христос Богочовекот, во тоа ние треба вистински да поверуваме. Но, безусловно, човекот не може и не треба да верува во секакво апсурдно тврдење.
Меѓу верата и разумот има далеку покомплексни и потесни односи отколку што ни се чини на прв поглед. За тоа пишувале и богословите. Така, уште Блажени Августин, кого претходно го спомнавме, велел: „Не само што верувам за да сфатам, туку и сфаќам за да верувам“. Бидејќи ние нема да поверуваме во секаква глупост. Ние не веруваме дека квадратот е кружен, ние не веруваме во чоколадниот петел на некоја икс планета – исто така еден од омилените аргументи на современите атеисти. Ние веруваме само во тоа што може да ја помине нашата проверка со разумот. Ние веруваме во Бога, затоа што верата во Бога до одреден степен е разумна. Токму затоа и „сфаќам, за да верувам и верувам за да сфатам“, како што велел Блажени Августин.