Молитвата не треба да се остава, дури ни тогаш кога Господ долго време не ги исполнува нашите прозби

(Лекција за молитвата – како ќе се избавиме од секое искушение и ќе добиеме милост преку него)

Господ вели: И сѐ, што и да побарате во молитва со вера, ќе добиете (Мт. 21,22). Што значи тоа? Тоа значи дека молитвата, која се принесува со вера има голема моќ. Со што би можело тоа да се докаже? Еве што читаме во Прологот: „Силата на молитвата е голема“. Таа го сочува Јона во утробата на китот, таа го врати Езекиел од портата на смртта и го претвори огнот во роса за трите отроци во печката. А Ана, бивајќи неплодна, благодарение на молитвата го роди Самоил. Со молитва Даниил ги скроти лавовите, кои се раздразнија кон него“. Затоа, нема сомнеж дека молитвата, кога се принесува со вера, има голема моќ. Но, што од тоа следи?

Основниот заклучок е дека, ако се молиме со вера, не смееме да ја напуштиме молитвата дури и ако Господ понекогаш го одложува исполнувањето на нашите молби. А како обично се поставуваме себеси? Кога некој од нас го обзема тага или несреќа, му се молиме на Бога, но доколку не се избавиме, обично брзо престануваме да се молиме и се предаваме на малодушност и униние, па неволно паѓаме со духот. Но, дали смееме вака да се однесуваме? Воопшто не, затоа што слушни што препорачува Господ: „Ќе добиете“ не нешто, туку „сè што посакувате во својата молитва со вера“. Затоа, не треба да се смутуваме, доколку Господ, понекогаш долго не го исполнува она, за што го молиме: Он подобро од нас кога треба да ги исполни нашите барања и нема сомнеж дека ќе ги исполни. Во еден град, – учи Господ, – имаше судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше. Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: ‚Заштити ме од мојот противник!‘ Но тој за долго време нејќеше. Најпосле си рече во себе: ‚Иако од Бога не се бојам и од луѓето не се срамувам, но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа веќе и да не ми додева.‘ И рече Господ: »Чујте што зборува несправедливиот судија! Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави? Ви велам, ќе ги заштити набргу. (Лк. 18, 2-8). Од сето ова се учиме во молитвата да имаме трпение, како што и апостолот препорачува: Бидете постојани во молитвата, бидете бодри во неа со благодарност! (Кол. 4, 2). И на друго место: Со секаква молитва и просба молете (Еф. 6, 18). Воедно да се поучиме и на тоа дека мораме да се молиме, како што апостол Јаков препорачува: никако да не се сомневате (Јак. 1, 6), значи со цврста увереност дека нашите молитви Бог ќе ги услиша, дека ќе Го приклони увото Свое кон нив, дека ќе ги прими и дека поради Својата безгранична милосрдност нема ни нас да нè лиши од Својата изобилна милост.

Амин.


 

За православните војници, за тоа дека Бог им дарува победа над непријателите само на оние кои се бојат од Него

(Од житието на Светиот маченик Андреј Стратилат)

          Псалмопевецот вели: На коњската сила не гледа Он, ниту Му е мила брзината на човечките нозе. Господ ги почитува оние, кои се бојат од Него и кои се надеваат на Неговата милост. (Пс. 146, 10-11). Како треба да се сфатат овие зборови? Нивната смисла е во тоа дека Господ не пружа сила и моќ во битките на оние војници, кои се надеваат во снагата на своите коњи и во брзината на своите нозе, или едноставно кажано, кои целата своја надеж ја полагаат на самите себе, туку на оние, кои имаат страв Божји во срцата нивни и кои во вој поаѓаат со цврста вера во Бога, со усрдна молитва кон Него и надеж во помошта Негова. Сега ќе го поставиме следното прашање: Ако вака ги разбираме зборовите на Псалмопеецот, можеме ли да се увериме во вистинитоста нивна? Можеме ли да се убедиме во точноста на неговото тврдење дека во битките Господ помага само на богобојзливите војници, а не на оние, кои се надеваат исклучиво во својата сила? Да, знајте, христољубиви војници дека во сè тоа можеме да се увериме и сега тоа и ќе ви го докажеме.

Светиот маченик Андреј Стратилат служел како трибун (офицер) во римската војска, а неговата чета била стационирана во Сирија. Андреј, имајќи цврста вера и топла љубов кон Христа Бога, дење и ноќе му служеше на Спасителот со молитва и пост, избегнувајќи го секој грев и ревносно исполнувајќи ги Божјите заповеди. Затоа Господ му давал голема сила и храброст во битките. Никој од војниците и офицерите на римските полкови не можеше да се спореди со него во храброст: тој постигна многу славни победи, а со нив стана попознат од сите римски војсководците. Во една прилика се случи Сирија да биде нападната од Персијците. Сирискиот управник, Антиох, откако дозна дека нема непријателите кои напаѓаат им нема број, го повика Андреј кај себе и му рече вака: „Знам јас, а и царот знае за твојата необична и храброст и достојна за пофалба. Затоа сега те поставувам за врховен војсководец на целата римска војска за време на оваа војна и те назначувам ти да се бориш против Персијците. Во војската ќе бидеш на мое место; обиди се да се прославиш, повеќе од мене“. После тоа, Андреј го прифати  заповедувањето над римските трупи и тргна против непријателот. На едно место решил да се соочи со огромните трупи на Персијците, а неговите војници  ги обзеде ужас. Тогаш Андреј им рече: „Од што се плашите? Знајте дека Господ може да направи сè, дека брзо им помага на сите војници кои усрдно Му се молат, укрепувајќи ги во битките и одгонувајќи ги нивните противници далеку од нив. Еве, сега пред вас се персиските полкови, чија бројност надалеку ја надминуваа нашата; но не плашете се, ако сега, заедно со мене, го повикате Господа за помош, ќе видите како непријателите ќе исчезнат пред вас како што исчезнуваат чадот и прашината“. Војниците поверуваа на зборовите на Андреј, го повикаа Христа Господа на помош и тргнаа во битка. По голема и крвава борба, Персијците најпосле затреперија и побегнаа, а „римската војска на чело со Андреј“, – како што завршува повеста за овој настан, „почна да ги гони одзади и со мечови им ги отсекуваше главите, како што со срп  се жнее класје; така Римјаните постигнаа огромна победа со силата Христова“.

Сега сте навистина убедени, христољубиви војници, во вистинитоста на гореспоменатите зборови на Псалмопејачот, како и во тоа дека Господ не им дава сила и моќ на оние војници кои сета своја надеж ја полагаат во себе, туку на оние кои имаат страв Божји во своите срца и кои одат во борба, со цврста вера во Бога, со топла молитва кон Него и со несомнена надеж во Божјата помош. Каква поука можеш да извлечеш од ова? Најпрво, поуката е тоа дека, кога влегуваш во битка, угледај се на богобојазливите војници, а не на оние кои веруваат во сопствената сила. Така неизоставно мора да биде: зашто, кој им дава победа на војниците? Може ли човек да го направи тоа? Не, не е човек, туку Божја е победата (2 Мак. 13, 15). А во чии раце, ќе ве прашаме, е власта над нашите животи и смртта? Одговорот е само еден – исклучиво во рацете на Бога. Па, ако сето тоа е така, тогаш тргнувајте во битка сеќавајќи се дека Господовото благоволение е само во оние војници, кои се бојат од Него и кои затоа се вооружиле со вера, молитва и надеж. Ако постапувате така, Господ на силите ќе биде со вас, ќе ве заштити од непријателите и ќе ги потчини вашите нозе. Амин.