Го најдовме Рајот (прв дел)

            Стихирите што ги пееме пред самиот почеток на Великиот пост ја оплакуваат загубата на Рајот. Тие ни го прикажуваат ликот на Адам, лишен од облеката на славата што му беше исткаена од Бога. Во една од овие стихири, Адам, протеран од Рајот, започнува да тажи и извикува: „Нема повеќе да Го видам Господа, мојот Бог и Творец, бидејќи сега се враќам на земјата од која што бев земен. О Милостив и човекољубив Боже, биди Милостив кон мене, бидејќи сум паднат.“ Среде своето страдање, сепак, Адам не ни можеше да претпостави дека таков ужасен пад ќе се покаже како најголем благослов. Ќе му беше уште потешко да замисли дека штетата што ѝ ја нанесе на човечката природа ќе стане причина за неговите потомци да Го сретнат Бога на земјата и да Го гледаат повеќе отколку што Адам Го гледаше во Рајот.

Фреска: Изгонувањето на Адам и Ева од рајот

            Во православните манастири пред да започне било која служба, ние удираме во голема дрвена штица, наречена клепало, со ритам како да го изговараме името Адам. Двата слога од името „Адам“ претставуваат основен ритам со кој клепалото ритмички се удира: „ А-дам, А-дам, А-дам“. Удирајќи го клепалото на ваков начин, клисарот го повикува Адам дома од неговото долго прогонство. Тој всушност му најавува на целиот манастир, и на целата земја и на самото небо, дека вратите на Рајот, кои некогаш беа затворени, сега се отворени. Веќе огнен Херувим со разгорен меч не стои пред вратите, бранејќи го пристапот кон дрвото на животот (Битие 3,24). Наместо тоа, ангелот сега ги чува нашите души за да можеме да останеме внатре во Рајот.

Христос дрвото на животот

            Адам повеќе не тагува. Кога Христос слезе во царството на смртта и ѓаволот, Он им проповедаше на духовите затворени таму (1 Петар 3,19) и ги ослободи од нивните окови, кршејќи ги бакарните врати и раскинувајќи ги нивните железни брави (Псалм 106,16). Тогаш Он го подигна Адама и целиот човечки род и ги изведе во земниот и небесен Рај на Црквата, која што е многу посуптилен и попрекрасен од првиот.

            Во моите забелешки денес би сакал да се допрам до таинственоста на Рајот преку извесен број на пасуси од Светото Писмо и од Црковните отци. Истовремено би сакал да направам споредба помеѓу Рајот и животот на Црквата како што се живее во еден православен манастир.  Во манастирот не само што се гледа целата полнота на христијанскиот живот, туку тоа е исто така и место каде таквиот живот може да се живее со најголема едноставност и леснотија.

            Знаеме дека монаштвото е едно секојдневно и непрестајно собрание на Црквата, затоа, по видот и обликот, е олицотворение на Рајот. И ете како ќе ја започнеме нашата денешна тема, која нема да биде лесна, бидејќи ќе зборуваме за работи што се и човечки и Божествени. Од самиот почеток треба да сфатиме дека овие работи не се толку идеи и концепти, туку повеќе факти и настани, кои најдобро можат да се разберат со срцето. Ако сме само малку повнимателни, ќе ја почувствуваме вистината на овие нешта, бидејќи Светиот Дух е Оној Кој ги всадил во нашите срца.

(Продолжува…)