На благ начин да Го внесеме Христа во својот ум, изговарајќи ја Исусовата молитва

Старец Порфириј

На благ начин да Го внесеме Христа во својот ум, изговарајќи ја Исусовата молитва

✤✣✤

Умната молитва ја твори само оној кој ја стекнал благодатта Божја. Неа не треба да ја твориме со размислувања од типот „Ајде да ја научам, да ја усвојам, да ја достигнам“, оти тоа може да нѐ одведе во егоизам и гордост. Потребно е искуство, духовен копнеж, но не помалку и расудливост, внимание и трезвеност, за молитвата да биде чиста и богоугодна. Доволно е само една помисла „Сум напреднал“, па сѐ да пропадне. Зошто би се гордееле? Немаме ништо свое. Ова се чувствителни работи.

Молете се, но притоа не правете во својот ум слики. Не Го замислувајте Христа. Светите отци особено истакнувале дека молитвата треба да биде без било какви слики. Создавањето слики, по пат на замислување, води на лизгав терен, бидејќи отвора можност во сликата да се уфрли некаква друга глетка. Можно е, исто така и да се вмеша нечестивиот, па да ја загубиме благодатта.

Молитвата треба да ја твориме во себе, умствено, а не со уста, за да не се создава расеаност и умот да не талка ваму-таму. Треба на благ начин да Го внесеме Христа во својот ум, изговарајќи мирно и неусилено: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Не мислете на ништо друго освен на зборовите: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, на ништо друго, спокојно, со отворени очи, за да не паднете во опасност од фантазии и заблуди. Со внимание и преданост обраќајте Му се на Христа. Изговарајте ја молитвата благо, полека, неусилено. Притоа не кажувајте ја постојано, туку кога ќе сте расположени за неа и кога во вас постои атмосфера на умиление, која е дар на Божјата благодат. Без благодатта се подложувате себеси на автохиптноза, а би можеле да достигнете и до гледање на лажна светлина, до прелест односно самоизмама и душевно пореметување.

Молитвата не треба да ја кажуваме на сила, како товар и обврска. Принудувањето на молитва може да предизвика отпор во нас, да ни наштети. Многумина се разболеле, творејќи ја Исусовата молитва, бидејќи ја кажувале на сила, а тоа не е здраво… Не е потребен никаков напор кога во себе ја имаш божествената љубов. Каде и да се наоѓате, било да седите на столче, или на столица, било да сте во автомобил, било каде, секаде, било да одите по улица или сте во училиште, или во канцеларија на работа – секаде можете да ја изговарате молитвата со овие зборови: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“ и тоа благо, без притисок, без принудување.

Не се врзувајте за местото. Сѐ е во љубовта кон Христа. Ако вашата душа, со чувство на обожување на личноста Христова и со духовен копнеж кон Него, ги повторува овие пет зборови „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, тогаш таа ненаситно ќе ги повторува. Тоа се зборови од кои никогаш не можеме да се заситиме до крај. Кажувајте ги сиот свој живот. Тие кријат во себе толку многу духовни благодатни сокови.

Кога се молиме за другите, велиме:

„Господи Исусе Христе, помилуј ме“

Молете се за Црквата, за светот, за сите луѓе. Целото христијанство се содржи во молитвата Исусова. Ако се молите само за себе, тогаш тука се крие самољубие. Спротивно на тоа, ако се молите за Црквата, и вие сте во Црквата. Во Црквата Христос е соединет со Црквата, но и со Отецот и Светиот Дух. Света Троица и Црквата се хранат од едно. Вашиот стремеж треба да биде насочен кон тоа сиот свет да биде осветен, сите да бидат Христови. Тогаш влегувате во Црквата и доживувате рајска радост во Бога, бидејќи сета полнота на Божеството пребива во Црквата.

Сите сме едно Тело со Христа како Глава. Сите сме Црква. Нашата религија ја има во себе таа величествена особина – таа мисловно, духовно го обединува светот. Силата на молитвата е голема, многу голема, особено кога молитвата ја творат многу браќа. Во заедничката молитва сите се обединуваат. Да ги чувствуваме ближните свои како себе самите! Тоа е нашиот живот, нашата радост, нашето богатство. Сѐ е лесно во Христа. Христос е средиште, сите стремат кон средиштето и се соединуваат во еден дух и едно срце.

Нешто такво се случило на денот Педесетница. Кога сите во исто време и во ист простор, го слушаат Псалтирот и сѐ друго што се чита на Богослужбите, тогаш тие при слушањето се соединуваат со благодатта Божја, бидејќи она што го изговара чтецот, тоа сите го слушаат и сите во тоа учествуваат. Се умножува духовната сила на многумина, како да гледаат нешто убаво и како тоа да го гледаат сите заедно со копнеж. Е, тоа нивно гледање, кое се насочува на тоа убаво нешто, ги обединува едни со други. Како пример ќе го наведам избавувањето ан Ап. Петар од затворот: „… а Црквата усрдно се молеше на Бога за него“ (Дела, 12, 5). Таа молитва го ослободила Петар од затворските окови.