На благ начин да Го внесеме Христа во својот ум, изговарајќи ја Исусовата молитва ✤втор дел

Старец Порфириј

На благ начин да Го внесеме Христа во својот ум, изговарајќи ја Исусовата молитва
(втор дел)

✤✣✤

Љубовта, служењето на Бога, копнежот за Бога, соединувањето со Бога, соединувањето со Црквата – тоа е рај на земјата. Ако ја стекнеме божествената благодат, тогаш сѐ е лесно, радосно, и сѐ е благослов Божји. Ајде кажете ми некоја друга религија која човекот го прави толку совршен и среќен! Тешко нас, тешко нас што ни самите не ја сфаќаме величината на сопствената вера!

Кога имаме некаков проблем или, пак, некој друг има проблем, да побараме и од другите молитви, па сите заедно да повикаме кон Бога со вера и љубов. Бидете сигурно дека тие молитви Му се угодни на Бога и дека Он ќе дејствува и ќе прави чудеса. Тоа е нешто што не го сфаќаме баш многу добро. Го сфаќаме доста површно, па велиме: помоли се малку за мене.

Молете се повеќе за другите отколку за себе. Кажувајте ги зборовите: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, но секогаш имајте ги на ум и другите. Сите сме деца на ист Отец, сите сме едно. Затоа кога се молиме за другите, велиме: „Господи. Исусе, Христе, помилуј ме“, а не: „Помилуј ги“. На тој начин признаваме дека тие се заедно со нас.

Молитвата за други, творена благо и со љубов, е некористољубива и донесува голема духовна полза. Го облагодатува оној кој се моли, но го облагодатува и оној за кого тој се моли. Тоа значи дека ја привлекува благодатта Божја. Кога чувствувате голема љубов и кога таа љубов ве поттикнува на молитва, тогаш брановите на вашата љубов го заплискуваат оној за кого се молите и влијаат на него. Така вие околу него создавате заштитен оклоп и вршите влијание на него. Го водите по патот на доброто. А, гледајќи го вашиот труд, Бог штедро ја дава Својата благодат и вам и нему. Но притоа, вие треба да умрете за себе. Го разбирате ли ова?

Вие се жалостите кога другите не се добри, додека, всушност, би требало да се предадате на молитва за да би можело да се дојде до посакуваната цел со помош на благодатта Божја. Вие укажувате на доброто, потпирајќи се на својата мудрост, а тоа, всушност и не е баш толку правилно. Тајната е во нешто друго. Тајната не е во она што ќе го кажеме, или што ќе го советуваме на другите. Тајната е во нашата преданост и посветеност, во нашата молитва кон Бога за кај нашите браќа и сестри да завладее доброто, преку благодатта Божја. Во тоа е тајната. Она што ние не можеме да го направиме, ќе го направи Неговата благодат.

Во мојот живот првото место го зазема молитвата. Не се плашам од пеколот, ниту мислам на рајот. Само барам од Бога да се смилува на сиот свет, па и на мене…

Се молам за вас кога сте во тешкотии, но тоа не е доволно. Мојата молитва треба да наиде на одзив и од ваша страна. Бог, Кој ни ја испраќа Својата благодат, треба да ги затекне нашите раце раширени за прегратка, за да би можеле да ја примиме Неговата благодат. Понатаму, што и да допушти Он, ќе биде на наша душевна корист… Молете се за оние кои ве обвинуваат! Велете: „Господи, исусе Христе, помилуј ме“, а не „помилуј го“, па така со вашата молитва ќе биде опфатен и оној кој ве обвинува за нешто.

Се случува од некого да слушнете нешто што ве жалости? Бог си знае за тоа. Вие само раширете ги своите раце кон Бога, велејќи: „Господи. Исусе, Христе, помилуј ме!“ Направете вашиот ближен да биде едно со вас. Господ знае што го мачи во длабината на неговата душа, па гледајќи ја вашата љубов, ќе поита на помош. Он ги истражува најскриените желби на човечкото срце…

Молете се за очистување на секој човек, за со вашиот живот да го подражавате ангелскиот начин на живот. Навистина, ангелите не се молат за себе. Така и јас правам. Се молам за луѓето, за Црквата, за Телото на Црквата. Додека се молите за Црквата, истовремено се ослободувате од страстите. Додека Го славословите Бога, вашата душа омекнува и се осветува со Божествената благодат. Би сакал да се научите на оваа вештина.

Бог сада да се уподобиме на ангелите. Ангелите постојано Го славословат Бога. Славословието – тоа е нивната молитва. И само тоа. Многу деликатно нешто е Славословието. Тоа ја надминува човечката зададеност. Ние луѓето сме многу материјални и прилепени за земното. Поради тоа и Му се молиме на Бога користољубиво. Го молиме Он да ни ги среди нашите проблеми, добро да напредуваат нашите продавници, нашите бизниси, нашето здравје, нашите деца. Се молиме, меѓутоа, на човечки начин и во дух на користољубието.
Славословието, пак, е некористољубива молитва. Ангелите не се молат за нешто да добијат, тие се несебични. Бог и нам ни дал можност молитвата наша да биде трајно Славословие или ангелска молитва. Тука се крие големата тајна. Кога ќе навлеземе во таквата молитва, постојано ќе Го славиме Бога и сѐ ќе Му препуштаме Нему. Онака како што се моли Светата Црква наша: „… сиот свој живот на Христа Бога да го предадеме!“ Ова ви е „виша математика“ на нашата вера!