Преплавена од Божествената љубов, душата се исполнува со радост и восхит

Старец Порфириј:

Преплавена од Божествената љубов, душата се исполнува со радост и восхит

✤✣✤

Да Го возљубиме Христа! Тогаш од нас – проследено со нашиот копнеж, топлото чувство, љубовта – ќе оддекнува името Христово. Всушност ние Неговото име ќе го изговараме тајно, без зборови. Да стоиме пред Бога во став на обожување, смирено! Да одиме кон Него по трагите на Христа! И нека притоа Христос нѐ ослободи од секакво присуство на стариот човек во нас! Да Му се обраќаме Нему со молба пред молитвата да ни подари солзи! Но да внимаваме! Нека твојата левица не знае што прави десницата твоја. Молете се скрушено: „Зарем сум јас сум достоен да ми даруваш таква благодат, Христе мој?“ Тогаш солзите се претвораат во солзи на благодарност. Возбуден сум; не ја извршив волјата Божја, ама ја барам милоста Негова.

Молете се на Бога со копнеж и љубов, спокојно, со благост, кротко, без изнудувања. Додека ја изговарате молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, кажувајте ја полека, смерно, благо, следејќи ги овие зборови со топла љубов кон Бога. Името Христово изговарајте Го со духовна сладост. Зборовите кажувајте ги еден по еден: „Господи… Исусе… Христе…, помилуј ме“, благо, нежно, со љубов, молчејќи, тајно, во мислите, но со полет кон Бога ; со копнеж, со топла љубов, без напрегање, без присилување или неприлично нагласување, без душевен грч и самопринудување.

Како се изразува мајката која го љуби своето дете: Чедо мое!… Ќерќичке моја!… Екатеринче мое!… Миличко мое! Таа се изразува со копнеж и умилни зборови. Копнеж! Во тоа е целата тајна. Овде зборува срцето: Чедо мое, душо моја! Господи мој, Исусе мој, Исусе мој, Исусе мој!… Тоа што ти е во срцето и умот, тоа го изразуваш и со сето свое срце и со сета своја душа (спор. Лука 10, 27).

Понекогаш е добро молитвата Господи Исусе Христе да ја кажувате на глас, за да ја слушнат и вашите сетила, да ја слушне и вашето уво. Ние сме, имено, душа и тело. А душата и телото си влијаат меѓу себе.

Кога, меѓутоа, силно ќе Го засакаш Христа, повеќе се одлучуваш за молчење и умна молитва. Тогаш зборовите престануваат. Настанува внатрешно молчење, внатрешно тихување. Тоа му претходи на доаѓањето на божествената благодат, соединувањето со Бога и слевањето на душата со Божеството, а потоа го следи и оди по него. Кога ќе се најдеш во оваа состојба, зборовите се непотребни. Тоа е нешто што се доживува, нешто што не се објаснува. Само оној кој ја доживува оваа состојба, сфаќа што му се случува. Те преплавува чувство на љубов, те соеинува со Христа. Се исполнуваш со љубов и восхит, а со тоа покажуваш дека во себе имаш божествена љубов, совршена љубов. Божествената љубов е несебична, едноставна, вистинита.

Најсовршен начин на молитва е молитвата со молчење. Молитвено молчење. „Нека молчи секоја твар човечка…“ Тука се случува обожувањето. Во молчење, во тишина, во тајност. Тука се врши вистинското богослужење или обожување на Бога Вистинскиот. Меѓутоа, за да можете го доживеете ова, треба да достигнете одреден духовен степен. Тогаш зборовите ѝ отстапуваат место на безгласната молитва. Сетете се: „Нека молчи секое тело човечко…“ Овој начин на молитва, молитва во молчење, е најсовршен начин. Тогаш се обожуваш, влегуваш во тајните Божји. Ние не треба многу да зборуваме. Треба да ѝ допуштиме на благодатта Божја таа да зборува.

Ги изговарав зборовите: „Господи, Исусе Христе, помилиј ме“, и пред мене се отвораа нови видици. Од очите ми течеа солзи радосници, солзи на умиление, поради љубовта и крсната жртва Христова. Копнеж! Во него се крие вистинското величие, всушност – рајот. Бидејќи го љубиш Христа, ги кажуваш овие пет зборови на молитвата упатени Нему со копнеж, од срце, а потоа – зборовите постепено се губат. Срцето ти е толку полно, што доволно ти е да изговараш само еден збор: „Исусе мој!“, и толку. Остануваш без зборови. Љубовта подобро се изразува без зборови. Кога некоја душа вистински и потполно ќе Го возљуби Господа, таа повеќе го сака молчењето и умната молитва. Поплавата на божествената љубов му ја исполнува душата со радост и восхит…

Молчењето на срцето се јавува тогаш кога ништо не го одвлекува твоето внимание. Напротив, ти тогаш живееш сам, пред Бога Самиот. Бог е секаде присутен и сѐ исполнува. Се трудам да се издигнам до бесконечноста, до ѕвездите, но мојот ум тоне во величественоста на семоќта Божја, размислувајќи за далечините, кои се бројат со милиони светлосни години. За семоќниот Бог чувствувам дека е пред мене. Ги ширам рацете и ја отворам душата своја за да би се соединил со Него, за да се причестам со Божеството…