Трновскиот патријарх Герман II се обидел незаконски да присвои вистински патријаршиски привилегии, за кои како претстојател на средновековната Црква во Бугарија никогаш немал добиено право, и покрај високата титула „патријарх“, што ја добил од Великата Христова Црква на Константинопол. На тоа, Вселенскиот патријарх Калист I му одговара дека „бездруго, ако Константинополскиот престол има право да суди одново за веќе донесени пресуди, да уредува, да одлучува одново и да дава валидност на одлуките на останатите патријарси – Александриски, Антиохиски и Ерусалимски – како што заповедаат Божествените канони и сведочат актите, колку, пак, повеќе ѝ е претпоставен овој престол на Црквата на Бугарите, иако е таа почестена да се нарекува патријаршија?“[1].
Вселенскиот патријарх Лука I Хрисоверг, пак, го применува правото „да ги решава споровите што настануваат во другите [патријаршиски] престоли, да ги исправа и да им става крај на судовите“[2], кога ја поништува казната за расчинување на епископот Аматунтски Јован, донесена од страна на Кипарскиот архиепископ Јован и неговиот Синод.
Оваа древна пракса на Црквата, согласна со црковните канони, ја потврдуваат многу јасно и четворицата источни патријарси, Константинополскиот Дионисиј III, Александрискиот Пајсиј, Антиохискиот Макариј и Ерусалимскиот Нектариј во 1663 година, во Томосот со кој одговараат на дваесет и шест прашања што им биле поставени од клирот на Руската Црква.
На шестото прашање: „Дали на Константинополскиот престол му се припаѓа судењето на останатите Цркви и дали тој му става крај на секој црковен случај?“, тие одговориле дека: „Оваа привилегија му припаѓаше на Папата пред да се отцепи од соборната Црква, […] а откако се отцепи, случаите од сите Цркви се доставуваат до Константинополскиот престол и од него добиваат одлуки, зашто според каноните, тој има еднаква чест со стариот Рим“[3].
[1] Miklosisch et Müller, Acta Patriarchatus Constantinopolitani, Τόμος Ι, σελ. 438.
[2] Ματθαίου Βλάσταρη “Σύνταγμα κτλ… Στοιχεῖον ΙΙ”.
[3] Κανονικαί Διατάξεις” Μ. Γεδεών, Τόμος Ι, σελ. 341-346.