За значењето на свеќата

Зад палењето на свеќата се крие длабока символика. Светиот Симеон Солунски (+1429) ни кажува дека свеќата која ја палиме ги има овие значења:

– Ја символизира чистотата на нашата душа, зашто е направена од чист восок.

– Исто така и мекоста на душата, врз која можеме да напишеме било што.

– Уште и Божјата благодат, зашто восокот доаѓа од мирисни цветови.

– Обожувањето, кое треба да го достигнеме, зашто таа се пали со оган и го храни.

– И светлината Христова, која ја гори и осветлува темнината.

– На крај, љубовта и мирот, особини на секој христијанин, зашто додека гори, таа со својата светлина го просветува и утешува човекот кој е во темнина.

Палејќи свеќа треба да се сеќаваме дека треба да живееме во светлината која сме ја добиле со нашето крштевање. Затоа крштевањето уште се нарекува и просветување и за време на оваа Света тајна држиме запалена свеќа. Свеќата на крштението ја симболизира духовната светлина која ја прима новопросветениот и која треба да ја сведочи и покажува пред луѓето. Таа го символизира огнот на Светиот Дух, кој се пали во нашата душа секогаш кога учествуваме во Светата Литургија и се причестуваме. На крајот на секоја Света Литургија пееме: „Видовме вистинска светлина, Го примивме Духот небесен, ја најдовме верата вистинска, на неразделната Троица ѝ се поклонуваме, зашто Таа нè спаси нас“.

Свеќите се еден вид наш принос на Бога од материјалните добра, кои Он ни ги дава (Твои од Твоите, Тебе Ти принесуваме) и ја означуваат соединувачката сила на Светиот Дух, зашто се произведуваат, по правило, од чист восок, направен од пчела, која собира полен од најразлични цветови за да го произведе. Затоа нè потсетува и на работливоста на пчелите, но и на тоа дека го собира само доброто. Исто така, восокот го символизира и начинот на кој Огнот, односно Божеството, се соединува со душата и ја омекнува и просветлува и неа и оние кои се во нејзино опкружување.

Свеќата, горејќи ја просветлува околината. Така и совесниот христијанин, кога се жртвува за Божјата љубов ги просветува луѓето и им го покажува патот на спасението.

Секогаш кога верниот оди во Храмот, треба да запали свеќи за живите и за покојните. Палењето свеќа секогаш треба да биде проследено со молитва. За живите да бараме милост и заштита, а за покојните успокојување и спасение на душите.

Свеќите на погребот, гробот и поменот ја симболизираат светлината Христова, која се молиме да го просвети покојниот и да го упокои на место светло, блажено, каде нема тага, ниту воздишка, но живот бесконечен.

Полиелејот, пак, во храмот ја символизира небесната Црква, каде свеќите и кандилата ги претставуваат светителите. Затоа, во манастирите, во одредено време на богослужбата, полиелеите се нишаат, за да се покаже како и небесниот свет учествува во славењето на Бога.

Светиот Никодим Агиорит ги упатува верните да „палат свеќи за да Го слават Бога Кој е Светлина, како што пееме во Славословието: Слава Ти на Тебе, Кој ни ја покажа светлината...; да го разбијат мракот на ноќта и да го протераат стравот што темнината го носи; да ја покажат внатрешната радост на душата; да изразат почит кон Светиите на нашата вера, како што и првите христијани палеа свеќи на грбовите од мачениците; преку запалените свеќи да ги символизираат нашите добри дела, како што рекол Господ: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен! (Матеј 5,16) и како што гори запалената свеќа, така да согорат и нашите простени гревови, а и оние на ближните за кои се молиме“.

Светите Отци нѐ поучуваат, палејќи свеќи, да се трудиме да ги палиме со чисто срце. Заедно со нив да Му го принесеме на Бога и нашето воздржание од нечистотија и зло, за оваа вештествена светлина да стане реален одраз на невештествената светлина во нашиот живот.

Зошто палиме свеќа?

Светиот Николај Охридски, вели дека палиме свеќи бидејќи нашата вера е светлина. Светлината на свеќите нѐ потсетува на светлината со која Христос ги осветлува нашите души. Свеќите ни се потсетник за блескавиот лик на Светиите пред чија што икона ги палиме, оти Светиите се синови на Светлината (Јован 12,36; Лука 16,8). Разорени, тие ни се прекор за нашите мрачни дела, за нашите лоши помисли и желби, и поттик да се вратиме на патот на евангелската светлина. Палејќи свеќа пред лицето Божјо, Кој целосно се предаде на жртва за нас, ја изразуваме нашата скромна благодарност и светлозарна љубов за Него, Кому Му повикуваме во молитвите, просејќи здравје и спасение, и сѐ што Неговата неизмерна љубов обилно излева на нас. Запалената свеќа влева страв во злобните сили кои нѐ напаѓаат дури и кога сме на молитва. Силите на злото го љубат мракот и треперат пред секоја светлина, особено онаа запалената заради Бога. И исто како што свеќата се потчинува на нашата волја, така и нашите души нека горат со огнот на љубовта, потчинувајќи се на Божјата волја.

Запалената свеќа нѐ подучува дека како што таа не може да се запали без нашата рака, така и нашето внатрешно кандило не може да се запали без светиот оган на Божјата благодат. Искрата што го пали доаѓа од Бога.

Како што светлината му претходеше на сѐ создадено во светот: Господ рече: нека биде светлина! И би светлина, – така светлината да биде почеток и на нашиот духовен живот, пред сѐ друго, нека заблеска во нас светлината на Христовата вистина. Од неа ќе произлезе секое добро.