Како цар на тронот свој (I дел)

Знаеме, браќа мои, дека потполно сме ја искривиле смислата на зборот „човек“, бидејќи секој од нас ѝ припишува значење какво што му одговара. Сам Бог слезе на земјата и стана човек и од денешен ден (15 ноември почеток на Божикниот пост по нов стил), нѐ повикува да се подготвиме. Замислете си само што значи тоа некој од висините небесни да слезе на земјата! Разбирливо би било доколку оставаш некаква сиромашна куќа и одиш во богата куќа. Разбирливо е и доколку ја оставиш нивата своја и појдеш да студираш на Универзитет. Разбирливо е и доколку седнеш во авион и од земјата полеташ кон небото. Но тоа, Бог да ја остави Својата слава, ангелите, прегратката на Отецот и да слезе на земјата, е нешто пред кое мојата мисла запира кога и да посакам да размислувам за тоа. Бог да го направи тоа! Зошто?

Како што на Светата Литургија велиме: „Бог направил сѐ за да може човекот да го воздигне во Рајот, горе, на небото“. Но што е тој човек за кој Сам Христос се роди, се распна и воскресна? Кој е човекот за кого Самиот Христос на земјата стана роб, за да би можел него да го ослободи од ропство?

За да го разбереме ова ќе наведам еден пример. Некој млад човек сака да ја запознае девојката за која му зборувале. Но вечерта, непосредно пред таа средба, некаква соперничка фрла отров во лицето на таа девојка и ја нагрдува, уништува. Кога тој млад човек ќе дојде во посета би требало да му се покаже некаква нејзина фотографија за да би можел да сфати какво било нејзиното лице пред несреќата. Токму тоа се случило и со човекот. Неговиот лик се помрачил, и тој веќе не е онаков каков што Бог го создал. Кој е човекот што Бог го создал? Тоа ќе го видиме денес.

Бог создаде сѐ пред да го создаде човекот. Создаде небеса, ѕвезди, галаксии, планини, мориња, цвеќиња, и сите други „убавини земни“. Човекот го создаде последен за да го направи цар над сето тоа создание. И како што тоа многу убаво го кажува Св. Јован Златоуст: „Како што на небото никој не е повозвишен од Бога, така ни на земјата никој не е повозвишен од човекот“. Како што горе на небото, вели тој, не постои никој повозвишен од Бога, токму така ни на земјата очите твои не ќе сретнат ништо повозвишено од човекот. Барај насекаде, по пештерите, во длабочините морски, на високите планини, појди и со вселенски брод до планетите и безбројните ѕвезди: не ќе најдеш ништо поубаво и повозвишено од човекот. Тој е царот, а сето останато создадено од Бога му служи како престол.

Човекот е круна, венец на сета твар. Тој е над небото, над сонцето, над секоја ѕвезда. Тој е, како што вели Св. Златоуст, „најскапоцено од сѐ што гледаме“. Човекот е сѐ она највозвишеното и најскапоценото што може да се замисли. Сакајќи да ја изрази таа смисла, псалмопевецот нѐ прашува: „Што е најпосле човекот, та Христос непрестајно мисли на него?“ (спор. Псалм, 8, 5) Што е тоа човек та сѐ небесно, сецелата Света Троица се наведнува над него, онака како што мајката се наведнува над своето дете? Да видиме како Самиот Бог размислува за човекот, да видиме што вели Светото Писмо.

Се сеќавате ли дека при создавањето, Отецот, со Синот, и Светиот Дух направи совет: Седнаа да се договорат како посилно, помудро, поубаво да го создадат човекот. „Да создадеме човек по образот и подобието наше“, им рече Бог Отец на останатите Ипостаси, а потоа „земајќи прав од земјата“, значи откако зеде малку земја, со Своите Божествени раце го создаде човекот „и му дувна во лицето Дух животен“. Онаа земја ја претвори во „жива душа“. Што значи тоа? Додека од една страна Бог создаде сѐ Сам со Своето слово, од друга страна, кога беше создаван човекот – се собра Света Троица. На тој начин Он ја покажа Својата особена грижа за човекот, како и човековото величие.

„Му дувна Дух“. Има ли Бог уста, има ли здив? Тоа се човечки поими кои ја означуваат енергијата на Светиот Дух, дека Самиот Свет Дух му пријде на човекот богосоздадениот човек, и му даде бесмртна душа. Според тоа, човекот е земја, но под дејството на енергиите на Светиот Дух е и бесмртен, разумен и духовен. Светиот Дух дејствувал на него, како суштина и како енергија. Што значи тоа?

Сонцето е суштина и енергија. Сонцето како енергија дава светлина и затоплува. Ако тоа престане да ме осветлува и затоплува, ќе замрзнам и ќе ослепам. Ако, пак, сонцето згасне, ако сонцето престане да постои како суштина, јас ќе умрам и сѐ останато ќе исчезне. Истото бива и со Духот Свет. Човекот е со две природи. Тело и душа. Светиот Дух ги врзува, држи заедно и оживува тие два елементи на човекот. Ако Светиот Дух само за миг го напушти човекот, човекот ќе згасне: „Им го одземеш ли Духот Свој, умираат и земјата своја се враќаат“, вели Светото Писмо. Значи ќе замре душата негова. Ќе биде само еден смртник; ќе изгледа како да е жив, додека всушност ќе живее лажен живот.

(Продолжува)