Како цар на тронот свој (II дел)

Што е значи човекот? Човечко и божествено битие. Она што е и Самиот Христос, значи човек и Бог. Човекот е создаден „по образ Божји“. Создаден е како пропадлив по тело, но со бесмртен елемент – душата, која од Светиот Дух непрестајно добива и стекнува живот. Тој е прашина, но и дух, видлив и невидлив, минлив и бесмртен, земен и небесен, „оној кој се допира до Бога“, како што вели Св. Григориј Богослов. Значи непрестајно се допира до Бога, заедничари со Бога, непрестајно се меша со Бога.

Гледате ли што е човекот! Бог, боголик. Има божествена и човечка природа, но не е создаден како совршен. Бог го создал според Својот „образ и подобие“, значи онаков каков што е и Он Самиот. Го создал како бог и му подарил две свои особини: ум и слобода. Да немаше човекот ум, ќе беше животно. Да немаше слобода, не би бил човечко и божествено битие. Бог му ги дал тие два елементи, како и со-постоењето со Духот Свети, за да стане сличен на Бога. Како што кога ќе запалиме оган можеме да се приближиме малку за повеќе да се стоплиме, како што кога имаме некаков текст се приближуваме до светлината за подобро да го прочитаме, така и душата своја можеме сѐ повеќе да ја приближуваме до Бога, за таа да може сѐ повеќе да личи на Него.

За да се случи тоа, потребен е голем труд, зашто како што вели еден руски писател, само со голем труд Го пронаоѓаш Бога, и само со голем труд Го задржуваш. За да стигнеш до тоа „по подобие“, односно до тоа непрестајно да стануваш сѐ посовршен бог, треба да страдаш и да се жртвуваш во животот. Поради тоа Светото Писмо борбата на христијаните ја нарекува „мака“, користејќи го изразот „ќе се намачиме и породиме“ (Исаија 26, 17 – 18). Како што жената при породувањето трпи болка, така и ти ќе трпиш болка ако сакаш сѐ повеќе во себе да Го раѓаш Бога. За Бог да стане твој личен Бог, Господ твој, Цар твој, треба да се жртвуваш, да поднесуваш болка. Треба да минеш низ болката за да стекнеш поголема доблест. Но како можеш да знаеш што ќе биде тоа што ќе треба да го принесеш на Бога?

Еднаш еден мој пријател, којшто доаѓаше од комунистичка држава, ми ја раскажа животната приказна на некој професор на Универзитетот што предавал историја и философија. Тој едно утро на своето биро затекнал документ со кој го известувале дека му се забранува на Универзитетот да се изјаснува како христијанин. Никогаш повеќе не отишол на факултет. Писмено побарал да ја примат неговата оставка. Го барале и го нашле во некаков рудник во работничка облека. Избрал да ја жртвува својата професија, но не и својот Бог. Којзнае колку може да нѐ чини тоа што сме христијани! Којзнае колку Бог може утре да побара од нас! „По подобие“ значи дека сум спремен, доколку е тоа неопходно, капка по капка да ја пролеам дури и целата своја крв.

„Некои ме прашуваат“, вели мудриот Паскал, „зошто ти меѓу сите религии веруваш во вистинитата религија, Христијанството. А јас одговарам: затоа што Христијанството има маченици“. Вистинската вера е онаа вера која има маченици, луѓе кои се спремни да ја исповедаат својата вера во Бога. Тоа е смислата на она „по подобие“. Но како се постигнува тоа?

Да видиме каков бил човекот во рајот. Поседувал ум и слобода, но и неколку дарови на кои требало да работи. Навистина со каква величественост Бог го создал човекот, а на кое ниво се спуштил човекот со својата волја!

Најпрвин, Бог на човекот му дал телесна бестрасност. Бог го создал човекот бестрастен. Човекот не знаел за маки, пот, грижи, не гладувал, ни боледувал, ниту му било ладно. Неговиот живот бил рајски. Имал уште и полова бестрасност, живеел како што живеат ангелите, не чувствувал болка, ниту наслада. Човекот бил некој кој непрестајно се вдлабочува во Бога. А сега, ако погледнеш околу себе, ќе најдеш болка, несреќа, болести, смрт.

Второ, човекот бил без грев. Да сакал, можел да не згреши. Ќе ви наведам еден пример за да сфатите што значи тоа. Ми доаѓаш ти кој вчера ме имаше обвинето, а јас сакам да ти покажам љубов. Меѓутоа, наеднаш во мене внатре се буди некаква омраза која ме наведува да си речам: „Остави го“. Кај првосоздадениот немало желба за грев, немало страсти и слабости. Да сакал, можел да остане безгрешен, какви што се, дури и денес, толку многу Светии на Црквата наша.

Трето, Бог на човекот му подарил бесмртност: значи, доколку човекот не згрешеше по своја волја, тој никогаш немаше да умре, без разлика на тоа што имаше материјално тело, зашто Светиот Дух беше со него. Кај Светиите на нашата Црква, кои доброволно и со извесна сила го предаваат духот свој на Бога, среќаваме траги од овој дар Божји. Тие знаат кога ќе се упокојат. Колку такви приказни постојат во историјата на нашите Светии!

Четврто, Бог го направил човекот цар. Му дал власт. Тој владеел со животните, лавовите, дивите мачки, тигрите. Сѐ му се покорувало на човекот: ветровите, морето, природните појави. Тој бил единствениот цар, единствениот владетел на светот. Со еден потег, со едно движење управувал со целата природа. Можел да му рече на дивиот ѕвер „седи овде“ и тој би седнал.

Петто, многу велат дека човекот некогаш не бил умен, дека немал знаење и дека малку по малку го стекнал. Но Светото Писмо и нашата Црква велат дека човекот бил создаден мудар, со многу знаење, особено со богопознание. Тој добро Го познавал Бога, бидејќи Го гледал, допирал, разговарал со Него. Бог бил неговиот личен Учител.

Шесто, животот човечки бил полн со радост, умилност и слава. Човекот имал светлина во очите и радост на усните свои. Ништо не му недостасувало бидејќи ја имал и оваа, последна и најважна особина, како клуч со кој се решаваат сите проблеми на нашиот живот.

Седмо, човекот имал непрестајна заедница со Бога и смелост пред Него. Првосоздадениот живеел како оној Светија во Стариот Завет кој Го сретнал Бога на пат, Му се поклонил, разговарал со Него, а кога го завршиле разговорот се вратил во својот дом. Додека, како што вели Светиот Златоуст, Ангелите трепереле, додека Херувимите и Серафимите не се ни осмелувале да Го погледнат Бога, човекот со Него „разговарал како пријател со пријател“. Како што ние пријателите меѓусебно разговараме, така и човекот разговарал со Бога. Бог бил предмет на размислување на првосоздадениот човек, светлина на неговите очи, копнеж на неговото срце. Бог бил неговиот другар, неговата радост. Он му давал храброст и сигурност во животот. „Заедницата со Бога“, вели Св. Иринеј, „е живот и светлина и уживање во добрата негови“. Божјата присутност на првосоздадениот му давала сѐ. Како што ние ни во еден миг не можеме да го замислиме своето срце без крв, своите бели дробови без воздух, така човекот во рајот ни за миг не можел да се замисли себеси без Бога.

(Продолжува)