При мојата прва посета на Старец Пајсиј бев со мојот брат. Тоа беше нашиот прв разговор со него и јас го гледав со восхит и стравопочит. Нè праша: „Со што се занимавате момци? “, ние одговоривме „Физичари сме“. Тој продолжи: „Може ли да ви кажам една тајна? Дали добро ја познавате физиката?“ Начинот на кој го кажа ова нѐ преплаши дека можеби тој ќе покаже поголемо знаење од нас, па затоа рековме „Ние сме само студенти по физика“. Тој праша: „Дали знаете за цепењето на вашиот атом?“ „Што е тоа?“, се зачудивме ние. Тогаш ни рече: „Дозволете ми да ви откријам. Ако човек не го расцепи својот атом, нема да се ослободи енергија за тој да може да тргне по духовната траекторија и да се ослободи“. Тука ќе се обидам да го парафразирам она што го кажа Старец Пајсиј, користејќи физички термини: значи, ако не го расцепиш твојот атом, нема да може да се ослободи енергијата за да се достигне втората космичка брзина. На ваков начин би го рекле тоа во физиката и всушност тоа е она што го прави ракетата, на пример. Старецот ни го кажа истото ова – но на толку прекрасен, едноставен начин со обични зборови. Треба да го расцепиш својот атом и да достигнеш космичка брзина за да можеш да заминеш, да бидеш ослободен. Нешто подоцна во еден момент од разговорот ни рече: „Момци, ќе ви кажам директно, духовниот живот е лесен. „Бидејќи јаремот мој е благ и бремето мое е лесно“, вели Христос. Тогаш мојот брат одговори: „Но, мала е вратата и тесен е патот… Старецот се насмевна. „Дебелината е проблем“, додаде тој. „Ако дебелината те напушти тогаш ќе станеш тенок и ќе може да те собере на тесниот пат…“ А што подразбираше тој под зборот „дебелина“? Егоизмот, нашите страсти и особено надменоста на умот. Односно, мислењето што некој си го има за себеси дека може да разбере сѐ, може да направи сѐ – јас сум моќен – тоа е, за жал, трендот на ова наше време. Пред повеќе години бев на една голема прослава на институтот што се грижи за деца со срцева мана. Беа присутни претседателот на Демократската партија, Архиепископот, доктори, други важни луѓе, имаше видеобим, навистина голема прослава. Ни еднаш за целото време додека траеше настанот, не го слушнав зборот „Бог“. Ние можеме, ние ќе го победиме ракот, ние ова, ние она, ние, ние, ние… Застани, чекај малку… што тоа си замислуваш дека ќе постигнеш?
Во такви мигови излегува на површина она грдото што постои во нас кои веруваме во сопствените сили, имено мотото – биди храбар сега и овде. Не! Ниту треба да се потпираме на сопствените сили, ниту да бараме „сега и овде“… Кога некој стекнал способности и сили преку духовниот живот, тоа е „секаде и секогаш“. Така живее Црквата, така марширала напред со години. Тоа е пораката што таа секогаш ја пренесувала низ историјата и која стигнала и до денешно време, време кое произведува глупав атеизам, односно малоумно сфаќање дека Господ не е потребен. Затоа постои таа константна потреба човекот да се истакне, да постигне нешто големо и важно. Но, најспектакуларното нешто, најголемото достигнување човечко е да го надмине светот, да ја разбие неговата логика, да го расцепи својот атом, како што рече Св. Пајсиј, да тргне по духовната траекторија, да ја достигне енергијата што му е потребна, да ја достигне космичката брзина, да помине низ пукнатината на логиката и да влезе во просторот на верата, за таму да ги живее тајните Божји и да благодари „сега и секогаш и во веки веков“.