Мир на твојата душа мајко П.!
Речиси сите сме биле во човечка ситуација, која гледа слика со раскошна гозба, маса со поставени јадења, но останува гладен. Така ние го читаме Светото Писмо и кажувањата на светите отци, така во многу случаи се молиме – со јазикот изговараме зборови од туѓи молитви, а душата ни останува гладна, слаба, подготвена да умре без храна.
Кога ќе дојде времето за испитување на нашата вера, се покажува дека немаме ништо, нашиот талант не донел никаква корист, па дури и полошо од тоа: од Бога даруваниот талант не можеме да го вратиме, зашто како блудниот син го трошиме во гревовите и во животните суети, па дури и други подучуваме на истото. За жалење сме ние луѓето!
Што ни преостанува да правиме? Да го послушаме нашиот Спасител Исус Христос! Ти прашуваш како треба да се молиш? Господ Исус Христос ни говори на сите нас: молете се како цариникот, угодувај Му на Господа како вдовица кон неправеден судија. Господ повторно нè учи: познај ја својата ништожност, својот неисплатлив долг, признај ја и почувствувај ја својата вина пред Господа, заборави ги сите свои добри дела (добри дела немаме како нешто свое, а ако нешто имаме, тогаш тоа се дела извалкани со разни нечисти примеси – суета, гордост, користољубие и сл.) и како должникот што не може да го исплати својот долг, како блудниот син моли од Господа милост, поточно прошка за сите свои беззаконија. Не моли се за ништо друго, туку барај само помилување. Кога човекот ќе почувствува со срцето дека целата негова лепрозна душа е во рани, која сам не може да ја излечи, кога ќе се види како лепрозен, немоќен себеси да се излечи, и кога пред очите ќе „застанат“ смртта и митарствата – тогаш останува само една надеж, едно прибежиште – Спасителот наш Господ Исус Христос! Досега Тој беше далеку од нас, поточно ние бевме далеку од Него, а сега Тој е единствениот Спасител, Кој од Небесата слегол нас да нè спаси и ги земал нашите гревови место нас, претрпел последици од нашите гревови, ги покрил со Својата љубов нашите безаконија, ни ветил само нам, ако имаме вера во Него и покајание – дека сè ќе ни прости, ќе ги очисти телото и душата наша и ќе ги соедини грешниците кои се каат со Себе во Светата тајна Причест уште овде на земјата, како залог за вечно соединување со Него во идниот живот, и дека ќе нè направи синови на Својот Отец, а преку тоа, учесници на вечната Божја слава и на блаженствата. Ете во што се состои христијанството! Ете што е Божјата љубов, Божјата милост кон паднатиот род човечки. Големата грижа, вечната грижа на совеста е црв кој не умира и неизгаслив оган во срцето, неизгаслив за оние кои ја презираат Божјата љубов и кои нема да платат полна цена како Божја жртва за нас. Нека молчи секоја човечка плот, нека стои во страв и трепет пред Крстот Христов, пред љубовта Божја, која го повикува секој грешник на спасение преку вера и покајание. Господ Исус Христос дошол, не да му суди на светот кој пропаѓа во гревови, туку да го спаси. Покајте се, зашто се приближи Царството Божјо!
Грешници, станете свесни за својата пропаст, за својата вина пред Бога, не барајте оправдување поради своите добри дела. Познајте ја својата слабост и немоќ да се избавите од своите гревови, минати, сегашни или идни. Молете Го Единиот Семоќен, Единиот Милостив, Единиот Спасител Господ и Тој ќе ви прости, ќе ве очисти, ќе ве повика за Свои, ќе ја олесни нашата неволја, ќе го истера очајот, ќе нè избави од митарствата и ќе нè воведе, како разбојниците, блудниците и останатите грешници, во Своето вечно Царство… Амин.
Извадок од книгата: Игумен Никон Воробјов, Со трпение спасувајте ги своите души, Скопје 2011, стр. 115-116