Во денешно време, многу често се среќаваме со апатични адолесценти, кои немаат ниту желба, ни иницијатива да живеат самостојно, и да постигнат нешто за сопствената иднина. Тоа главно се случува „благодарение“ на чувството на безначајност, на несигурност во себеси и беспомошност, кое во детската душа е насадено од страна на родителите, наставниците и останатите возрасни луѓе. Создавајќи една посебна психолошка атмосфера околу децата, тие често ги лишуваат од верата во себеси, во сопствената сила и во луѓето, и со тоа не можат да им ја пренесат љубовта и верата во Бога, зашто и самите ја немаат. Само доколку вистински Го засакаат Бога, можат вистински да ги засакаат и своите деца. Децата, пак, доколку ја имаат во себеси таа љубов Божја, можат вистински да ги почитуваат своите родители. Детската душа треба да се придвижува во решителноста, верата и вдахновеноста, кои се толку многу потребни за смело чекорење кон иднината. Тие забележуваат дека нивните родители се прогласуваат за христијани, а нивните дела ни малку не наликуваат на христијански. Самите родители многу често ја изопачуваат сликата за Бога пред своите деца, така што Бог им е претставен не повеќе како Татко, Кој ги сака, туку чуден Судија, Кој сѐ забранува и сурово казнува. Ваквата слика за Бога се добива поаѓајќи од родителските казни, а не од родителската љубов. Наместо да влеваат во детските срца надеж и љубов, тие им влеваат животни програми, комплекси, убедувања кои неретко имаат потполно не христијански карактер. Христос, пак, Кој е Оној што љуби и преку Кого станавме синови на Бога Отецот, ни го дарува сиот мир, спокојство и љубов, која можеби толку многу ни недостасува.
Во Евангелието ние се среќаваме со еден текст што ни го покажува совршениот татковски лик, кој несебично му се дарува на својот син, што ја отфрлил од родителската љубов и го изгубил духовното и материјално наследство. Тоа е приказната за блудниот син, приказна во која секој од нас, повеќе или помалку се пронаоѓа. Од овој пример можат да се поучат родителите, кои залутале во лавиринтите на приврзаноста кон своето дете, кое им станало центар во нивната родителска вселена. Така, тие непосредно од Бога, можат да научат како Он нѐ сака и сака и ние да Го сакаме.
Приказната за блудниот син, совршено ја опишува љубовта Божја кон човекот; љубов, која се распнува среде современиот егоизам и желба за владеење; љубов, која не знае да го отфрли оној што погрешил; љубов, која прва пристапува и која поттикнува на покајание; љубов, која повторно нѐ воздигнува на степен на синови Божји и која го очистува целото ѓубре, сета внатрешна нечистотија и смрдеа; љубов, која од синови на темнината нѐ претвора во синови на светлината.
Таткото, оддалеку го гледа како доаѓа оној, кој од него се одрекол; и тоа многу сурово и немилосрдно се одрекол, онака како што понекогаш и ние во младоста сме се одрекле, зашто не ја чувствуваме длабочината на раните кои ги нанесуваме.
На почетокот на приказната се среќаваме со разговорот меѓу синот и таткото…синот како да му вели на таткото:
– Татко, дај ми го сега она што би ми го оставил во наследство, кога ќе умреш…
Тоа навидум е една блага и едноставна фраза, но кога би се превела на поостар јазик тогаш би звучела нешто како: – Старче, предолго живееш; не можам да чекам да умреш, па да го наследам плодот од твојата работа; ти си пречка на мојот пат; јас сакам да бидам слободен и богат. Ајде да направиме еден договор дека си умрел за мене, па да ми го дадеш она што ми припаѓа, па да заборавиме еден на друг…
Ете, тој син кој извршил метафизичко убиство на својот татко и едноставно го исфрлил од својот живот, пресретнат е со огромна љубов од него. Забележувајќи го во далечината, таткото му излегува во пресрет; му паѓа во прегратката; го целива; и понатаму се одвива разговорот помеѓу нив. Низ целиот свој пат, блудниот син ја повторувал својата исповед:
Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од твоите наемници (Лука, 15, 18 – 19).
Таткото му дозволува на својот син да признае дека згрешил и против небото и против него, да каже дека е недостоен да се нарече негов син…и тука го прекинува: младичот може да биде недостоен, блуден син, но тој никогаш не може да биде достоен слуга – тоа љубовта никогаш нема да го дозволи. Колку и да е недостоен, тој секогаш ќе остане син – тоа не може да се промени.
Вака и Бог се однесува спрема нашето достоинство, со секого од нас подеднакво. Што и да ни се случува низ животот, како и да постапуваме, кога Му приоѓаме и Му говориме: – Јас не можам веќе да ти бидам син, туку да направиме некаков договор; ќе ти бидам слуга, роб, ќе ти бидам наемник – Бог вели:
– Не, не можеш, ти си Мој син!
…Он, како да кажува дека гревот и целосното одрекување, не го одвоиле таткото од синот…синот заминал, а таткото останал…останал верен до крај.