Најголемо слово за верата

 

1) Изразот „беше“ 1 се однесува на Неговото Божество, а изразот стана тело – на Неговата човечка природа. „Словото 2 стана тело“ (Јн. 1,14) не укажува дека (Он) се роди тогаш кога доби тело, туку дека телото го понесе на Себе. Доколку кажеме дека „тој и тој е стар“, тоа не значи дека и се роди како стар; доколку, пак, кажеме „војникот беше заслужен “, тоа не значи дека тој отсекогаш беше таков, каков што стана подоцна. Кажано е: Јас, Јован… бев на островот наречен Патмос… во денот Господов3 (Откр. 1, 9-10). Тоа не значи дека Јован таму дошол на свет или дека таму се родил. Напротив, рекол: „Бев на Патмос“ наместо: „Дојдов на Патмос“. Според тоа, Словото слезе во тело, како што е искажано со реченицата: „Словото стана тело“. Слушни го оној кој вели: станав како скршен сад (Псалм 30, 12) и станав како немоќен човек, како фрлени и ранети што лежат во гроб (Псалм 87, 4-5).

2) Дали човек или Бог воскресна од мртвите? Знаејќи го тоа подобро од нас, апостолот Петар толкува и вели: Го симнаа од крстот и Го положија во гроб. Но Бог Го воскресна од мртвите (Дела. 13, 29-30). Значи, Јосиф од Ариматеја, го симна од дрвото, го положи во гроб и го погреба мртвото Исусово тело и токму него го воскресна Словото кој вели: Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам (Јн. 2, 19), затоа што Оној кој ги оживеа сите мртви, го оживотвори и од Марија примениот на Себе човек, Христос Исус. И доколку, иако веќе беше на крстот, сепак можеше да ги подигне одамна изгниените мртви тела на светите, дотолку повеќе Он можеше да го подигне телото, кое на Себе го носеше Самиот вечно жив Бог – Слово, како што кажува Павле: Зашто, Словото Божјо е живо и дејствува (Евр. 4,12).

3) Животот не може да умре, напротив – он самиот ги оживотворува мртвите. Според тоа, по Божеството од Отецот – Господ е изворот на животот; а умре, па според тоа и воскресна од мртвите, Човекот, (роден) од Дева Марија, Кој и за нас посредува, Кого, поради нас, и го прими на себе Бог Словото. Затоа тоа што е запишано – во почетокот беше Словото, очигледно го означува Божеството, додека кажаното Словото стана тело укажува на човечката природа Господова.

4) Лазар умре од болест; Човекот Божји не умре, ниту против Својата волја, ни од болест. Напротив, Сам слезе во поредокот на смртта, поткрепен од Бог Словото, Кој во Него се всели и кој зборува: Никој не Ми го одзема, туку Јас Сам од Себе го давам. Имам власт да го дадам и власт имам пак да си го земам. (Јн. 10, 18). Зошто, значи, Божеството на Синот и ја полага и ја прифаќа душата на човекот кого го понесе на Себе? – Затоа што Он целиот човек го прими на Себе, за да би можел целиот човек да го оживотвори, а заедно со него и сите мртви.

5) Самиот Он, како Семоќен и Сесоздател, во Дева подготвува за Себе храм – тело – и го присвојува како орудие, вселувајќи се во него и допуштајќи во него да биде спознаен. Поради тоа Он на Себе прима тело кое може да умре, за кога ќе стане причесник на Бога Словото, да може да загосподари над смртта и поради Словото кое се всели во него, да стане нетрулежно.

6) Словото Божјо Кое е над се, како сеискупителна жртва го принесе храмот Свој и Своето телесно орудие и според секоја праведност, го искупи долгот на оние кои заслужиле смрт; и нетрулежниот Божји Син, Кој според Својата сличност со нас на сите ни е близок, секого праведно го облече во нетрулежност со ветувањето за воскресение. И самата распадливост, која во човечката природа влезе преку смртта, нема повеќе место во луѓето, поради Словото Кое преку едно (единствено) тело се всели и во нив. Кога голем цар ќе дојде во некој град и ќе се всели во некоја од градските куќи, градот се удостојува со големи почести и не е вознемируван ниту од непријател, ни од крадец, туку, поради Царот кој се вселил во еден од неговите домови, се зголемува и секоја грижа за градот: така сфати го и нашиот Спасител. Уште и со самото Негово доаѓање меѓу нас и после Неговото вселување во тело слично на нашите (тела), престана секаква завера против човекот.

7) Он не беше ограничен со телото, ниту се наоѓаше во него на таков начин, та да не може да биде и некаде на друго место; Он го движеше телото, но ни се останато не беше лишено од Неговата промисла; а она што е најнесфатливо од сѐ, Он, како Слово од ништо не може да биде опфатен, туку напротив – Самиот сѐ опфаќа. По слегувањето на Словото во тело, тоа повеќе не беше подложно на трулежност, што е својствено на неговата природа, така што, поради Словото Божјо кое во него се всели, тоа стана нетрулежно. Телото лесно страда, па ако и пострадало, што е и својствено на неговата природа, повторно, поради Словото кое во него се всели, прими и својство на нетрулежност.

8) Самиот Божји Син го покажа телото како бесмртно и нетрулежно, зашто три дена беше мртов. На сите им стана јасно дека телото не умре поради слабоста на природата на Словото кое во него се всели, туку за да со силата на Спасителот во него биде уништена смртта.

9) Како мораше телото да умре по слегувањето на Словото во него? Како смртно, тоа не можеше а да не умре, и беше предадено на смрт поради сите, на што и го имаше припремено Спасителот. Меѓутоа, му беше невозможно и да остане мртво, затоа што беше станато храм на животот. Според тоа, иако телото како смртно умре, поради животот кој е во него, тоа сепак оживеа.

10) Тврдиме ли нешто неверојатно кога велиме: ако човештвото беше паднато во заблуда, тогаш Словото, кое се всели во него, се појави како човек, за да би можел, со Своето кормиларење и добрина да го спаси човештвото зафатено од бура?

11) Дело на душата е – мисловно да го набљудува она што е во внатрешноста на (нејзиното) тело, а не своето дејствување да го управува кон она што е надвор од него, ниту со своето присуство да го придвижува она што е далеку од телото. Она што е оддалечено човекот не може на никаков начин да го придвижи, ниту да го премести од едно место на друго.

Ако некој седи во својот дом и размислува за она што е на небото, тој со тоа ниту го придвижува сонцето, ни го поместува небото. Напротив, иако гледа сè што се придвижува и што се случува, тој самиот не е во состојба тоа да го изведе. Најпосле, не е такво Словото Божјо во човекот зашто не беше ограничен од телото, бидејќи Самиот владееше со него и поради тоа, иако во тело, Он беше во сѐ, а бидејќи беше во единиот Отец, беше дури и надвор од сѐ.

12) Гледај, те прашувам: зарем не остануваат тие во незнаење, изложувајќи се самите себеси на потсмев? Елинските мудреци тврдат дека светот е едно големо тело и во тоа не грешат против вистината, зошто самите гледаме дека и светот и деловите на светот подлежат на сетилниот вид. Ако во тој свет, односно во тоа тело, постои Слово Божјо и ако Он слегол и во целината и во секој дел од таа целина, што е тогаш чудно или противречно во нашето тврдење дека Словото слезе и во човекот? Ако нема противречност во тоа Словото да биде во создадената твар, тогаш не е противречно Он да биде и во човекот. Според тоа, нема ништо недолично во тоа Словото да биде во човекот, а од Него и преку Него сѐ се осветлува и придвижува.

13) Творецот на вселената, Бог Словото, кога виде дека Адам, кој беше заведен од ѓаволот, ги престапи заповедите на својот Создател и си навлече проклетство и власт на смртта, од една од ќерките Адамови, Дева Марија, Он си создаде за Себе пречисто тело, кое во себе можеше телесно да ја прими сета полнота на Божеството и сите страдања својствени на човекот, и доброволно го предаде за сиот свет, за со смртта на Своето тело да го умртви ѓаволот, кој некогаш царуваше над смртта. Меѓутоа, крвта не ја пролева Духот на Божеството на Словото, туку човекот кого Словото го понесе на Себе.

14) Изреките: „Јас сум вистинската лоза“ (Јн. 15,1), „Мојот Отец е поголем од Мене“ (Јн. 14,28), Ме создаде (Изреки 8,22) и „Јас сум црв, а не човек“ (Псалм 21,6), како и се она понижувачко што во Евангелието и во книгите на пророците Синот го изрече за Себе – е кажано за телото кое Он заради нас го понесе на Себе. А распадливото и подложно на страдање тело, кое Синот го понесе на Себе заради спасение на вселената, ние не го припишуваме на Отецот, зашто Отецот сѐ создаде преку Синот, а единствено Синот е роден од Отецот. Затоа Бог Словото е првороден пред секое создание (Кол. 1,15), Неизменлив од Неизменливиот. Заради тоа телото кое Синот заради нас го понесе на Себе, е твар (создадено).

15) Бидејќи во Адама, Оној Кој е наречен Исус, беше облечен во сѐ, па дури и во слабостите Адамови, освен гревот, за преку Него изгубената овца да се приведе при Отецот, како јагне Тој беше одведен на колење, и како што е овцата пред стрижачите свои безгласна (Иса. 53,7). За Него пишува ап. Павле: Човекот Христос Исус, Кој се даде Себе како откуп за сите (1 Тим. 2, 5-6), додека на друго место вели: „Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку Човек. И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани“ (1 Кор. 15, 21-22).

16) Сѐ стана и беше создадено од самото Слово, додека самото Слово нема почеток на постоењето; како оној кој има почеток и како оној кој е создаден, во Светото Писмо е спомнат човекот кого, заради нас, Бог Словото го понесе на Себе, зашто Господ вели: прачката … која е во Мене… ќе даде многу плод (Јн. 15, 4-5). Во човекот од Адамовиот род, кого Он го понесе на Себе, ги оживотвори сите кои потекнуваат од Адамовиот род.

17) Имај предвид дека досега никој не го знае Синот Божји, ниту каков е Он, бидејќи Он не ни се покажа Себеси. Ние, меѓутоа, го познаваме Синот човечки, кого Он заради нас го понесе. Павле за него вели: Размислете за Пратеникот и Првосвештеникот на нашата вера, Исус Христос. Кој Му беше верен на Оној Кој Го поставил5 (Евр. 3, 1-2); за Него зборува и св. Стефан: Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога (Дела, 7, 56). Тој, значи, не вели: Го гледам Словото или Премудроста на Отецот, туку – го гледам Синот Човечки, т.е. Господовото, од Марија (родено) тело.

18) А што се однесува до изразот: „Исус, пак, напредуваше во мудроста и возраста и во милоста“ (Лука 2,52), Тој зборува за човекот кој се спознава во Спасителот. Он некогаш беше дете и напредуваше во возраста, премудроста и милоста и кога започна, имаше околу триесет години, како што проповеда Евангелистот Лука (3,23). Телото, кое напредува и расте, е твар и создание. Исус Христос, сфатен како човечка природа на Спасителот, го усвојува напредувањето во возраста, едно време е дете, а потоа возрасен човек, кој како што вели Лука, имаше околу триесет години кога започна. Според ова, човекот кој го усвоил растењето – Пратеникот и Првосвештеникот на верата наша, која ја исповедаме, Исус Христос, верниот на Оној Кој Го поставил, е всушност Оној Кој Го усвојува растењето.

19) Св. Стефан вели: „Ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на силата Божја“ (Дела. 7,56). Тој не вели дека го гледа Словото или Премудроста Очева, туку – Синот Човечки, Господовото, од Марија (родено) тело; за Него Павле вели дека седи оддесно на Бога (Кол. 3,1). За Неговото тело, во Божјо име, пророчки зборува Давид: Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои (Псалм 101,1), бидејќи ги провиде идните непријатели т.е. ѓаволот и противничките сили кои ќе му помагаат и ќе се спротивстават на Човекот Господов, знаејќи дека со Неговата смрт ќе станат немоќни и тие, и оној кој има власт над смртта – ѓаволот. Оние кои го унижуваат Божеството на Словото, мислат дека Господ не можел Сам да се одмазди на Своите непријатели, заради што Отецот Му рекол: Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои. Тие незнајковци нека сфатат дека ова е напишано за Човекот, разбран како тело. Истиот тој Давид за Човекот Господов напиша: „Непријателот не ќе може ништо да Му направи“ (88,22). Бог, значи, му зборува на телото: Седи од Мојата десна страна. Негови непријатели станаа ѓаволот и демонските сили, а исто така – Јудеите и Елините.

20) Блажениот Павле, зборувајќи за Господа дека во Него сѐ е создадено, единствено за Него вели и дека Тој е пред сѐ (Кол. 1, 16-17); бидејќи се научи од старите, тој беше добар познавач на законот, проникна во смислата на Соломоновите зборови и откри дека за Господ двосмислено се зборува: едно се кажува за човекот, кого Он требаше да го прими од Марија, а друго – за Словото, Кој пред сите векови, предвечно е роден од Отца. За Исус, родениот од Марија апостолот му пишува на Тимотеј: Спомнувај си Го Господ Исус Христос од Давидовото семе (по тело) (2Тим. 2, 8), додека за Оној Кој е вечно со Отецот, Словото Божјо, вели: Он е пред сѐ. Нека, значи, сите светии ги разобличат оние што тврдат дека Словото Божјо е создадено на почетокот на делата (Божји) и нека го послушаат Давид (во тоа) дека Словото не е дело, туку Создател на делата, како што и Он зборува: небесата се дело на Твоите раце; тие ќе пропаднат, а Ти ќе пребиваш (101, 25-26).

21) (Реченицата) „Исус Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови“ (Евр. 13,8). Зборува и за човечката природа на Спасителот – Кој станува и дете, и напредува во возраста и милоста, или како што вели Евангелистот Лука, имаше околу триесет години кога започна (Лк. 3,23). Напредувањето и растењето се својствени за телото и тоа е твар и создание. Затоа, нека оние што тврдат дека Словото на Отецот е твар, станувајќи разобличени од светите, ги прекинат своите злобни хули или нека од сите бидат прогласени за христоборци, бидејќи во самото она, во кое се победени, се потпираат на зборовите на Оној Кој во Приказните вели: Господ Ме имаше за почеток на Својот пат, пред сите Свои творби (Изреки 8,22). Тие и се сопнуваат на ова, бидејќи Соломон, пророкувајќи за Човекот Господов Кој ќе се роди од Марија и Кој треба да биде создаден за доброто на сиот свет, во Негово име вели: Господ Ме имаше за почеток на Својот пат, пред сите Свои творби.

22) И затоа, нека знае со сигурност сиот Израилев дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос (Дела. 2, 36). Покажувајќи, значи, со прст на Него, на распнатиот Човек Господов, апостолите зборуваа: „Овој Исус Бог Го направи Господ и Христос“. Тој ист Човек Господов е и создаден како почеток на патот на предодредените за добри дела, Он е – и Началник над сите светии, кој се нарекуваат патишта, и направен е Господ Исус Христос, и распнат. За Него и Еремија, според преводот Септуагинта, вели: Создаде Господ спасение за нов насад, со спасение ќе се опкружат луѓето (Ер. 31, 22)6 . Додека Аквилиновиот превод7 на таа изрека вели: Создаде Господ ново во жената. Тоа што тој го нарекува спасението ново, а не старо, создадено заради нас, а не пред нас, и тоа што го нарекува ново, создадено во жената, е човечката природа на Спасителот Исус, зашто Исус се нарекува и „Спасител“ и „спасение“. Од Спасителот – спасение, како што од светлоста – просветление. И токму тој човек, Исус, пророкот го нарече спасение на созданието, ново во жената за нас т.е. во Марија, или, подобро кажано – од Марија. Според тоа, од Светото Писмо докажавме дека тој Христос Исус – Кого Соломон Го нарече „создаден како почеток на патиштата“, а Еремија „создадено ново спасение“ и „ново во жената“ – Премудроста за нас и заради нас си Го создаде Себе за дом. Да се придржуваме кон ова, на кое другите, останувајќи поради незнаење или поради предрасуди во заблуда, не сакаат ниту да се научат, ни правилно да се поучат.

23) Да можеа сите Божествени зборови духовно да се сфатат, немаше да биде потребен духовен дар за од нив да се поучуваме. Господ не би нè напојувал со млеко, ако сите бевме во состојба да ја прифатиме цврстата храна. Напротив, на оние кои сеуште се младенци во учењето на богопознанието, им се допушта како деца кои сеуште се хранат со млеко, да ги прифатат поуките за почетници, зошто сеуште не се во состојба како храна да го примат лебот ангелски – Бог Словото скриен во човечко тело.

24) Заради тоа, нам, како вешти управители со тајните Божји (в. 1.Кор. 4,1), ни е дадено да ја предаваме поуката во онаа мера, во која секој може да ја прифати, зашто ќе се искинат старите мевови, не можејќи во себе да го примат новото вино на вистинската винова Лоза, т.е. учењето на нашиот Господ Исус Христос. Според тоа, доколку некои, или подобро речено – многумина, кои иако сеуште не постанале ни ученици, според својата немарност ја прифатиле титулата учител, сакајќи да бидат учители, по Законот, но не разбираат ни што зборуваат, ниту што утврдуваат (1.Тим. 1,7), тие заслепуваат со својот духовен вид, немајќи ум кој, слично на Јаков, Го созерцава Бога, ниту чисто срце со кое се гледа Бог, па понижувачките дела, изреки и зборови кои искажуваат ништожност, напишани за човекот кого Спасителот заради нас го понесе на Себе, му ги припишуваат на Божеството на Словото, и бидејќи и самите во заблуда, ги воведуваат во заблуда неуките и колебливите; затоа, како што пишува Јуда (стих 3-4), имаме потреба во ова послание да изложиме какви изреки Му приличат на Божеството на Словото, а какви на човекот кого заради нас го прими на Себе. Иако во една вреќа се ставаат и сребреници и златници, кои на себе го носат ликот и натписот на еден ист цар, трговецот кој ги чува, го знае првенството на златниците, во однос на пониската цена на сребрениците; според тоа, иако во едното исто Свето Писмо е пишувано и за Божеството на Синот и за телото родено од Марија, кое Синот заради нас го понесе на Себе, ние, како разумни ученици на единствениот вистински Учител, ја разбираме секоја изрека од Писмото. Затоа разбери дека сите понижувачки изреки и дела се напишани за телото Исусово, а сите славни изрази – за Божеството на Словото. Кога Он откако постеше огладне, тоа е слабост на телото, а кога со пет леба нахрани пет илјади луѓе, освен жените и децата, и уште преостанаа 12 кошници (в. Мт. 14, 20-21), тогаш тоа е дело на Божеството на Словото. Кога во коработ спие на кормилото (Мк. 4,28) тогаш тоа е чин на телесно мирување; но кога одејќи по морето силно им се закани на брановите и ветровите: Молкни, престани (Мк. 4,39), тогаш истиот момент слушна како оние во коработ Му се поклонија исповедајќи: Навистина, Ти си Син Божји (Мт. 14, 33). Кога стоејќи покрај гробот на Лазар плаче, и кога, припремајќи се за страдање, вели: Смрто е нажалена Мојата душа (Мт. 26,38), кога тагува, нарекувајќи го Божествениот Дух бодар за извршување на секаков подвиг, а телото слабо, тогаш Он жали и тагува поради немоќта на телото. Кога заповеднички зборува: Лазаре, излези надвор! (Јн. 11,43) и четвородневниот мртовец, уште во повој, станува жив – нешто што не се случило уште од постанокот на созданијата – тогаш тоа е знак на Божеството. Кога изморен од патот, седна покрај изворот (Јн. 4,6) – уморот, значи, е својствен на телото. А кога вели: Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам (Мт. 11,28) – тогаш тоа е дело на Божеството, кое исцелува од телесни болести и напори и душевни страдања. Кога Јован Го крштева Он не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама (1 Петр. 2,22) – за нас се извршува очистување на телото, а кога им наредува на апостолите да ги крстат сите народи во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух (Мт. 28,19), тогаш тоа доликува на Неговата Божествена сила. Кога ги приклонува колената и се моли како човек, тоа е исповедање на телото кое за нас се принесува. Кога, пак, во времето на Неговото Преображение на гората Петар, Јаков и Јован, не можејќи да ја поднесат славата, ги свртеа лицата кон земјата и паднаа долу (Мт. 17,6), тогаш тоа е силата на Словото. Кога ги храбри апостолите велејќи им: И не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат (Мт. 10,28), тогаш тоа е скриена и сигурна утеха на Божеството. Кога, меѓутоа, се двоуми да умре, тогаш тоа е слабост на телото, зашто до Адамовиот престап немаше ни жалост, ни страв, ни изнемоштеност, ни глад, ни смрт.

25) Јас сум, вели, патот на оние кои се спасуваат, вистината на оние кои избегнуваат лаги, и животот на мртвите (Јн. 14,6). На оние, што се во темнина им велеше: покажете се (Иса. 49,9), а зборуваше и: Јас сум Светлина на светот (Јн. 8,12). Откако се облече во Адам наречен Исус, и во сите Адамови слабости, освен гревот – преку него на Отецот му ја приведе изгубената овца: како овца Он беше одведен на колење, и како што е јагнето пред стрижачите свои безгласно, така и Он не ја отвори устата Своја (Иса. 53,7). За Него Павле пишува: … Човекот Христос Исус, Кој Се даде Себеси како откуп за сите и за гревовите наши (1 Тим. 2, 5-6). Апостолот на друго место вели: Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку човек; и како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат (1 Кор. 15, 21-22), додека на друго место го пишува и ова: Првиот човек е од земја, земјен; другиот човек е Господ од небото (1 Кор. 15,47). Според тоа, со името на првиот Адам се означува првосоздадениот во светот, а со името на вториот Адам – човек под кој се подразбира Спасителот, и се нарекува Син Човечки, пастир, винова лоза, леб, дрво, зрно пченично и други слични имиња; се нарекува и Адам, иако е голема разликата помеѓу првиот и вториот Адам, бидејќи едниот потекнува од земјата, а другиот кој е Словото на Отецот, стана тело, не престанувајќи да биде Слово затоа што на Себе понесе тело, исто како што ни златото не ја губи својата вредност кога е затворено во неугледна кеса за пари.

26) Кога нашиот учител вели: познајте Го Пратеникот и Првосвештеникот на нашата вера, Исуса Христа, Кој Му е верен на Оној, Кој Го поставил (Евр. 3, 1-2), немојте да мислите дека Бог Словото, Кој од почетокот Е во Отецот – е создание, затоа што апостолот не заповеда под тоа да го подразбираме невидливото Божество, туку Човекот Господов, кого Павле го нарече Посредник помеѓу Бога и луѓето, Човекот Христос Исус, Кој се предаде Себе за наше избавување. Тој ни заповеда така да го сфатиме Исус, верен на Оној, Кој Го поставил; како што и Господ вели: Погледајте ги гавраните како ни сеат… (Лк. 12,24) или Погледајте ги лилјаните како растат… (Лк. 12,27), и тој, значи, ни заповеда да обратиме внимание на видливото, а не на ангелите или другите невидливи созданија. Ако пророкот Авакум вели: Господи, ги познав делата Твои и се уплашив (Авак. 3,2) , тоа значи дека ги познал делата, а не нивниот Творец. Така и апостолот заповеда да го познаеме видливото тело Господово, а не невидливото Божество на Словото, зашто Бога никој никогаш не Го видел (1 Јн. 4, 12), ниту може да Го види (1 Тим. 6, 16). И Бог беше, и е Слово, како што вели свети Јован Богосов (Јн. 1,1). Според тоа, за Оној, за ој ни е заповедано да Го познаеме – за човекот Исус Христос, Кој Себе се предаде за наше избавување, Кого Го нарекуваме Пратеник и Првосвештеник на нашата вера – за Него, значи, апостолот ни заповеда да Го сфатиме како создание. Сè е создадено; но, Словото Божјо, т.е. Синот, не е твар, туку по природа е роден. Отецот сè создал преку Словото, како што вели Павле: бидејќи преку Него е создадено сè (Кол. 1, 16) и како што вели Јован: Сè стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана (Јн. 1, 3). Меѓутоа самото Слово Бог не Го создава, туку Го раѓа, бидејќи преку самото Слово сè постана и беше создадено и единствено Словото – не е создадено. Спротивно на тоа, Човекот, кого заради нас го понесе на Себе, Писмото го опишува како оној кој постана и беше создаден.

27) Господ вели: Јас сум лозата, а вие прачките; и кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод (Јн. 15, 5). И во Човекот, Кој е од Адама, родениот од земја, го оживотвори потомството Адамово, мртов по тело, но оживе духом, како што пишува св. Петар (1 Петр. 3, 18), затоа што вели дека (Он) за нас беше усмртен по тело, а не со бесмртното, животворно Божество. Господ вели Јас сум животот, а животот не умира, туку, напротив, ги оживотворува мртвите. Како што темнината не може да ѝ наштети на светлината, така и на животот кој што ја обзема смртната природа, ништо не може да му наштети, бидејќи Божеството на Словото е неповредливо и неизменливо.

28) Речено е: Кој го разбрал Духот на Господа, и Му бил Нему советник и Го учел? (Иса. 40, 13). Единствениот советник на Отецот – тоа е Синот, и Духот на Отецот го разбрал Оној Кој вели: и кој е Отецот, не знае никој, освен Синот, и – кому што сака Синот да му открие (Лк. 10, 22). Затоа св. Јован за Господа вели: кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што Е (1 Јн. 3, 2). Обрати, значи, внимание – досега, додека сеуште не ни се открил Синот Божји, никој не знае каков Е Он Сам по Себе. Ние, пак, го знаеме човекот, кого Он заради нас го понесе на Себе и токму за Него Павле рече: познајте Го Пратеникот и Првосвештеникот на нашата вера, Исуса Христа, Кој Му е верен на Оној, Кој Го поставил (Евр. 3, 1-2). За Него зборува и св. Стефан: Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога (Дела. 7, 56). Тој, значи, не вели: „Го гледам Словото или Премудроста на Отецот“, туку – Синот Човечки, телото Господово, родено од Марија. И Павле вели: … Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата (Евр. 8, 1). За Неговото тело преподобен Давид, во името на Отецот, пророчки зборува: Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои (Псалм 109, 1), мислејќи со тоа на идните непријатели, однапред знаејќи за нив, т.е. на ѓаволот и противничките сили кои му помагаат (кој нападнаа на Човекот Божји, знаејќи дека со неговата смрт и тие ќе станат немоќни како и оној кој имаше власт над смртта), а исто така и на Евреите кои беа Негови непријатели и во кои ќе се исполни пророштвото: Ме замразија без вина (Јн. 15, 25), бидејќи се осмелија Оној Кој корисно ги поучуваше заради тоа да Го удираат и распнат, нарекувајќи Го Самарјанин, демоноопседнат и грешник иако преку Него гревот е осуден и за Него е напишано: ќе погледаат на Него, Кого тие го прободоа (Зах. 12, 10). Кога ќе го видат на Судот како им суди на живите и мртвите – како што Јован зборува за Синот: И Му даде власт да суди оти е Син Човечки (Јн. 5, 27) – ќе се покајат и од колено на колено едни на други ќе велат: ете тоа е Оној Кому се потсмевавме, велејќи му: Другите ги спасуваше, зарем неможеш да се спасиш и Самиот Себе? Заради тоа Давид за телото Господово го напиша следново: Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои. И пред ова пророштво на Давид Словото беше во прегратките на Отецот и немаше непријатели на небото, зашто пред создавањето никој не беше со Отецот, освен Синот и Светиот Дух. Отецот преку Синот ги создаде безграничните векови, поглаварствата и властите и целата твар. Зарем, значи, Бог Словото – со Кого никој нема заедничко наследство, ниту удел и кој спортивно на тоа е Господ Седржител, бидејќи никој не може да Му се спротивстави – би можел да има непријатели? Оние, кои го понижуваат Божеството на Словото, мислат дека Господ не може сам да се одмазди на своите непријатели, заради што Отецот и вели: Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои. Нека, значи, од сега сите кои не знаеле, спознаа дека тоа е напишано за Човекот, под кој се подразбира Спасителот, зашто кај истиот тој Давид, за Човекот Господов е напишано: Непријателот не ќе може ништо да му направи (Псалм 88, 22) и неволја нема да Ти се приближи до телото Твое (Псалм 90,10).

29) Речено е: Господ го поставил Својот престол на небото (Псалм 102,19). Едно значење имаат зборовите Небото е Мојот престол (Дела 7, 49), а друго: да се приготви престол на небото, како на некое место. Многу треба да се зборува за ова заради објаснување на овие стихови; најпосле, споменатите престоли ја изразуваат покорноста на целата твар. Тоа веќе претходно го забележавме во врска со изреката Седи од Мојата десна страна, како потврда дека таа е изречена за Господовото тело. Зашто, ако Зар не го исполнувам Јас небото и земјата, како што вели Господ кај пророк Еремија (Ер. 23, 24) и ако Бог сè содржи во Себе, додека Сам во ништо не може да биде содржан, на што тогаш Он ќе го создаде Својот престол? Бог, значи, му зборува на телото: Седи од Мојата десна страна. Неговите непријатели станаа ѓаволите и демонските сили, а исто така и Јудеите и Елините кои се спротивставија на Христовата проповед. Преку тоа исто тело Господ е направен и наречен Пратеник и Првосвештеник на таинството кое ни го предаде, велејќи: Ова е Моето тело, кое за вас се предава, и крвта на Новиот, а не на Стариот завет која се пролева за вас (Мт. 26, 26-28). Божеството нема ни тело ни крв и тие потекнуваат од Човекот роден од Марија, кого Божеството го понесе на Себе. За Него зборуваа апостолите: Исуса Назареецот, Човекот посведочен пред вас од Бога (Дела 2, 22). Градот Назарет го нарекуваат земен, а не небесен, а Него го нарекуваат човек, а не Бог, обраќајќи им се на Јудеите и на оние кои, слично на Јудеите, од тоа време па се досега мудрувале по тело. Апостолите велеа, а и Сам Господ зборуваше за Себе како за човек, велејќи: А сега сакате да Ме убиете, Мене Човекот, Кој ви ја кажав вистината (Јн. 8, 40). Не рече, значи: барате да Ме убиете Мене, Бога, затоа што Бог, бестрасниот и бесмртниот, ја прави смртта немоќна и ги оживува мртвите велејќи: Јас Сум животот (Јн. 14, 6). Меѓутоа, кога се обраќа на Филип, кој со вера го прима она што го слуша, тогаш и него, и другите апостоли и сите, кои слично на нив, се способни да сфатат духовно, ги поучува: Кој ме видел Мене, Го видел Отецот (Јн. 14, 9), Јас и Отецот едно сме (Јн. 10,30) и Јас сум во Отецот, и Отецот е во Мене (Јн. 14, 10).

30) Според тоа, самите цитати од Писмото укажуваат на човечката природа на Спасителот. Ние се учиме да сфатиме дека создадена е таа, а не невидливото Божество на Словото, сокриено во прегратките на Отецот, Кого досега никој не го видел. Павле тоа подобро од нас го знаеше, кога рече: одеднаш од небото ме огреа силна светлина. Јас паднав наземи и чув глас, кој ми зборуваше: Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко е за тебе да се риташ против бодило. Јас, пак, одговорив: Кој си ти, Господи? А Он ми рече: Јас сум Исус Назареецот, Кого Го гониш ти (Дела. 22, 6-8 и 9, 5). Тој, значи, исповеда дека го заслепила светлината на славата Господова и дека, според заповеста и откровението Господово, прогледал по три дена. Ако и Павле, избран сад (Дела. 9, 15) бил заслепен, не можејќи да ја види славата Господова, како тогаш би не поучувал нас да го сфатиме самото Божество на Словото? Спротивно на тоа повеќе пати реков, а и сега повторувам дека Павле ни заповеда да го сфатиме Исуса, верен на Оној, Кој Го поставил.

31) Подражавајте ме мене, вели Апостолот, како што јас го подражавам Христа (1 Кор. 4,16), по тоа очигледно подразбирајќи го човекот – темелот кој е поставен (1 Кор. 3,10), Ни Павле, ниту било кој друг не може да стане сличен на Божеството на Словото и единствено во страдањата и кроткоста може да го подражава Христа. Тоа ни го заповеда и св. Петар (велејќи) да врвиме по Неговите стапки (1 Петр. 2,21), како што и Павле зборуваше дека во своето тело го дополнува недостигот од Христовите маки (Кол. 1,24). Неоспорно е, значи, дека пред вековите беше поставен во темел и скриен во предзнаењето на умот на Отецот, оној Човек Господов кого требаше да го создаде од Марија. Очигледно е дека на Јуда му е изречено пророштво за телото Господово: од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од почетокот, од вечноста (Мих. 5,2), зашто Бог Словото при свршетокот на вековите прими на Себе човек од племето Јудино.

32) Речено е: Кога, пак, ќе Му биде потчинето сè, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Му потчини сè, за да биде Бог сè во сè (1 Кор. 15, 28). Заради тоа прашуваме: Кој е непокорен на Бога, додека не му се покори сè? Што не било покорено на Словото на Отецот и пред домостројот (на спасението) во Човекот кого заради нас го прими на Себе? Сите созданија се покоруваат на својот Творец. Меѓутоа, ни до ден денес, не се покорило сè на Човекот кого го прими на Себе, зашто Павле вели: не гледаме дека му е сè покорено (Евр. 2, 8). За Јудејците соблазна, а за Елините безумство, а нам, пак, кој веруваме во Него, Христос, Божја сила и Божја премудрост (1 Кор. 1, 23-24). Кога, значи, сета твар ќе Му излезе во пресрет на Синот на облаците и ќе Му се покори, тогаш и Самиот Син ќе Му се покори на Отецот, станувајќи од сета твар поверен Пратеник и Првосвештеник, да биде Бог сè во сè, т.е. Отецот и Синот и Светиот Дух – едно Господство, Божество и Царство. Ако некој каже: Апостолот не го нарече покорен Исуса, туку Словото, тогаш нека слушне дека Исус, заради Словото Божјо сокриено во Него, се нарекува и е Син Божји, како што Лука рече во родословот: Кога почна Исус да проповеда имаше околу триесет години и беше, како што мислеа, син Јосифов (Лк. 3, 23), продолжувајќи по ред со родословот до Адам, Синот Божји (Лк. 3, 38), укажувајќи дека Он од Адама го понел на Себе телото, додека Неговото Божество е од Отецот.

33) Во сето она што Отецот го извршува и покажува во Синот, спаѓа исто така и тоа да го знае денот и часот на судот, бидејќи Отецот не суди никого, но целиот суд Му го предаде на Синот, та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот (Јн. 5, 23). Ако Отецот му го предаде на Синот целиот суд, тогаш очигледно е дека Му Го предаде и знаењето за судот, т.е. кога и каков ќе биде тој. Оној, значи, кој не го знае денот на судот е од Марија родениот Исус, зашто нема ништо што не би го знаел Бог Словото Кој е од срцето на Отецот, Кој сè знае и пред да се случи.

34) Според тоа, иако Исус вели Мојот Отец е поголем од Мене (Јн. 14, 28), Он Себе се нарекува и еднаков на Бога; затоа мора да знаеме зошто Он Отецот Го нарекува поголем од Себе и еднаков на Себе. Отецот е поголем од Синот по телото подложно на страдања кое Синот го понесе на Себе, а рамен на Синот до толку што целосниот Отец предвечно го роди потполно совршениот Син.

35) Така и Ездра пророкува во името на Зоровавел, велејќи за Синот Божји: Вистината победува и останува силна засекогаш, и живее и владее од века до века (2 Ездр. 4, 38)9 , со што се мисли дека за нас умира телото кое Он ќе го понесе на Себе, а не Вистината сокриена во тоа тело, т.е. Словото на Отецот. Вистината во умрениот за нас Исус слезе во срцето на земјата за да Оној, Кој е Вистина, ги ослободи заведените од лагата. Како што царот, кој влегувајќи во затворот за да ги посети таму затворените осуденици, не трпи заради тоа никаква штета, туку им донесува корист на оние кои се под стража; така и Бог Словото, не претрпувајќи ни малку штета заради смртното тело кое заради нас го понесе, со Духот на Божеството им користеше на затворените во темнината на адот.

36) Така и Јаков, благословувајќи го Јуда од кого Господ требаше да го прими смртното тело, вели: во вино ја пере облеката своја, а во крв од грозје облеклото свое (1 Мој. 49, 11)10. Меѓутоа, ако тоа се разбере во историска смисла, тој тоа не го направи, зашто својата одежда не ја испра во крв (сок) од грозје. Што значи изразот: во крв од грозје, употребен после зборовите во вино ја пере облеката своја? Зарем виното е една работа, а крвта од грозје нешто друго? Тоа подобро од нас го знаеше Исаија, кој вели: Зошто Твојата облека е црвена, и твоите одежди – како на оној, што газел во каца? (Иса. 63, 2). Тој, значи, пророкува за одеждата испрана во вино и крв од грозје. Хитонот е Самиот Создател, зашто противно е на разумот и редот одеждата да се пере во вино и тоа, како што ни е познато не го прави никој од разумните луѓе. Со оглед на тоа дека од Духот Свет однапред дозна дека заради нас Синот Божји ќе понесе тело од народот јудејски, наречен винова лоза и лозје, тој вели: Од фиданка се издигаш, сине мој (Јудо)11 (1 Мој. 49, 9). Да се измие во крв одеждата значи – да се измие телото кое е облечено, и откако ги испра со таквото Тело и Крв гревовите човечки, сите ги облече во сопственото тело.

37) Според тоа, нека се засрамат сега оние кои го одделуваат Отецот од Синот, како лоза од лозар, уверувајќи се од Светото Писмо, дека таа повест се однесува на телото Господово, а не на Неговото Божество, бидејќи, извршувајќи ја Светата Тајна, Он благословувајќи, рече: Пијте од неа сите, зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за вас (Мт. 26, 27-28), иако виното е крв на лозата, а не (крв) Господова. Заради тоа Господ за сопственото тело рече: Јас сум вистинската лоза (Јн. 15, 1). Крвта не истекува од Духот на Божеството на Словото, туку од Човекот кого го понесе на Себе.

38) Бог говори преку пророкот Езекил: тешко на пастирите Израилеви, кои се пасеа сами себе! Зар пастирите не треба да го пасат стадото свое? … Слаби не поткрепувавте, болни не лекувавте, ранети не преврзувавте, истерани не враќавте и загубени не баравте, а управувавте со нив преку насилие и жестокост… И ќе поставам над нив еден пастир, што ќе ги пасе, слугата Мој Давида, тој ќе ги пасе и тој ќе им биде пастир… и нивни кнез (Езек. 34, 2, 4; 23-24). Меѓутоа кога ова Езекил го пророкуваше во Вавилон беа поминати веќе четиринаесет поколенија од времето кога се упокоил Давид. Тој, значи, пророкуваше за Човекот Господов, подигнат од семето Давидово, за кој Павле му пишува на Тимотеј: Помни Го Господа Исуса Христа од родот Давидов, Кој воскресна од мртвите (2 Тим. 2, 8).

39) Оние кои мудруваат по тело не сакаат да се поучат од продуховените, кои стекнале сигурно познание на писмото, туку дури и мечтаат за тоа да ги поучуваат простодушните луѓе и да ги одведат во пропаст, за преку нив да се исполни она што е напишано: кога слепец води слепец, обата ќе паднат во јама – т.е. во адот (Мт. 15, 14). Секако, во реалноста слеп не може да го води слепиот; но, бидејќи се тие слепи за познавање на божествените тајни, на секој од тие неуки му се наметнува следново: Зарем Синот не ни рече преку Соломон: Господ ме создаде како почеток на патштата Свои, пред творбите Свои? Зарем Синот не вели за Себе: Мојот Отец е поголем од Мене? Зар не рече исто така и … Зашто Јас Сам од Себе не зборувам; но Отецот, Кој Ме прати, Он Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам (Јн. 12, 49), или: Јас го кажувам она што сум го видел кај Мојот Отец (Јн. 8, 38). Поинаква волја има Отецот, а поинаква Синот – ете како тие размислуваат! Ако имаат различна волја, зошто тогаш Отецот вели: да создадеме човек… итн. На тој начин, тие не прават разлика какви изреки му доликуваат на Божеството, а какви на човекот кого Божеството го понело на Себе.

❖1 Св.Атанасиј тука мисли на првите стихови на светото Евангелие споредЈован: Во почетокот беше Словото (Збор) и понатаму

❖2 т.е Логос

❖3 во недела
❖4 Според Септуагинта (Превод на седумдесетмината, најстар превод на Стариот завет на грчки јазик) која ја цитира Св.Атанасиј, Господ ме создаде како почеток на патштата свои… додека нашиот предов гласи: Господ ме имаше во почетокот на својот пат… Кај св.Атанасиј: „Оној Кој Го создаде“
❖5 Кај св.Атанасиј: „Оној Кој Го создаде“
❖6Кај Даничиќ преведено е како Зашто Господ ќе направи нешто ново на земјата: жената ќе го заобиколи мажот (Ер. 31, 22)
❖7 Превод на Стариот Завет на грчки создаден во првата половина на вториот век по Христа
❖8Во превод: чув вест од Тебе и се уплашив (Авак. 3, 2); заради разбирање на понатамошниот текст, прифатена е варијантата наведена во рускиот превод на овој текст.
❖9 2 Книга Ездра спаѓа во таканаречените дефтероканонски книги на Стариот завет, така што – како ни останатите дефтероканонски книги – ја нема во Даничиќевиот превод на Стариот завет.
❖10Во Септуагинта – во крвта на грозјето, како што за разлика од Даничиќ наведено е во овој текст.
❖11Повторно е во прашање разликата помеѓу Септуагинта и преводот на Даничиќ, кој гласи: Од грабеж си се вратил сине мој.