Тајната на љубовта (прв дел)

Кажи некому „те сакам“ – тоа за него ќе значи: „ти никогаш нема да умреш“

Одлучив оваа беседа да ја посветам на прашањето за бракот и за семејството. Ми се чини дека во за овој свет, чиј сегашен закон е поделеност, спротивставеност, заострени односи помеѓу луѓето, општествени групи и народи – оваа тема е многу важна.

Бракот е чудо на земјата. Во светот каде што се сè разделува едно од друго, бракот е место каде што двајца луѓе стануваат едно, благодарение на тоа што се засакале, место каде што разликата се прекинува и каде што почнува остварувањето на единствениот живот. Во тоа се крие најголемото чудо на човечките односи: двајца луѓе одеднаш постануваат една личност; одеднаш излегува дека двете личности – затоа што меѓусебно се засакале и до крај и во целост се прифатиле – се нешто повеќе од двајца, едноставно повеќе од две личности, зашто се покажуваат како едно.

Над тоа секој би требало да се замисли, бидејќи е тешко и мачно да се живее засебно, но истовремено е и лесно и обично. Се разликуваат интелектуалните и материјалните интереси, се разликуваат вкусовите и затоа е многу лесно да си кажеме на себе си: сакам да живеам за она што ме интересира. Некој живее заради материјални користи, некој живее заради културата, некој живее за борба за некаков си идеал, но јас во тоа останувам како самодоволна единка, јас сум доволен самиот на себеси. Во суштина, со тоа добиваме расипување на општествата, расипување на човештвото. Во конечниот исход не останува ништо од она прекрасно и чудесно единство, кое би можело да постои меѓу луѓето. Бракот е како што реков, чудо на воспоставување на единството, таму каде што тоа може да се воспостави со човечките сили.


Поради тоа треба да сфатиме што е љубов и како едни со други можеме да се поврземе со љубовта, бидејќи љубовта може да биде многу различна. Тоа е збор, кој го користиме во многу разнолики околности. Велиме дека Го љубиме Бога, дека ги сакаме родителите, дека ја сакаме жената, мажот и децата, но велиме дека сакаме и сосема безначајни работи. Ние го уништуваме тој свет и прекрасен збор, говорејќи: сакам сладолед, сакам шетање, сакам фудбал, сакам кино… Со тоа го унижуваме самото својство на тој збор, постанувајќи и самите заробеници на таквата замрсеност.

Љубовта е воодушевувачко чувство, но тоа не е само чувство, бидејќи љубов е состојба на целото битие. Љубовта почнува во оној момент кога пред мене гледам човек и кога проникнувам во неговата длабочина, кога ја гледам неговата суштина. Секако, кога велам „гледам“, не сакам да кажам „да сфатам со умот“ или „да видам со очите“, туку да „сфатам со сето мое битие“. Ако може да се направи некаква споредба, јас на ист начин ја сфаќам убавината, на пример, убавината на музиката, убавината на природата, убавината на уметничките дела, кога воодушевено и молчеливо стојам пред нив, само гледајќи го она што се наоѓа пред мене, не наоѓајќи начин да го изразам тоа со никакви зборови, освен да воскликнам: „Боже, колку е тоа убаво!“ Тајната на љубовта кон човек почнува од оној момент кога на него гледаме без желба да го поседуваме, без желба да господариме над него, без желба на било каков начин да се користиме со неговите дарови или со неговата личност – кога само гледаме и се воодушевуваме на онаа убавина што ни се открила.

Кога ќе се најдам лице в лице со човекот кого го гледам со очите на љубовта, значи не со очите на рамнодушноста или омразата, туку навистина со очите на љубовта, јас се присоединувам со тој човек и за нас започнува нешто заедничко, започнува нов живот. Сфаќањето на човекот се одвива на длабочина, која ја преминува границата на зборовите, ја преминува границата на емоцијата. Оној што верува, би рекол: кога човекот ќе го видам во тоа светло, во светлоста на чистата љубов, јас во него гледам образ Божји, гледам икона. Вие знаете дека секој од нас претставува икона; меѓутоа ние не знаеме тоа да го сфатиме и не знаеме на каков прилагоден начин да се однесуваме еден кон друг. Кога би можеле само да се сетиме дека пред нас има икона, дека пред нас има светиња!

Тоа секако не значи дека таквата икона во секој поглед е прекрасна. Сите знаеме што повремено се случува со сликата на големиот мајстор, со иконата или со која било друга убавина: секоја убавина може да биде уништена – немарноста, околностите и злобата можат да го уништат и најубавиот предмет. Меѓутоа, кога пред нас ќе се најде слика која е делумно оштетена и осквернета, ние во неа можеме да видиме или уништеност или остаток на убавината. Ако со очите, воодушевени од љубов, ја погледнеме таа слика или било кое уметничко дело, тогаш го гледаме она што е убаво, додека за останатото можеме само да жалиме и да плачеме. Во еден момент можеме да одлучиме за целиот живот да го посветиме на воспоставувањето на сѐ она што е на тој лик, на таа слика, на тоа оштетено уметничко дело. Тоа е дело на љубовта: да го погледнеш човекот и истовремено во него да ја видиш неговата неотуѓена убавина и да се ужаснеш за она што животот направил од него. Љубовта е, всушност, крајно, најголемо страдање, болка поради тоа што човекот не е совршен и истовремено, ликување заради тоа што е така неверојатно и неповторливо прекрасен. Ако барем, еднаш така го погледнеме човекот, без оглед на сѐ и покрај сѐ што им паѓа во очи на другите луѓе.

Често се случува, на оние кои сакаат друга личност, да им речат: „Што најде во неа?“, „Што најде во него?“, на што тие одговараат: „Зар не гледаш колку е убава?“, „Зар не гледаш колку е прекрасен?“ Се покажува дека навистина е така, дека тој човек е навистина прекрасен, бидејќи оној кој љуби ја гледа убавината, додека оној кој не љуби, кој е рамнодушен или пак мрази, гледа само повреденост (оштетеност). Многу е важно да не заборавиме на тоа. Особено е важно да запомниме дека љубовта е докрај реалистична, дека таа го опфаќа целиот човек, дека гледа и проникнува, но наместо да осудува, да се одрече од човекот, таа плаче над уништеноста и подготвена е и животот да го положи за да го поправи и исцели сè она што е болно и уништено. Тоа е она што се нарекува целомудрен однос кон човекот, тоа е вистинско начело на љубовта, прва сериозна визија.


Говорев за љубовта како состојба на созерцание, во која човекот гледајќи го другиот – надвор од границите на неговите надворешни црти, без оглед на неговиот глас, без оглед на сè – гледа во него длабочина, која за него значи икона, која за него претставува убавина. Таа убавина е делумно оштетена со животот, минатото и околностите, но таа е тука и единствено таа е важна во тој човек, иако, се разбира и оштетувањата мора да се земат во предвид.

Меѓутоа, ако говориме за созерцание, може ли да се говори за тоа дека се создаваат и некои живи човечки односи? Созерцание на Бога, созерцание на икони, созерцание на убавината на природата, гледање на слики длабоко доживување на музиката – сè е тоа разбирливо, но на кој начин таквото созерцание може да доведе до некои суштински, вистински човечки односи? Ми се чини дека одговорот е во тоа што тоа созерцание, и едното и другото, т.е. обете ни откриваат за онаа состојба, кога тие самите во својата длабочина можат да се слијат во едно, можат да се сфатат и почувствуваат едно со друго, преминувајќи ја границата на зборовите. Ние сето тоа го знаеме од искуство, но лесно го забораваме.

Кој од нас не седел покрај драгите личности – покрај мајката, жената, мажот, пријателот – во вечерните часови, додека не се спушти мрак, кога се стишува сè наоколу? Во почетокот се води разговор, но подоцна и тој замира и останува некоја тишина, додека и едниот и другиот слушаат звуци: пукање на дрвата во каминот, чукањето на часовникот, далечни шумови кои доаѓаат однадвор… Потоа исчезнуваат и тие звуци и останува најдлабока тишина, безмолвие на душата. И гледај, во тоа безмолвие на душата, одненадеж чувствуваш дека си толку близок со својот пријател, со тој човек, кој се наоѓа покрај тебе! Тоа, секако не е слевање во онаа смисла дека еден човек постанува друг, туку дека обата се соединуваат во онаа длабочина на заедничкото доживување, каде зборовите не се потребни: тие се заедно, и ако љубовта е доволно длабока, постануваат една целина.