Проникнувај во најдлабоката суштина на другиот. Гледај зад неговите зборови, мисли, дела, на неговата борба со страстите.
Повеќето луѓе зад нечие непристојно однесување ќе видат еден хулиган, груб, неучтив човек. Но, тоа е грешка. Зад однесувањето треба да ги видат неговите болка, мака, немоќ, проблем, отсуство на мир. Доколку се фокусирам на неговото однесување, станувам полош од него.
За да разбереме некого треба да стекнеме други очи, друг ум, друго срце, друго чувство за настаните. Зад непристојното однесување сум повикан да ја видам страста на човекот, да ја видам борбата што демоните ја водат, за да го соборат. Ако не ги видам тие работи, тогаш и јас станувам марионета на страста и на нискоста.
За да го видам другиот во неговата длабочина, потребно е смирение. За да го чувствувам и разбирам некого, потребен е духовен вид, срце кое има безмолвие, просветлен ум. Тогаш навлегувам во длабочините на некого и можам да му помогнам, затоа што веќе го сакам.
Го сакам, затоа и го разбирам. Го прифаќам дури и шамарот што ќе ми го удри, зашто позади шамарот го гледам неговиот копнеж да најде прегратка.
Многупати остануваме на површноста на постапките и судиме површно, затоа што ги судиме другите по работите што гледаме што ги прават и ги кажуваат. Оваа измама ги уништува нашите односи, го оневозможува секој напор за мир. Многу пати бев сведок на случаи во кои нервите на еден човек, неговите вулгарности и суровост, сведочеа дека бараше пријател, некој да го разбере, некој да му даде важност; и кога тоа се случи, тој се смири. Проколнуваше сè и сешто, но всушност велеше: „никој не ме сака, имам потреба од некого да го сакам“.
Зад нервите и чудното однесување многупати се крие натрупана љубов којашто многу луѓе ја имаат, но не нашла излез, за да се изрази.
Парадоксално, но вистинито: оние коишто имаат во себе непотрошена љубов може да паднат дотаму, што да се однесуваат несоодветно, погрешно, сурово, неучтиво, чудно. Сакаат, но не нашле начин да ја „испуштат“ нивната љубов. Затоа и многу пати стремежот на нивните чувства се изразува бурно, ранувајќи ги другите. Едно сакаат да кажат, а друго кажуваат, едно сакаат да направат, а друго прават.
Секој човек бара прегратка што ќе го прифати. Некои ја бараат на погрешен начин. Не останувај во тоа, гледај го она што го бараат и дај им го, без да одбројуваш дали правиш добро или не. Не мери ја твојата прегратка зашто вистинските прегратки се безмерни.
Извор: pavelpapadopulos.wordpress.com
Превод: Наташа Наумоска