Молитва за другите IV дел

Молитва за оние кои бараат од нас да се молиме за нив

Старче, кога ќе ни кажат: „Молете се за моето дете, полага испит“, или „молете се за тој и тој, му претстои операција“, дали после тоа треба да се распрашуваме како поминало и дали е во ред?

-А зошто би се распрашувале дали сѐ поминало во ред? За да можеш да речеш: „Слава Ти, Боже, ми ја услиша молитвата?“ Си ја заврши задачата? Се помоли? Не треба да правиш ништо повеќе од тоа.

Како се молите кога ви даваат имиња за спомнување?

-Пред операцијата, имињата што ми ги даваа за спомнување ги читав стоејќи, а повремено правев и метании. Кога се вратив од болница ги читав имињата лежејќи, свртен на страна. Штом малку закрепнав, почнав повторно да ги читам имињата стоејќи.

Старче, кога поклониците ни даваат имиња за молебен, а ние не знаеме какви се нивните проблеми, што да кажуваме?

-Кажете: „Господи, помилуј ги слугите Свои, чии неволји Ти ги знаеш“.

А што, Старче, кога ќе се молиме за личности што не знаеме дали се живи или упокоени?

-Кажете: „Господи Исусе Христе, помилуј ги слугите Свои“.

Понекогаш, Старче, заборавам да се помолам за некого за кого ми е речено да се помолам, за некоја одредена работа во одреден ден.

-Почни ја молитвата прво со нив и кажи: „Спомни ги, Господи, слугите Свои, кои нам, недостојните, ни заповедаа да се молиме за нив“. Наведи ги нивните имиња еднаш-двапати, а после моли се за целиот свет велејќи: „Господи Исусе Христе, помилуј ги слугите Свои“.

Старче, некогаш не се сеќавам на имињата на луѓето што побарале да се молам за нив.

-Кога не се сеќаваш на имињата што ти ги дале, зафати се со воопштените случаи: болните, децата што застраниле од патот итн. На почетокот кажи: „Помогни им, Боже мој, прво на оние кои имаат поголема потреба“, а потоа продолжи со: „… помилуј ги слугите Свои“.

Старче, ги запишувам имињата на луѓето кои бараат да се молам за нив според случаите: за здравје, за просветување итн; но имињата непрестајно се умножуваат. Колку време треба да ги чувам имињата и да се молам за тие луѓе?

-Прво моли се за новите имиња, а потоа кажи: „Господи Исусе Христе, помилуј ги слугите Свои и целиот свет“, за возот да не замине со само мал број на патници.

Старче, кога бараат од мене да се молам за некоја работа, колку долго треба да се молам?

-Тоа зависи од проблемите што тој некој ги има, но и од тоа колку ти сострадуваш со него. Може човек и да нема некој голем проблем, но бидејќи сострадуваш со него, се молиш за таа работа со години. А можеш да свртиш и само една бројаница.

Старче, која е значи, мерката, дека за некоја работа сум се помолила онолку колку што било потребно?

-Моли се, сѐ додека тоа не почне да ти создава напнатост. А колку ќе биде тоа зависи од времето со кое располагаш. Но знај дека мерката не е колку некој се моли, туку како се моли. Некој може да помине многу време на молитва и да мисли дека се моли, а всушност не се моли, бидејќи не се моли со болка. А некој друг може и да не се помоли долго, но неговата молитва да е квалитетна, бидејќи се моли скрушено и со смирение. Се разбира и кога постои и квалитет и квантитет, тогаш ревносната душа од Бога прима двојна благодат и благослов.

Старче, кога во манастир ќе дојдат луѓе што имаат многу проблеми, па ќе ми ги дадат своите имиња да се молам за нив, јас сострадувам со нив, но понекогаш не располагам со време кое е сразмерно на потребата на тие луѓе за молитва, и тогаш ме мачат помисли.

-Некој ќе ти ја каже својата мака, ти ќе го сослушаш и длабоко ќе воздивнеш. Тогаш и да не стигнеш да се помолиш за него, таа воздишка вреди колку и повеќечасовна молитва; тоа е една молитва на срцето и таа сигурно донесува резултати. Ги читаш имињата што луѓето ти ги даваат и се грижиш што немаш време да направиш и нешто повеќе од тоа. Таа една воздишка на срцето кое го следи секое име, се запишува таму горе на небото и се искачува право пред Престолот Божји.

Продолжува