(Од житието на Преподобниот Алипиј, иконописец Печерски)
Зошто браќа, понекогаш се случува, кога во болести прибeгнуваме кон Господа или Светиите Негови, сакајќи во молитвите да не избават од болести, не само што не добиваме исцеление, туку состојбата на здравјето уште толку ни се влошува, така што на веќе постоечките страдање ни се додаваат и нови? Знајте дека тоа понекогаш се случува од причина што на Бога или Светиите Негови сме се обраќале во молитва без вера, или затоа што сме се молеле без доволно усрдност (жар), или пак најпосле, причина за тоа е нашата негрижа да ја очистиме нашата грешна нечистотија претходно, преку покајание. Слушајќи го тоа, сигурно ќе го поставите прашањето: на која основа се гледа тоа? Ќе ви одговориме дека доказ за тоа е следното:
Во времето кога преподобниот Алипиј иконописец се подвизувал во Киевско-печерската лавра, во Киев живеел некој богат човек, кој бил заболен од лепра. Бидејќи лек за таа страшна болест барал кај некои волшебници и врачари, не само што не се избавил, но здравјето уште повеќе му се влошило во споредба со состојбата пред да се обрати кон тие надрилекари. Потоа, еден пријател почнал да го убедува овој човек да оди во Печерскиот манастирот за да ги замоли тамошните монаси да принесат молитви за негово исцеление. Болниот, сепак, имал голем отпор за да оди во манастир, и тој се согласил, дури по долготрајно убедување. Кога го одведоа таму, игуменот заповеда да му се даде да се напие вода од бунарот на преподобниот Теодосиј. Откако се напил од тие води, болниот, како што е забележано, веднаш – „почна да се шири смрдеа од гнојот што од него истекуваше, поради неверието негово и сите се разбегаа. И се врати човекот дома плачејќи, обземен од тага, и многу денови не излегуваше од своите одаи, кукајќи: „Срам го обзеде лицето мое! Туѓ станав за браќата мои и странец за синовите на мајката ми“ (Пс. 68, 8-9). И сè ова ме снајде, бидејќи без вера пристапив кон Преподобните отци Антониј и Теодосиј.“ И после извесно време болниот се смири и доаѓајќи на себе, рече: „Ќе отидам во Печерскиот манастир, при Преподобниот Алипиј и ќе ги исповедам со негово посредство сите гревови мои!“ И како што рече, така и направи. После исповедта, Преподобниот му се обрати со зборовите: „Добро направи сине мој, што пред мојата смиреност, ги исповеда пред Бога сите гревови твои! Зборовите мои ги потврдува и Пророкот, говорејќи: „Реков, ќе ги исповедам на Господ моите престапи’, и Ти ми го прости гревот мој“ (Пс. 31, 5). Потоа Алипиј уште долго го поучуваше овој заболениот за спасение на душата, а потоа го воведе во храмот, го причести со Светите Тајни, му заповеда да се измие со светата вода и гледај, од болниот паднаа сите гнојни рани и тој потполно оздраве.
Според тоа, браќа, јасно е дека понекогаш се случува и после молитвата да не добиеме исцеление, или затоа што сме се обратиле на Бога или на Неговите Светии во молитва без вера, или затоа што не сме се молеле со доволно усрдност, или, најпосле, причината е нашата негрижа прво да се погрижиме да ги исчистиме нашите грешни нечистотии со покајание.. Бидејќи овој лепрозен дошол во манастирот против своја волја, бидејќи се молел без усрдност и бидејќи немал покајание, не само што не се излечил од болеста, туку поради неговото неверие и гнојот истекол од него. Штом со вера притекнол при Бога и принесол покајание, веднаш бил исцелен. Од ова и вие да се учите во болести, секогаш да се обраќате кон Господа и Неговите Светии, молејќи ги за помош, но не било како, туку со длабока вера, сериозност и со претходно очистување на вашите гревови преку покајание. Така мора да биде: зашто што вели Божјото Слово за болестите: „И молитвата со вера, – вели апостол Јаков, – ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“ (Јаков 5:15). Па, дали една обична молитва, сведена на метанија, ќе го подигне пациентот? Не, туку молитвата со вера. А преку што се опростуваат гревовите на заболениот? Очигледно, преку покајание. Научете, затоа, повторуваме, да се обраќате кон Бога и Неговите Светии кога сте болни и во секоја друга прилика да барате од нив да ви помогнат со вера, усрдност и покајание и знајте дека само така Господ ќе ви помогне.
Амин.
Против пијанството
Беседа на свети Јован Златоуст за тоа колку е погубно пијанството
Сите знаат колку е бедна положбата на пијаниците во материјална смисла, но не секој знае дека нивната положба е неспоредливо помизерна и пострашна во морална смисла. А ова последното мора да го знаат, ако не сите, барем самите пијаници, бидејќи тоа сознание ќе им открие колку длабоко злото ги повредува со пијанството и како со тоа си ја уништуваат душата. Затоа имаме намера денеска да им ја принесеме беседата на свети Јован Златоуст. Можеби таа ќе ги вразуми. Дај Боже овие зборови да ги направат мудри, да ги приведат кон покајание и засекогаш да се одвратат од страшниот порок, на кој се препуштиле.
„Пијанството е страшно, – вели Вселенскиот Учител, – „и тоа е способно да го направи човекот бесчувствителен и да го уништи неговиот разум. Разумниот човек, кој треба да има власт над сè што го опкружува, го фрла на земја, како да е мртов и го прави полош од мртвите. Имено, мртов човек не може да прави ниту добро ниту зло, а пијаницата не ни помислува на добро, туку само се стреми кон злото и ги подложува на потсмев сите – сопругата, децата и слугите. Пријателите се срамат од него, непријателите му се потсмеваат и го проколнуваат, нарекувајќи го свиња и бесловесен добиток. А може ли некој да биде покукавичен од таков човек кој се впушта во пијанство и кој секојдневно си го уништува умот со алкохол? Затоа што пијанството го помрачува умот полошо од демонот и, заробувајќи го човекот, го лишува од секое сострадание кон него. Кога гледаме човек во бунило, ние сепак го сожалуваме и сочувствуваме со него, но кон пијаницата се однесуваме сосема спротивно: негодуваме и се лутиме, и го преколнуваме безброј пати. Зошто? Затоа што човекот во бунило не прави зло по своја волја и затоа е достоен за прошка, а пијаницата, што и да прави, не заслужува прошка затоа што доброволно паднал во зло и доброволно се предал на маките што ги носи со себе пијанството. Тој ја губи љубовта на пријателите, честа, имотот, здравјето и така во овој живот запаѓа во голема неволја. Но, неопислива неволја го чека дури во животот на идниот век, бидејќи пијаниците нема да го наследат Царството Божјо. Погледајте сите вие што се опивате, до што се доведувате себе си со пијанството! Човекот, создаден по образ и подобие Божјо и господар на сите, пијанството го прави полош од бесловесниот добиток. Сите, како што опоменува свети Златоуст, се срамат од пијаниците, им се смеат, ги проколнуваат; никој не жали за нив; не заслужуваат прошка, ја губат љубовта од пријателите, честа, здравјето, а го губат и Царството Божјо. Има ли нешто пострашно од ова!? Овде, на земјата, срам, а во животот на идниот век, вечна мака! А што ако пијан човек ненадејно го фати неумолива смрт? Со какво лице ќе се појави на Божјиот суд? Каков одговор ќе даде? Што ќе каже за своето оправдание? Таков човек би било подобро да не се родил во светот отколку да доживеал толку страшен ден.
Освестете се значи, додека има уште време и победете ја таа погубна страст во себе, со сите сили на вашата душа. Ова несомнено е многу тешко да се постигне. Меѓутоа, не заборавајте дека благодатта Божја е посилна од најсилната волја и затоа трудете се да ја придобиете преку топла молитва и да ја задобиете како непобедлива сила против страшниот грев. Господ е милостив и доколку имате силна желба да го оставите овој страшен порок, Он ќе ја види таа желба и несомнено ќе ви пружи помош во борбата против него. Амин.