Царицата Небесна – икона на мајчинството

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, за празникот Успение на Пресвета Богородица, изговорено на Светата Литургија, по читањето на Евангелието, на 28 август 2022 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Во евангелскиот извадок, мили мои, што е предвиден да се чита на Богородичните празници, има само една реченица и тоа на самиот крај, која се однесува на Пресветата Богомајка. Имено, тоа е исказот на некоја жена која, слушајќи ги Божествените и медоточни зборови на нашиот Господ Исус Христос, со восхит извикала: Блажена е утробата што Те носела, и градите од кои си се хранел! (Лука 11,27) Навистина, само една реченица, но со вечно значење. Да, блажена и триблажена и секогаш преблажена е утробата на Онаа Која ни стана словесен рај и спасителен пристан; утробата преку која Синот Божји стана и Син на Дева, личноста преку која Бог стана човек и човекот станува бог по благодат. Тоа е нашата Пресвета Владичица Богородица, благословената меѓу жените, која преку своето неискажливо смирение, преку целосното себепредавање на Бога и на волјата Негова, беше избрана да стане Мајка Божја; да Го смести во својата пречиста утроба Несместливиот и Неопфатниот. Иако ограничена со тело како и сите ние, Таа стана поширока од небесата и е воплотена благодат. Ги сочува девството и чистотата заради Бога и од Него доби неизмерна сила, па стана и беше наречена Мајка на целото човештво.

И ете, сите кон Неа прибегнуваме и на Нејзината милост се надеваме, бидејќи чудесата нејзини од ѕвездите на небесниот свод се побројни. Нема таков меѓу Христијаните кој не ја почувствувал нејзината чудесна, мајчинска љубов, а не се малку на број и иноверните што ја примиле нејзината помош. Затоа сиот човечки род кон Неа притекнува, ѝ се моли и блажена ја нарекува. Како што и самата за себе пророчки рече кога се сретна со Елисавета, мајката на Свети Јован Претеча: Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, зашто ја погледа смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме нарекуваат блажена сите поколенија (Лука 1,46-48). Овие вдахновени слова во целост се овистинија, почнувајќи уште во нејзино време, со жената која во умиление воскликна дека блажена е Нејзината утроба и таа пофалба од родот човечки трае сè до ден денешен. Две илјади години и повеќе, со поколенија и поколенија, Црквата Божја на секоја богослужба воскликнува: „Достојно е навистина блажена да те нарекуваме, Богородица, секогаш блажена и пренепорочна Мајка на нашиот Бог“. Постојано е восфалувана и секогаш блажена нарекувана. Всушност пофалбата кон Неа го крунисува секое моление во Црквата, оти секоја богослужба  завршува со молитвословие и славословие кон Преблагословената Дева Марија. Едноставно, соборот на верните, а и сиот свет не може да дише, не може да живее и опстојува без молитвеното посредништво на Онаа Која Бога Словото на Земјата Го донесе.

Ќе повторам, мили мои, светот во кој живееме има особено потреба од молитвената закрила и од мајчинското застапништво на Пресвета Богородица. Денес на човечкото општество, можеби како никогаш досега му е потребен ликот на мајката и на она што ја преставува мајчинската љубов. Затоа, да ја молиме Онаа Која стана Мајка на светот и образец на сите мајки, преку чијашто љубов мајчинството го доби своето вистинско и свето достоинство. Во нашево време гледаме дека, за жал, во опасност е и тоа најсветото, мајчинското. Немилосрдно бива погазувана не само оваа свештена и возвишена христијанска вредност, туку и сето наследство што Христос ни го остави како предание во Црквата за спасение. Слушаме за морален распад, за погазување на основното човечко достоинство, за сурогат мајки, за истополови бракови, за промена на пол итн. Со еден збор, христијанската цивилизација, а со тоа и човечноста на луѓето, е крајно загрозена. Но ние, кои од Бог сме удостоени со вистинското богопознание, треба со љубов, со труд, со молитва кон Пресвета Богородица, да го сочуваме најсветото, да го негуваме со љубов семејството – оваа од Бога благословена заедница. Жените, пак, посебно да се трудат  да го запазат мајчинството, да се борат за верата и за христијанските начела, исто како некогаш жените Мироносици и како светите маченички низ историјата, кои храбро се носеа со сите искушенија и предизвици и никогаш не прифатија да направат компромис во однос на верата во Христа, а во прилог на своето лично задоволство и комформизам. И затоа тие, имајќи ги верата и аскезата како камен темелници на правилното и автентично живеење, успеаја да изградат навистина здраво и прогресивно општество.

Значи, историјата покажа и посведочи дека без Христијанство нема ни нормално ни силно општество. Денес е толку лесно да согледаме и заклучиме дека без Христа светот полудува. Гледаме што се случува насекаде околу нас и меѓу нас, со светот, со Европа на која географски ѝ припаѓаме и кон чија заедница се стремиме. Како европски ориентирана држава, целиме да влеземе во општеството на обединетите европски народи, чијашто култура е втемелена врз христијански основи. Оти Цивилизирана Европа, онаква каква што ја познававме, беше плод и придобивка токму на Христијанството – тоа го потврдува целата европска историја. Но што се случува со неа денес, во ова т.н. постхристијанско доба? Мрак! Нѐ опфаќа страв и одвратност кога слушаме за нездравите тенденции кои сè повеќе се зацврстуваат. Семејството како основна општествена клетка, како Црква во мало, речиси и да го нема повеќе. И Богородица плаче заради тоа. Колку често на разни места во светот гледаме како Нејзините чудотворни икони пролеваат солзи. Плаче Мајката затоа што Христијаните го оставаат Евангелието и Христос. Стануваат безбожници, неопагани или формалисти. Не веруваат суштински во Евангелието, во Христа, во вечниот живот. Не веруваат во Христовата сила која преобразува и спасува. Многу од Христијанките на кои Пресвета Богородица треба да им е икона за мајчинството, се предадоа на хедонизам, на блудство, на суета. Немојте така, мили мои. Богородица Мајка ни покажа дека жената е најголема светиња. Неслучајно воскреснатиот Христос најнапред им се јави на жените Мироносици: сакаше да им покаже ним, на нивните чувствителни, мајчински срца дека тие ќе имаат пресудна улога во новиот свет што ќе го создава Он. Ги пресретна во нивната тага и им рече: Радувајте се! Не плашете се; одете и соопштете им на браќата Мои (Матеј 28,9-10).

Христијанската проповед и вероучение во изминативе две илјади години се крепеше на жената, на мајката. Токму таа е чувар и столб на семејството. Нејзин, пак, образец е, рековме, Мајката на сите мајки, Царицата Мајка, Пресвета Богородица. Нејзе, мили мои мајки, молете ѝ се за женскиот род во Христијанството, да не го изгуби свештениот лик и улога што ги има. Заедно да ја молиме Богородица за тоа, бидејќи доколку имаме мајки кои ќе ги воспитуваат децата во христијански дух, нема да бидеме во опасност и родот христијански ќе ни биде силен. Во тоа нека ни помага нашата Мајка Царица, Која е заштитница на Христијаните, нашата „златоисплетена кула и дванесетоѕиден град“, каде што се засолнуваме од сите притесененија и искушенија и каде што го наоѓаме нашиот рај. Да ја молиме, исто така, да не израдува со оној неискажлив мир во срцата, со пожртвувана љубов христијанска и чиста просветлена мисла, благословувајќи нè нас и целиот свет.

Амин!