Споменот на тројцата Велики Јерарси и Просветители во Бигорски

Денес Црквата Христова ги празнува со духовни песни и химни трите велики светила на трислонечното Божество, славните учители, просветители, архиереи и чувари на верата, Светите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст. Иако за секого од нив Црквата има одредено посебен ден за празнување, по Божја промисла и за поука на луѓето кои сакале да ги делат и да издигнат еден над другите, во почетокот на XI век востановила заеднички празник, бидејќи и тројцата се едно во Бога. Тие се вистински прототипи, примери за следење и патокази кон небото и вечноста. Тие тројца како громови од небото го осветлија животот на земјата и историјата со вистинско богословие и богопознание. Тие се заштитници и помагачи на вистинската просвета и наука, упатувајќи на вистинското знаење и објаснувајќи ја вистинската полза и целта на знаењето на сите науки и разбирањето на нештата.

Иако по толку години и векови, би требало да ги имаме спознаено вистинските знаења, вредности и познание на животот и на вечноста, за жал, живееме во време во кое како на светот да не му се потребни примери и прототипи на живот. Секако, многумина имаат омилени ликови од светската сцена, на коишто им се восхитуваат на дарбините и умешностите што ги поседуваат, во гласовните способности, во спортот, во уметноста, но пред сѐ во интернетот. И светот постојано дискутира за нив, дури за деталите од нивниот живот, кои се толку безначајни, како на пример, кој се скарал, кој се развел, кој се облекол во нешто ново, кој отишол на некое патување. Она што е мало, лошо, провокативно, за жал, тоа е привлечно за светот. Тоа на еден начин е резултат на некоја скриена завист кон ближниот, особено кон оние што се успешни во идеалите на светот: пари, слава, задоволства. Тоа се смета за комоција и слобода, и за нешто што на човек божем му дава радост.

Тешко човек се учи од една аксиома кажана од Светите Отци: Поминува, одминува славата во светот. Црквата ни дава, ни предлага три примери, тројца прототипи за следење во животот: Светите тројца јерарси: Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст. Нивната светлина никогаш нема да згасне, зашто ни покажуваат пат и вредности кои се уникатни и вечни: љубов кон Бога и кон ближниот. Грижата за болните, немоќните, несреќните, осамените, незаштитените. Бев гладен и ми дадовте да јадам, бев жеден и ми дадовте да пијам… Оваа љубов не е прост антропизам, хуманизам, една идеја, туку извирала од нивната длабока љубов за Бога. Светите ни се примери и во теоријата и во праксата. Поточно, според Светите Отци, во духовните нешта прво е праксата, практикувањето на верата и добродетелите, а потоа следува теоријата и познавањето на нештата, преку познанието на Бога. Животот и делата на овие три светила, осветлувани од светлината на вистинското Сонце – Христос преставуваат вистинска енциклопедија и се предлагаат на секого за проучување.

Нашата Свештена Бигорска Обител, со својот Старец и Игумен, Епископот г. Партениј, љубејќи го вистинското знаење и просвештение, со особена љубов и радост, духовно го отпразнува споменот на овие тројца великани на верата, крунисувајќи го со Света Архиерејска Литургија, преку која ни се дадоа небесни светлини и заедница со Троединиот Бог, кој славно ги прослави овие тројца Јерарси.

Нивните благослови и просветление нека бидат со сите нас!