Една од најдобрите поуки опишани во прекрасната книга Лавсаик го опишува животот на некој монах којшто со благослов го напуштил манастирот и заминал да работи како растоварач на пристаништето во Александрија.
И како и на секое пристаниште во тоа време, и на александриското имало блудници. Монахот работел през цел ден, а вечерта трошел сѐ што заработувал, „купувајќи“ го друштвото на некоја од блудниците за цела ноќ.
Тој бил срам за сите Христијани во градот, бил соблазна за Црквата. Годините минувале, а тој и покрај прекорите и советите, продолжувал со својот „гревовен живот“. Еднаш, како што ќе стане и со секого од нас, му дошла смртта, како избавување, како лек што го спасил од гревовите што не престанувал да ги прави дури и пред самата смрт.
И како сега да не го погребаат со христијански погреб?
Свештениците од градот го зеле неговото тело да го закопаат в земја, а заедно со него и – скандалот. Веста за неговата смрт брзо се расчула: „Монахот блудник умре. Ама кој ќе отиде в црква да го испрати?“
Но ете, црквата на денот на погребот се наполнила со жени од Александрија и околината, чесни жени Христијанки, коишто дошле да го поздрават монахот за последен пат, и тоа не како обичен мртовец, туку како светец! Тогаш некој го препознал во жените лицето на една поранешна блудница, којашто порано стоела на пристаништето… И некои други исто така, се сетиле на минатото на овие жени.
Тогаш целиот град разбрал дека монахот „блудник“ бил всушност свет човек, кој парите што ги заработувал ѝги давал на некоја од блудниците, само за да ја запази од грев барем една ноќ. Тој го купувал „правото“ за нејзиното тело, за да ја спечали за Христа нејзината душа.
Така, оној за кого цел град мислел дека е соблазна, тој бил всушност вистинска чистота, неосквернета љубов, пример за самоодрекување, човек Божји, молитва и обожение. Зашто човекот Христов не се суди во текот на неговиот живот, туку на неговиот крај.