Нашето присуство во храмот – II дел

Така значи, кога влегуваме во храмот ние го поминуваме растојанието од земјата до небото. Ги преминуваме ѕвездите, ги оставаме ангелите зад нас и се искачуваме таму каде што стои Пресвета Троица. Тоа е таинство на нашата Црква. Го гледаме лебот и виното, но кој од нас не верува дека тоа е Христос? Го вкусивме виното и лебот, но кој нас не верува дека тоа се тело и крв Христови!

Истото таинство се извршува и овде. Гледаме дека сме пред тие и тие икони, под полиелеите, стоиме еден до друг. Грешка. Тоа е таинство. Не сме тука. Таму горе сме, заедно со цел собор Светии, заедно со ангелските воинства, заедно со шестокрилите серафими, кои што се движат така брзо за и нас да нѐ научат дење и ноќе да брзаме кон Христа, заедно со многуоките херувими за и нашите очи да навикнат да Го препознаваат Христос. Тоа е таинството на нашата Црква.

За да можеме подобро да го разбереме ова, да си претпоставиме дека сакаме да направиме потфат, да се искачиме на највисоката планина. Што правиме тогаш? Земаме со себе намирници, храна, обувки, стапови и сѐ друго што ни е неопходно за искачувањето, си го проверуваме здравјето и се подготвуваме. И кога ќе се подготвиме, наеднаш гледаме дека веќе сме таму горе на врвот. Нешто слично се случува и тука. Додека сме ги подготвувале срцата за да се искачиме еден ден на небото, додека го осмислуваме тоа и влегуваме во храмот, всушност, ние веќе се наоѓаме на небесните височини. Се приготвуваме за војна, да го победиме демонот и гревот и како што гледаме, гревот сѐ уште ни дејствува во телото, во душата – влеземе ли во храмот, тоа тело застанува оддесно на Отецот и Христос ни Го покажува Небесниот Отец. Тоа таинство ни се открива многукратно во храмот.

Што направивме пред малку, возљубени, кога се правеше малиот вход? Пред малиот вход, упативме молитва кон Господа Бога да нѐ удостои, заедно и ние со ангелите, да го придружуваме светото Евангелие: Владико Господи Боже наш… направи го входот наш да биде и вход светите Ангели. И навистина станува така. Не го правиме входот ние, го прават ангелите кои што Бог ги испратил. Затоа сите ангели се нарекуваат службени духови, бидејќи доаѓаат за да ни прислужуваат, како што ни прислужуваат и ипоѓаконите, што одат пред свештениците или ни ги палат кадилниците. Тоа е ангелско служење. Ни подготвуваат сѐ, така што еден ден трпезата на спасението да ни биде готова. Кога ќе биде готова? Некогаш домаќинката ја подготвува масата побрзо, другпат побавно. Така постапува и благородникот Христос, Царот на Небото и земјата. Понекогаш брзо, а некогаш бавно ни ја подготвува трпезата на спасението. Ни прислужува заедно со ангелите. Ангелите одат напред за да ни го отворат патот, потоа влегуваме и ние и ја земаме кадилницата да ги покадиме, бидејќи ни прислужуваат. И потоа да ги покадиме Светиите и сѐ останато во храмот.

(Продолжува)