Нашето присуство во храмот – III дел

Се сеќавате ли еднаш, кога св. Спиридон служел Литургија и рекол: „Мир на сите“, ангелите одговориле: „И на твојот дух“. Отците на Црквата секогаш имале такви откровенија и виденија, кои и денес продолжуваат да се случуваат. На ист начин и св. Сергиј Руски секогаш кога служел Божествена Литургија, гледал до себеси ангел. Во една прилика кога служел, неговите двајца ученици наеднаш забележале дека не се само тројца во олтарот, туку четворица. Гледале запрепастено: кој е четвртиот? Ова им било прв пат да го видат и го прашале светиот: „ Четворица сме, што се случува?“ „Тивко“, им одговорил тој, „ќе ви објаснам подоцна. Тоа е светиот ангел, кого Бог ми го испрати. Секогаш доаѓа и ми прислужува“.

Тоа е нашето величие. Тоа ни го открива светиот Јаков во својата Литургија. Затоа таа започнува со малиот вход. Штом ќе влезел, велел: „Мир на сите“, го извршувал малиот вход и потоа големиот. Кога треба да се изврши големиот вход, свештеникот го упатува својот поглед кон небото и ги симнува небесата на земјата. Им заповеда на херувимите, на серафимите, на Пресвета Троица. Зашто Бог го облекува свештеникот во истата власт, каква што има Исус Христос. Со оглед на тоа дека Христос не присуствува видливо, тој им остава на свештениците право да го извршуваат сето она што Он го врши. И свештеникот пред жртвеникот е император, кој што им заповеда не на луѓе, туку пред сѐ на полковите од Светии и Ангели. Честопати ние се заморуваме и вознемируваме, но Светиите и Ангелите никогаш не велат „не“ на Божјиот свештеник, особено за време на Литургијата.

И ете, возљубени, тоа е величието што ни го открива светиот Јаков денес. Нашата Литургија е еден таков голем дар. Никој не е достоен за тоа величие. Никој не може да прави ништо без Бога. Бог ги прави тие нешта и ни ги предава во рацете и срцата.

Заповедаме на Светиите и тие доаѓаат. Оној Светија што го сакаш, тој те посетува. Оној што си го повикал, тој доаѓа кај тебе. Затоа велиме: „Ти благодариме, Господи Боже наш, зашто си ги симнал ангелските воинства при нас, а нас нѐ издигнуваш до небесата. Удостоени сме да застанеме пред Небесниот Отец. Какво блаженство! Каква среќа!“

Но, нека секој си мисли: „Колку велик, колку богат, колку возвишен ме прави Бог, мене грешниот!“ Тешко мене зашто загинав (Ис. 6,5), Бог слезе врз мене и се плашам да не загинам, рекол Исаија. Така треба да велиме и ние кои влегуваме во Црквата. Да се боиме и да се радуваме. Да трепериме, но и да треперат срцата наши, зашто Го прегрнуваме Бога и Он нѐ прегрнува нас.

И така, сме дошле во Црквата на Литургија. Не се грижете: пред нас присуствува Бог! Каде и да го свртиме погледот – пред нас е Бог. Ако не Го гледаме, тоа не значи дека Го нема, туку дека очите едноставно не ни навикнале да Го гледаат Бога.

Нашата Црква на крајот на Светата Литургија возгласува: Видовме вистинска светлина. Ја видоа и нашите срца. Ја почувствувавме опипливо во животот. Ако Ангелите за Пресвета Богородица, која што се искачувала на небото, велеле: „Отворете ги портите, кнезови“ – кнезови на небесните воинства, Архангели и Ангели, отворете ги портите за да влезе Царицата – а колку повеќе треба ние да викаме за Царот Христос кон Ангелите и Светиите што нѐ исполнуваат, гледаат, љубат и заштитуваат: Ангели, Архангели, „Отворете ги портите и ќе влезе Царот на славата.

Да Го гледаме со умот Царот на Кого, ние грешните, сме Му отвориле пат, и да велиме заедно со псалмопевецот: Пријдете да се поклониме и да паднеме пред Него, да ги преклониме колената пред лицето на Господа (Псалм. 96, 6-7). Да ги отвориме длабините на срцето пред Бога, Кој е присутен и секој ден да одиме сѐ понапред, за да може да ни се открие сето она што Бог, нашиот Искупител, го направил за нас.

Крај