Нема грев кој ја победува милосрдноста Божја

(Од житието на Преподобниот Симеон Столпник)

Има луѓе кои, бивајќи свесни за мноштвото свои гревови, доаѓаат до убедување дека Господ нема да им прости. Тоа убедување е невистинито. Колку и да е некој грешен, ако се обрати кон Бога со искрено покајание и скрушеност во срцето и ако вети останатото време од својот живот да го поправи своето поведение, утврдувајќи ја во душата своја намерата, дека ова ветување навистина ќе го одржи, Господ на таквиот неизбежно ќе му прости и без сомнение ќе му ја покаже Својата милост.

Во Антиохија живееше некој разбојник по име Јонатан. Тој убиваше многу луѓе по патиштата и во нивните домови, многу села ограби и градски предградија опустоши. Кога разбојништвото негово ја премина мерката на трпението на Антиохијците, тие испратија голема војска против него, ја уништија неговата дружина, а самиот Јонатан беше опколен од сите страни. Наоѓајќи се во крајно безизлезна положба, тој притрча до столбот, на кој се подвизуваше Преподобниот Симеон, грчевито се фати за столбот и горко заплака. Свети Симеон го запраша:

     – Кажи ми кој си и зошто дојде овде?

     – Јас сум Јонатан, разбојникот, – одговори тој;

     – Направив многу зла, и дојдов овде да се покајам за моите гревови.

Додека разбојникот сè уште ги зборуваше овие зборови, ете, војниците што го гонеа Јонатан, се приближија до столбот и му рекоа на Преподобниот:

     – Оче, предај ни го нам овој разбојник, непријателот наш. Во нашиот град и ѕверовите се спремни да го растргнат.

Симеон им одговори:

     – Чеда мои, не сум јас тој што го доведе овој човек овде, кого вие го прогонувате, туку тоа Го направи Самиот Господ, кој сакаше да Го прими неговото покајание. И затоа не можам да ви допуштам да го фатите, бидејќи се плашам од Бога; ако се осмелите да му пристапите без моја дозвола – земете го.

Имајќи голема почит кон Преподобниот, војниците не му пријдоа на разбојникот, а тој остана со Симеон и помина седум дена во пламена молитва кон Бога и плачење, поради неговите гревови. Откако поминаа седум дена, Јонатан му рече на Симеон:

     – Оче, се исполни ли времето да се одделам од тебе?

На тоа Преподобниот му рече:

     – Да не имаш намера, можеби, да се вратиш на своите поранешни дела?

     – Не, оче, – рече – поранешниот разбојник, – но времето на моето заминување се ближи.

И  откако го рече тоа, издивна. Кога учениците на Симеон почнаа да го подготвуваат покојникот за погреб, дојдоа од Антиохија старешините градски и почнаа јаросно да извикуваат:

     – Оче, веднаш предај ни го нашиот непријател! Зашто целиот град е возмутен поради него!

Симеон им рече:

     – Знајте дека Оној, Којшто го донесе овој разбојник кај мене, дојде со мноштво небесни војски и ја зеде при Себе неговата душа очистена со покајание. И затоа ве молам повеќе да не ме вознемирувате.

Кога ги слушнаа овие зборови и го видоа разбојникот мртов, старешините се исполнија со ужас и тие Го прославија Бога, Кој не ја сака смртта на грешникот. Враќајќи се во градот, тие им раскажаа на жителите за сè што видоа нивните очи и што слушнаа нивните уши.

Затоа, несомнена вистина е дека, колку и да е некој грешен, ако се обрати кон Бога со искрено покајание во душата и срцето си ја утврди намерата да си го поправи животот, неизбежно ќе добие прошка од Господа, и  Спасителот ќе му ја покаже милоста Своја. Затоа и вие, бивајќи свесни за мноштвото ваши гревови, не очајувајте; отфрлете ја лажната помисла дека Бог нема да ви прости, туку веднаш побрзај кај Него со покајание и солзи. Бог нема да го отфрли вашето скрушено и смирено срце. Слушни што им вели свети Димитриј Ростовски на грешниците:

Не тагувај, човече, неразумно… заради твоите големи прегрешенија пред Бога. Дури и ако твојот грев ги надмине сите прегрешенија човечки, сепак, не смееш да се препуштиш на очајание и заборав поради тага: затоа што нема грев, што ја победува милосрдноста Божја. Што се нашите гревови, спроти милоста Божја? Затоа што Господ нè прегрнува со Својата милост и нè води кон спасение. Бог ги понесува гревовите на целиот свет и преку покајанието, гревовите на сите ги отпушта; ти, пак, мислиш ли дека Оној, Кој ја пролеа Својата крв за целиот свет, зар нема да го понесе твоето бреме гревовно! Зар не треба единствениот да не ти подари опростување на гревовите со Својата крв? Само покај се! Само довери Му ги своите гревови, за да се оправдаш! Кажи: „Ќе му ги исповедам на Господ моите престапи – и веднаш бесчестието ќе го напушти твоето срце.

Слушаш ли што вели Светителот? – „Нема грев што ја победува милоста Божја; Бог ги носи гревовите на целиот свет; Он ја пролеа Својата крв за целиот свет“. Знаејќи го ова, отстранете ја од себе еднаш засекогаш секоја сомнеж во Божјата милост кон вас и побрзајте кон Господа, Кој пострада за сите грешници, Кој ги повикува сите грешници кон Себе и Кој е секогаш подготвен да им прости.

Амин.