Работата ги изгонува демоните од нас

(Раскажување од Старечникот)

Повеќепати разговаравме, браќа и сестри, за тоа што ги оддалечува демоните од нас и рековме дека најдоброто средство, за да ги оддалечиме од нас се: постот, молитвата, крсниот знак, читање на словото Божјо и добродетелта угодна на Бога – смирението. А сега ќе ви откриеме уште едно оружје во борбата против демоните, кое многупати во животот се покажало како делотворно. Обрнете внимание на него.

Еден велик Старец имал ученик кој живеел со него, но во посебна ќелија. Во една прилика Старецот слушнал демони како се жалат: „Тешко нам од тие монаси! Ниту можеме да му се доближиме на Старецот, ниту на неговиот ученик, зашто тој постојано урива и гради, а ние никогаш не го гледаме да безделничи!“. Слушајќи ги овие зборови, Старецот сфатил дека демоните од него ги изгонува Божјата благодат, а за ученикот се наоѓал во недоумица, што можело да значи тоа „урива и гради“. Вечерта отишол кај ученикот и го праша: „Како живееш?“ Ученикот одговорил: „Добро, отче“. Старецот почнал да го прашува дали паѓа во униние. Ученикот му покажал со рака кон камењата, што биле околу него и му рекол: „Од овие камења градам ѕидови и потоа повторно ги уривам, така што кога постапувам така не чувствувам униние“. Големиот Старец тогаш разбрал дека демоните не можат да му пристапат на ученикот токму затоа што никогаш не го виделе како безделничи и почнал уште повеќе да го поттикнува ученикот да продолжи со работата. На другите, Старецот за тоа им говорел вака: „Знам дека мојот ученик со својата работа не донесе придонес ниту за себе, ниту за другите, но бидејќи не беше мрзлив, демоните не можеа да најдат погоден момент за да му се приближат“.

Затоа, како што покажува овој пример, и работата е, исто така, сигурно оружје против демонските замки. И Светите Отци ни ја даваат истата порака што можеме да ја извлечеме од овој пример. Преподобниот Пимен Велики нè учи: „Кога котелот врие, затоа што под него е запален оган, тогаш ни мува, ни друг инсект не може да му се доближи. Меѓутоа, штом течноста во него се олади, мувите и сите други инсекти слетуваат на неа“. Така е и со човекот. Кој е усрден и вреден во чесниот труд, непријателот на човечкиот род не може да му пријде; кој живее во невнимание и мрзеливост, него го соборува без никаков труд. Ако, според сето она што го слушнавме, трудот и работата се толку сигурно средство во борбата против непријателот на нашето спасение, држете се до него, браќа и сестри, трудете се и работете за слава Божја, за доброто на ближните и за спасението на вашите души, а демоните ќе бидат далеку од вас.

Амин.