Ќе бидеме среќни кога тајно ќе ги засакаме сите луѓе. Тогаш ќе чувствуваме дека сите нè љубат. Никој не може да стигне до Бога, ако не помине преку луѓето. Затоа да љубиме, да се жртвуваме за сите безусловно, без да сакаме нешто за возврат. Тогаш човекот наоѓа хармонија. Тоа е најголемото таинство на нашата Црква, за да можеме сите да станеме едно со Бога.
Љубовта кон ближниот нè подготвува повеќе да Го засакаме Христа. Треба да ја разлееме кон сите својата љубов, без да ни е грижа за нивното однесување. Кога благодатта Божја ќе влезе во нас, нема да нè интересира дали нè љубат или не, дали ни се обраќаат со убави зборови. Ќе ја чувствуваме потребата сите да ги љубиме. Егоизам е да сакаме сите да ни кажуваат убави зборови.
Кога љубиме, без да се трудиме другите да нè љубат, сите ќе се собираат околу нас како пчели. Ова важи за секого. Ако ближниот ти додева, те замара, мисли го следново: „Сега ме боли окото, раката, ногата и треба да се погрижам да ги излекувам со целата своја љубов“. Да не мислиме, сепак, за тоа што ќе го добиеме за ваквите наши добри дела, ниту, пак, дека ќе бидеме казнети за лошите нешта што сме ги направиле.
Ја осознаваш вистината тогаш кога ќе почнеш да љубиш со љубовта со која нè возљуби Христос. Тогаш не бараш да те сакаат, тоа не е правилно. Да љубиш, да ја даваш целата своја љубов, ете тоа е правилното. Од нас зависи дали ќе се спасиме. Како стои во Библијата: Тоа е добро и угодно пред нашиот Спасител Бог, Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината ( I Tим. 2,3-4).
Кога некој на каков и да е начин се однесува нечесно кон нас, со клевети, со навреди, и сл. да помислиме дека тоа е нашиот ближен, кој е под власта на непријателот, плен е на непријателот. Затоа треба да сочувствуваме со него и да Го молиме Бога да нè помилува и нас и него, и така Бог ќе ни помогне и на двајцата. Ако, пак се разгневам против него, тогаш непријателот ќе скокне кон нас и ќе нè нападне и двајцата. Оној кој ги осудува другите, тој не Го љуби Христа. Зад сето стои егоизмот, оттаму доаѓа и осудувањето.
Да претпоставиме дека некој човек се наоѓа сам во пустината каде што нема никој. Наеднаш тој слуша некаков далечен плач и крици. Се доближува и се среќава со запрепастувачка глетка: некој тигар, зграпчил човек и гневно го раскинува. А човекот очајно моли за помош. Што да направи овој за да помогне? Зарем да фрли камен кон несреќникот и да го доврши? „Не, секако не!“, Ќе одговориме ние. Но тоа може да се случи тогаш кога не сфаќаме дека човекот кој што лошо се однесува со нас е всушност во плен на ѓаволот, на тигарот. Некако ни бега од сознанието тоа дека кога не постапуваме со љубов кон тој човек, ние како да фрламе камења врз неговите рани и му причинуваме зло. Тогаш „тигарот“ се фрла против нас и ние почнуваме да правиме уште полоши нешта од него. Тогаш каква ни е љубовта што ја имаме кон ближниот, а пред сè кон Бога?
Треба за злобата на другиот човек, да мислиме како за болест, која го измачува и не може да се ослободи од неа. Затоа да гледаме на ближните со сочувство и учтиво да се однесуваме кон нив, смирено велејќи си во себе: „Господи Исусе Христе помилуј ме“, за да се укрепи нашата душа во Божјата благодат и никого да не осудуваме. Сите да ги гледаме како свети.
Секој од нас го носи во себе истиот стар човек. Кој и да е нашиот ближен, тој е плот од нашата плот (Битие. 2,23), тој е нашиот брат и не должете никому ништо, освен да се сакате еден со друг (Рим. 13,8), како што вели св. Апостол Павле. Никогаш не треба да ги осудуваме другите бидејќи никој никогаш не ја намразил својата плот (Ефес. 5,29).
Кога некој е обземен од страст, ние се обидуваме да упатиме зраци на љубов и милост кон него, за тој да се исцели и ослободи. Само со Божјата благодат тоа може да се случи. Помислете дека тој страда повеќе од вас.
Да се држиме внимателно, со почит и молитва. Да се трудиме да не вршиме зло. Кога го поднесувам смирено злословието на ближниот, тоа се смета за мачеништво и треба да го правиме со радост. Христијанинот е благороден. Повеќе да претпочитаме да бидеме онеправдани, отколку да вршиме неправда, и во себе да имаме добрина и љубов за да го заборавиме лошото што ни го направиле. Ете тука се крие тајната. Кога злото доаѓа од далеку, не можете да го избегнете. Но вистинскиот опит е да го презрете. Со Божјата благодат ќе го гледате, но тоа нема да ви пречи, затоа што ќе бидете преисполнети со благодат.