Отсуството на Бога

Најпрвин, многу е важно да имаме на ум дека молитвата е средба, поставеност, однос кој е длабок и кој што не може да биде изнуден ниту од нас, ниту од Бога. Фактот дека Бог може да ни го открие своето присуство или да нѐ остави со чувство дека е отсутен, е дел од овој жив и вистински однос. Кога би можеле механички да се сретнеме со Него, тогаш не би имало ниту средба, ниту однос. Така можеме да направиме со некоја слика, со имагинација или со разни идоли ставајќи ги пред себе, но ништо слично не можеме да направиме со живиот Бог, не повеќе отколку што можеме тоа да го направиме со жива личност. Односот мора да започне и да се развива во заемна слобода. Ако погледнеме на односот како на заемен однос, ќе видиме дека Бог би можел да се пожали од нас многу повеќе отколку ние од Него. Се жалиме дека Тој не е со нас во оние неколку минути што сме ги одвоиле за него, но што е со останатите 23 и пол часа, кога Бог можеби чука на нашата врата, а ние одговараме: „Зафатен сум, жал ми е“ – или кога воопшто не одговараме поради тоа што воопшто и не го слушаме чукањето на вратата на нашето срце, нашата душа, нашата совест, нашиот живот. Значи, ние сме во ситуација во која немаме право да се жалиме на Божјото отсуство, зашто секогаш повеќе сме отсутни ние, отколку Тој.

Второто, многу важно нешто е тоа што средбата лице во лице со Бога, за нас е секогаш момент на суд. Не можеме да го сретнеме Бога во молитва или медитација, или во созерцание, без да бидеме или спасени или осудени. Не мислам на ова во рамки на вечното проклетство или вечното спасение, туку во рамки на даденото и применото, а тоа секогаш е критичен момент, криза. „Криза“ е грчки збор што значи „суд“. Да се сретнеме со Бога лице во лице при молитва, е критичен момент во нашите животи и треба да Му благодариме што Тој не е присутен секогаш кога ние сакаме да го сретнеме, зашто можеби не ќе бидеме способни да ја издржиме таквата средба. Да се сетиме на оние места во Писмото во кои ни е речено колку е тешко некој да се најде лице во лице со Бога, зашто Бог е сила, Бог е вистина, Бог е чистота. Значи, првата мисла што треба да ја имаме кога не го забележуваме опипливо божественото присуство, е мислата на благодарност. Бог е милостив. Тој не доаѓа неблаговремено. Тој ни дава шанса да се преиспитаме себеси, да сфатиме и да не доаѓаме во Негово присуство во оние моменти кога тоа би значело осуда.


Погледнете во разните делови од Евангелието. Многу поголеми луѓе од нас се колебале да Го примат Христа. Да се сетиме на стотникот кој Го замоли Христа да го исцели неговиот слуга. Христос рече: „Ќе дојдам“ – a стотникот одговори: „Немој. Кажи само збор и тој ќе се исцели“. Дали ние го правиме ова? Се обрнуваме ли кон Бога велејќи Му: „Не јавувај се пред мене. Доволно е да кажеш збор и јас ќе бидам исцелен. Доволно е да кажеш само збор и нештата ќе се случат. Јас во моментов веќе не сум потребен“. Или, на пример, Петар, кога по големиот риболов паѓа на колена во коработ и вели: „Остави ме, о Господи, јас сум човек грешен“. Тој Го моли Господа да го напушти неговиот брод зашто се чувствува понизно, а се чувствува понизно затоа што наеднаш ја спознава величината Христова. Го правиме ли ние некогаш ова? Кога го читаме Евангелието ликот Христов станува величествен. Дали кога се молиме и кога стануваме свесни за величината и светоста на Бога, велиме: „Недостоен сум Тој да дојде при мене?’ Да не зборуваме за сите оние ситуации кога треба да бидеме свесни дека Тој не може да дојде при нас зашто ние не сме во состојба да Го примиме. Ние бараме нешто од Него, но не Самиот Него. Зарем тоа е однос? Зарем на тој начин се однесуваме и со нашите пријатели? Дали го бараме она што можеме да го добиеме од пријателството, а не љубениот пријател? Дали ова е вистина и во однос на Бога?

Обидете се да размислите за Божјото отсуство и сфатете дека, пред да чукнете на вратата, а тоа не е само на вратата од Царството, сфатено воопштено, туку самиот Христос („Јас сум вратата“) – пред да тропнете на вратата, треба да сфатите дека сте надвор. Ако го минувате времето, безумно замислувајќи дека сте внатре, во Царството Божјо, секако дека нема смисла да чукате, за да ви биде отворено. Очигледно, морате да погледнете наоколу, обидувајќи се да видите каде се ангелите и светителите, а каде е претстојувалиштето што ви припаѓа вам, и кога не гледате ништо, освен темнина или ѕидови, можете лесно да откриете дека е изненадувачки што Рајот е толку непривлечен. Сите мораме да сфатиме дека сè уште не сме во него, дека сме надвор од Царството Божјо, и потоа да се запрашаме себеси: „Каде е вратата и како да тропнеме на неа?“