Покој на душата во близина на Бога

 

Колку и да бараш одмор и утеха во овој минлив свет, нема да ги најдеш. Мир и утеха на душата може да ѝ даде само Бог со Својата благодат, како што рече: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот” (Јн. 14,27).

Помисли, каде и во кое земно задоволство ќе најдеш мир и одмор? Каде ќе најдеш внатрешен мир и трајна радост? Можеби во славата? Но, денес си почитуван, а утре намразен. „Секој човек е трева, сета слава негова е како полско цвеќе. Тревата се исушува, цвеќето овенува, штом ќе дувне врз него здивот на Господ” (Ис. 40, 6-7). Но, можеби во богатството? Не само што не дава мир и одмор, напротив, предизвикува многу грижи, неспокојство и несигурност. Луѓето ти завидуваат и не ти се допаѓаат, а ти не си задоволен со она што го имаш. Сакаш да имаш сѐ повеќе, заборавајќи на тоа дека ништо нема да остане од твоето богатство.

„Вели богатиот: ’Најдов мир и сега ќе му се радувам на моето богатство’, но тој не знае колку време тоа ќе трае; ќе дојде денот кога сето тоа на други ќе го остави и ќе умре“ (Мудр. Сир. 11, 17-18). Како што излегол гол од мајчината утроба, така и си заминува, каков што дошол; ништо нема да земе од трудот свој, што би можел в рака да понесе. И тоа е големо зло: каков што дошол, таков си заминува. Каква е тогаш, ползата за него, кога се трудел залудно? (Пропов. 5, 14-15). Не заборавај како богатството е причина за многу смртни гревови и падови, како што ни потврдува апостолот: „А оние што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во стапици и во многу неразумни и штетни страсти, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел”. Поради оваа причина еднаш Господ извика со болка: „Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо… Полесно камила ќе влезе низ иглени уши, отколку богат во царството Божјо”. Што ќе претпочитаат тогаш: земното богатство или царството Божјо?

Но, можеби ќе најдеш мир и покој во телесните задоволства? Ниту таму не постои. Телесниот грев – го знаеш добро, ако си го пробал – придружен е од внатрешната горчина, психичката свест, совесната контрола. И кога душата се скаменува, тогаш се случува совршено изоставање од Бога и совршено поробување во чувственост. Никаква друга страст не го заробува човекот толку тешко и неизбежно како оваа. И штом го зароби, му се раѓа внатре бескрајност, но лошa: жестокосрдечност, нечувствителност, горделивост, богохулство, бес, конечно и совршено неверство. Словото Божјо не се сместува во срце на сладострасник, бидејќи трњата на страста го дават секое добро семе што ќе падне меѓу нив: „…тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние што го слушаат словото, но откако ќе заминат, се гушат од грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод”, објаснува Господ во параболата за сејачот.

Значи, ако во славата не постои покој, ако во богатството не постои покој, ако во задоволствата не постои покој, тогаш каде ќе покојуваме? Да го слушнеме Псалмопевецот: „Навистина, човек оди како сенка и залудно се измачува; собира богатство,а не знае кому ќе му го остави. И сега што да очекувам Господи? Надежта моја е во Тебе.”

Господ е твојата надеж, очекување, радост, твојот покој. Милостивиот и штедар и долготрпелив, предобар и човекољубив, Бог на мирот, Бог на сите молби, Младоженецот на твојата душа, која со копнеж Го повикува.

Задржи ги, брате, внатре во срцето зборовите на Господ што ѝ ги кажа на грижливата Марта: „Марто, Марто, ти се грижиш и се вознемируваш за многу работи. Но, само едно е потребно. Марија, пак, го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе”. Остави ги и ти животните грижи. Седи смирено „покрај нозете на Исус ” и одмори ја твојата душа со топлината на божественото присуство. Тоа ти е доволно. Постои ли поголемо богатство? Постои ли поголема слава? Постои ли поголемо задоволство?