Молитва за другите – I дел

 

Се молиме за светот, свесни за својата паднатост

Старче, понекогаш кога ќе видам колку светот страда, не можам да се молам за себе.

-Молитвата што ја твориме за нас самите не ја правиме само за себе, туку таа е неопходна како некаква подготовка за пред Бога да можеме да застанеме пристојно облечени. За да можеш да ја видиш болката на другите луѓе, би требало, на некаков начин, прво себеси да се доведеш во ред. И кога се молиш за себе, длабоко свесен за својата паднатост, тогаш и едно Господи помилуј, што ќе го кажеш за другите, и тоа Господи помолуј ќе има голема сила, бидејќи во себе содржи многу смирение, кое ја привлекува милоста Божја.

Старче, чувствувам потреба многу да се молам за себе, но затоа, пак, ги заборавам другите луѓе.

-Слушај, за да можеме да го соблечеме од себе стариот човек, треба да се молиме за себе. Но кога ќе се разгори божествениот ерос, тогаш човекот се заборава себеси и почнува да се моли за другите. Откако прво ќе се помолиш за себе, сети се на измачените луѓе воопшто и на оние кои се далеку од Бога, како и на упокоените кои не го искористиле своето време што Бог им го дал да Му се приближат, па сега залудно се каат – и кажи ја молитвата: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нѐ“. Така во својата молитва, покрај себе ќе ги вклучиш и сите оние кои од тебе побарале да се молиш за нив, а и целиот свет.

Ме трогнува, Старче, човечкото страдање, но немам смелост да барам од Бога помош. Помислата ми вели: „Како тебе, грешниот, да те услиши Бог?“

-Не го слушај рогатиот кој ти доаѓа од лево и те фрла во безнадежност. Речи: „Боже мој, јас навистина сум ништожен, но ти услиши ме, за другите луѓе заради мене да не претрпат неправда“.

Еднаш за време на голема суша, некој монах на Света Гора се молел на следниот начин: „Боже мој, Те молам да падне малку дожд, не заради нас; ние сме монаси и сме ветиле дека ќе се подвизуваме. Сожали се на кутрите луѓе кои страдаат, а кои и покрај својата сиромаштија ни даваат и нам. Да сум во добра духовна состојба, Ти би ме услишил и луѓето не би страдале. Знам, многу сум грешен; но зарем не е неправедно заради мене да страдаат другите? Помогни ми. Тие немаат време да се молат, затоа јас малку се молам за нив“. За час, час и половина, падна дожд низ цела централна Грција и Света Гора!

Старче, кога се молам за другите, помислата ми вели дека како Бог да се гнаси од мене, бидејќи го оставам својот мртовец и одам да погребувам туѓи мртовци.

-Зарем твојот мртовец не беше погребен кога даде завет? Речи: „Боже мој, како да ме услишиш мене, Твојот недостоен слуга? Но зарем не е штета да се мачат луѓето коишто имаат толку многу проблеми? Те молам помогни им!“Кога човек со љубов и смирение се моли за своите ближни и се бори, имајќи притоа свест за својата паднатост, Бог нема да го презре, туку ќе му помогне и нему самиот и на другите. Бог го презира оној кој мисли за себе дека е свет и се моли за другите луѓе, сметајќи ги за грешници.

Продолжува