За крстопоклоната недела

За крстопоклоната недела

На средината од светата Четириесетница, светата Црква го предлага прославувањето и поклонувањето на нашиот свет Крст Господов. Во тоа се препознава нејзината мајчинска грижа за нас… Таа со ова сака да ги поткрепи оние кои попуштаат во подвигот во постот и само поправањето, ревносните да ги поттикне кон поголеми подвизи и сите во мислите да ги побуди, непоколебливо и неотстапно да одат кон Господа, под Крстот Негов – Крст, кој секого го зема на себе, во истиот миг кога човекот ќе одлучи да Му угоди на Бога.
Спомнете си што имаше во вашите души, кога се покајавте за вашите гревови и кога, одвраќајќи се од страстите и страсните дела, на Бога, преку својот духовен отец Му рековте: „нема повеќе“. Ако тоа беше кажано искрено, тогаш секако дека во тој момент почувствувате целосна подготвеност до крв да истраете во подвигот против непријателите Божји и ваши, да влезете во борба со страстите и похотите, без никакво самосожалување и попустливост кон себеси, преку жртвувањето на сè што ви е мило, но истовремено и грешно – со потполно самоодрекување. Нема сомнеж дека после исповедта, удостојувајќи се за светата Причест и заминувајќи од чашата Господова, во истиот тој момент ја започнавте оваа борба, или овој труд на мисловна и срдечна верност кон Бога, при што испитувањата на таа верност се јавуваат на секој чекор, како што вообичаено се случува. Сега знаете дека таа борба не е лесна, а што е најважно, бидејќи е жива, многу е чувствителна. Требаше да го отфрлите од себеси она што влегло длабоко во срцето, та заради успех во тоа, да ги држите напрегнати и душата и телото. Во таа состојба и скоро без напор, можеме да поминеме ден – два, но за една недела ќе се измориме, за две, пак, уште повеќе. Кога ќе помислиме дека така треба да живееме до крајот на постот и низ целиот живот, одненадеж рацете почнуваат да ни заслабнуваат и колената да ни изнемоштуваат, т. е. чувството од тежината на подвигот почнува да ја гуши и колеба првобитната решеност, или, во најмала рака, да наведува на олеснување и попустливост. И едното и другото е погубно, бидејќи означува бегство од бојното поле, повлекување назад; предвидувајќи ја таквата положба, Црквата, нашата света Мајка, за да ни помогне, брза да ја оживее нашата ревност, прикажувајќи го уште поживо во нашиот ум ликот на Господа – Распнатиот. Предлагајќи го за поклонение Крстот Господов, таа на секого од нас ни вели: гледај Го Бога, Кој на крстот виси. Гледај како, распнувајќи се на крстот, Он повеќе не слезе од него, сè додека на Бога и Отецот не Му го предаде Својот дух. Така и ти, започнувајќи подвиг на борба со страстите, заради угодување на Бога, почнуваш да чувствуваш како да си распнат на крст. И тоа е така. И внимавај, остани на тој крст мирно, не извлекувај се и особено отфрлај ја секоја помисла да слезеш од него, сè додека не дојде часот и ти да кажеш: „Оче, во Твоите раце го предавам својот дух.“
Смислата на кажаното е оваа: не попуштај во својата решеност, не ги менувај започнатите подвизи, цврсто чекори по болниот пат на самоодрекувањето. Тоа ќе те приведе кон блажена почивка во крилото на Отецот Небесен.
Проста и јасна е оваа поука. И можеби за многумина – најблаговремена! Да Го молиме Бога, на сите да ни даде засекогаш да останеме во такво настроение. Решавајќи се Нему да Му угодиме, да не отстапиме од таа решеност. Започнувајќи го подвигот, повеќе да не го менуваме. А кога немоќта ќе почне да го прави своето и да го колеба нашиот дух, да побрзаме секогаш да се опкружуваме со дејствителни мисли. Вака да му зборуваме на нашиот дух: поинаку не може; или ќе пропаднеме, или ќе останеме на крстот на самораспнувањето, сѐ додека во нас е духот животен. И Господ беше на крстот, и сите светии одеа по крстниот пат. Имајќи околу себе толкаво мноштво на сведоци, и гледајќи Го „Зачетникот и Довршителот на верата – Исус, со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба“ (Евр. 12, 1 – 2). Точно е дека тоа е тешко и болно! Но, зар овој подвиг е без ветувања? О! Мислам дека страдањата од овој век, не се ништо спрема славата што ќе ни се открие! Тоа е далеку! Но, само малку ќе потрпиме во постојано самоумртвување и уште овде ќе почнеме да го предвкусуваме блаженството кое нè очекува во идниот век. Дали многу се потрудивме? Сеуште не се гледа ништо, а веќе сакаме да ги собираме пријатните плодови. Тоа е за восхит! Добиваме удар и возвраќаме со удар. Но, со самото тоа што задаваме удар, ние зајакнуваме, а непријателот го изгонуваме. И колку повеќе противудари задаваме, толку посилни стануваме, а нашиот непријател ослабува. Потоа, оние што војуваат против нас, еден по еден ќе почнат да ги напуштаат непријателските редови; и најпосле ќе се откажат и оние најлутите, и само од далеку, некако посредно ќе удираат на нас. И ете го мирот, мирот и радоста во Духот Свет. И тој мир може да дојде многу брзо. Само треба да се држиме до заповедите, да не се предадеме и да не попуштаме. Но, токму во тоа е и целата наша неволја, браќа. Кој е, всушност, нашиот прв непријател? Самосожалувањето е најласкавиот и најопасниот непријател. „Попушти“, ни вели, „одмори се малку, си се заморил!“ Гледајте, тој се грижи за нас. Го послушаш ли и во нешто попуштиш на себеси, таа попустливост ќе повлече друга, по другата, трета итн., а потоа сѐ ќе ослаби и строгоста ќе исчезне, и сиот поредок на благочестивиот живот ќе падне во заборав. А, во исто време, мислите ќе се расеат и желбите ќе се разбудат, а ревноста на духот ќе олади. Во таквиот хаос, ќе дојде и омилената страст – најнапред ќе ве измами со привлекување на внимание, потоа со сочувство, и најпосле со согласност. А потоа, прва прилика и гревот ќе дојде. Ете го падот повторно, повторно помрачување на умот, повторно мачење на совеста, повторно поматеност, и внатрешна и надворешна. Потоа, пад по пад, и повторно сѐ ќе биде по старо, исто како да не го започнавте делото на самопоправањето.
Што зборувам јас: „По старо“. Ќе биде уште полошо. Како што ноќната темнина после молњата, станува уште потемна, исто така, после ослободувањето од гревот, новите падови душата ја доведуваат во сѐ поголемо и поголемо растројство. На сето тоа, Господ однапред нѐ предупреди: „Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот, минува преку безводни места, барајќи спокој, и не го наоѓа; тогаш ќе рече: да се вратам во мојот дом, од каде што излегов. И штом дојде го наоѓа празен, изметен и уреден. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој зол род.“ (Матеј, 12, 43 – 45)
Полошо од првата состојба! По законот на правдата Божја, така треба и да биде. Зар неодамна не се каеше и не плачеше? Господ ти го прими покајанието и сѐ ти прости, повторно го врати Своето претходно благоволение и Самиот Себе се даде за заедничарење во светата Причест. А човекот, што направи заради тоа? Се однесуваше малку сериозно и потоа престана, и повторно се предаде на гревот. Зар тоа може да се толерира? И еве, слушни ја строгата пресуда на судот:„Ако оној што го прекршил Мојсеевиот закон, пред двајца или тројца сведоци безмилосно се казнува со смрт, тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној што Го погазил Синот Божји и ја осквернил крвта на заветот преку која е осветен и Го похулил Духот на благодатта? Зашто, ние Го знаеме Оној што рекол: „одмаздата е Моја, Јас ќе платам“, вели Господ. И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ.“ Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог“ ( Евр. 10, 28 – 31). На друго место, истиот св. Апостол ова опомена ја засилува и оправдува со тоа што оние, кои повторно паѓаат после примањето на благодатта, ги става во ист ред со оние кои Го распнаа Господа, нарекувајќи ги такви, кои по втор пат Го распнуваат. Дури и пострашен суд за нив изрекува, кажувајќи дека таквите кои паѓаат вкусувајќи го дарот небесен, не е можно повторно да се вратат кон покајание – секако, изразувајќи го со тоа, не сиромаштвото на милосрдието Божјо, туку крајната ослабеност на паднатите. Зашто од повторните падови душата е во загуба, отапува сетилото на совеста – покајанието – и се наближува сопственото паѓање, доаѓање до очај. Затоа, на истото место св. Апостол Павле додава: „Зашто земјата, која го впива дождот што често паѓа на неа и раѓа плод добар за оние што ја обработуваат, од Бога добива благослов; а онаа што дава трње и боцки, таа е непотребна и близу е до проклетството кое завршува со изгорување“ (Евр. 6, 7 – 8).
Се случува, на пример, часовникот да се поправа неколку пати, а потоа да дојде до состојба да не може веќе да се поправи. Така и со паѓањето во грев, некој може да дојде до таква состојба, во која не може веќе да се поправи.
Така, Господ, однапред нѐ застрашува во Својата беседа, не заради тоа некого да турнеме во состојба на очај, туку за да внимаваме, знаејќи го тоа, навистина да не се доведеме себеси до таму; затоа, оној кој паднал, нека не се валка во падот, туку да побрза да се исправи, а оној кој се исправил, да побудува во себе ревност постојано да бдее, да не си допушта мрзливост и повторно паѓање во претходните гревови и поведување по страстите. Не смее да се остане во падот. Треба да се стане. Господ помогна – станавте – сега стојте. Зошто одново да се вовлекувате во грев, кога знаете дека треба повторно да станете и дека тоа станување ќе биде уште потешко? Делото е започнато – не се откажувајте. Тешко ли е? Издржете. Од – ден – на ден, ќе биде сѐ полесно и полесно. А потоа и сосема лесно. Па не е сѐ само труд и болка, Господ испраќа и утеха; а тогаш, и смртта е блиску, и настапува крајот на сѐ. Дај Господи, таа да нѐ затече на добриот пат на покајанието и во трудот на самопоправањето!
Браќа, имајќи го сето ова на ум, денес, пред Крстот Господов, во срцето свое да решиме да не ја менуваме намерата да Му угодуваме на Бога и да Му останеме верни, до полагање на сопствениот живот во трудот на самоодрекувањето и самопоправањето. Амин.