Постот не е диета

Божикниот пост кој започна кај православните Христијани на 28 ноември, му дава можност на секој човек да го измени својот внатрешен свет и да го преобрази својот живот.

„Денес започнува еден посебен период, којшто ќе трае 40 дена и ќе заврши со празнувањето на Рождество Христово – Оној Кој пристигна во светот, Кој ја измени историјата на човештвото, Оној Кој може да го измени животот на секој од нас. Многу се интересираат за посната порција во тие денови. Но треба да се сфати дека постот не е диета и не е едноставно воздржание од месни и млечни продукти. Постот, тоа е едно посебно време, одвоено за тоа човекот да го проанализира својот внатрешен свет, да ја засили молитвата и да се обиде да го измени својот живот“, вели Митрополит Антониј.

Според зборовите на Митрополитот, смирувањето на желбите, откажувањето од празно минување на времето, ја помага и овозможува внатрешната собраност и работа над душата. Тој исто така напомна и дека Божикниот пост е и време на милосрдие и добри дела.

„Што можат денес да си дозволат за оброк пензионерите, многудетните семејства или инвалидите? Кај Христијаните од древни времиња, постоела традиција: парите заштедени од воздржувањето од животна храна, биле давани на сиромасите и оние што имале потреба. Тоа треба да биде многу важно дело на патот кон Рождеството“.

Притоа, помошта на ближниот направена Христа ради, може да предизвика одѕив во срцата и тие да се претворат во извор на наши добри дела, коишто ќе ја изменат состојбата во општеството.

„Во предбожикните денови, важно е почесто да се замислуваме над тоа во Кого веруваме и да се погрижиме да осознаеме што значи тоа за нас. Тогаш православниот храм ќе ни стане свој дом, молитвата ќе ни биде неопходна како дишењето, а животот ќе ни се преобрази. Подготовките за Рождество Христово, не треба да се ограничуваат само на подароците, празничната трпеза и украсувањето на елката. Побарајте наоколу и почнете секој ден да правите по една добра постапка, барем за еден човек. Не треба да се потценува силата на малите чекори, бидејќи сите големи промени започнуваат токму така. Доколку почнеме од овој момент, до Рождество многу работи ќе се изменат. Христос ни го покажа патот на љубовта, да го последуваме во секојдневниот живот, тој пат ќе нѐ приведе кон мир и благоденствие за целата земја“.