Потешкотии во молитвата I дел

Унинието е духовна зачмаеност, а мрзливоста е нешто што се однесува и на душата и на телото. Но најдобро е кога го нема ни едното ни другото. Унинието и мрзливоста понекогаш се лепат и за души кои имаат многу предиспозиции за духовен живот, кои се чувствителни, ревносни.

Ѓаволот не му прави толку зло на рамнодушниот човек, додека, пак, чувствителниот човек, ако поради нешто се нажали, потоа веднаш го обзема униние. Треба да открие што е тоа што го жалости и кон него да се постави духовно за да стекне смелост и неговиот духовен мотор да проработи. Треба да внимава да не остава незалечени рани, бидејќи тие повреди подоцна ќе го исцрпуваат. Душевното растројство, после кое следи и телесно, го онеспособува човекот. Лекарот ништо не наоѓа бидејќи оштетувањата се предизвикани од ѓаволот. Сум видел толку ревносни и чувствителни души, а кои биле потполно онеспособени.

Старче, чувствувам исцрпеност и не можам да се занимавам со никакво духовно дело. Дали е тоа последица од умор, или можеби во прашање е мрзливост?

-„Од многуте мои гревови болно ми е телото, болна е и душата“, зар не се вели така? Не е во прашање телесен умор, тоа е една душевна потиштеност. Таа е полоша од телесниот умор. Душевната потиштеност го разбива човекот и тој станува како некое возило на кое сите делови му се добри, но моторот му се распаѓа.

Старче, гледам дека и покрај тоа што на почетокот сакав духовни активности, сега ништо не можам да правам.

-А зошто ништо не можеш да правиш? Немаш сила? Колку што гледам ја имаш. Зарем не се сеќаваш колку, некогаш, кога се градеше манастирот а ти по цел ден беше на градилиште, се занимаваше со духовно делување?

Можеби старче, погрешив што целиот се предадов на должностите?

-Поголема грешка е тоа што си допушташ млитавост. Гледај да зајакнеш; да го засакаш подвигот. Знаеш ли колку метании правам јас со пола капацитет на белите дробови? Не можам да ти кажам. Само ќе ти кажам дека кога се молам на бројаница со мали поклони, откако ќе ми се умори едната рака, јас се крстам со другата. Ова ти го кажувам од љубов. Другите немаат такви предиспозиции какви што имаш ти, а знаеш ли колку се борат, колку се трудат? Би можел да бидеш специјалец. Како себеси си допушташ такво однесување? Јас ќе се молам за тебе, но за да може да ти се помогне, треба и сам малку да се потрудиш. Сфаќаш? Треба целиот себеси да се предадеш на духовното делување, и тогаш ќе му придонесеш и на своето послушание.

Старче, понекогаш во ќелијата ме фаќа униние.

-А зарем ти во ќелијата не се молиш, не читаш? Колку што можеш, не дозволувај времето да ти минува, а ништо да не правиш. Не можеш да се молиш? Тогаш прочитај нешто што ќе ти помогне во тој миг. Во спротивно, ѓаволот може да ја искористи лошата состојба во којашто се наоѓаш и да те порази.

Старче, после разговорот со толку луѓе, и покрај тоа што навечер изгледате многу намачено, следното утро на вашето лице нема ни трага од таа мака, туку блескате. Како тоа?

-Епа, јас не го сечам јажето! (молитвата, врската со Бога)

Понекогаш, старче, кога поради послушание не одам на повечерие, а многу сум уморен, ќе си помислам: „Ќе прилегнам и ќе си кажувам молитва“. Но на крај ме обзема сон и ништо не успевам да направам.

-Не, благословен, дури и кога си многу уморен, не легнувај без претходно да се помолиш. Кажи барем едно „Трисвето“ и 50 – от псалм, целивај ја иконата на Христос и Богородица, осени ја со крст перницата и после тоа легни. Намести го алармот да ти заѕвони еден час пред богослужбата за да станеш и да си го направиш молитвеното правило. Треба да се принудуваш себеси, но принудувањето да го чувствуваш како потреба на својата душа за да можеш да го правиш тоа од срце. „Бидејќи Бог го љуби оној кој доброволно дава“.

Старче, а што кога воопшто немам сила?

-Принуди се себеси да се занимаваш со било какво духовно делување. Погрижи се секој ден барем малку да читаш и малку да се молиш. Читањето, молитвата и псалмопеењето се витамини коишто ѝ се потребни на душата секој ден.

Да не допуштаме денот да ни помине без молитва. Се сеќавам, за време на војната, кога деновите минуваа, а да не изведувавме никакви напади, ќе испукавме по некој куршум. Во спротивно непријателите би рекле: „Овие спијат“, и ќе ни приредеа изненадување. Исто треба да правиме и во духовната борба. Кога ќе се случи да чувствуваме исцрпеност, па не можеме да си ги извршиме сите свои духови обврски, нема да го пресечеме јажето, врската со Бога; ќе направиме неколку метании, ќе свртиме некој бројаница, ќе испукаме два-три куршуми за рогатиот да не нѐ зароби. А штом ќе се закрепнеме, ќе ја продолжиме својата долготрајна борба.

Кога некој ќе го остави духовното делување, кога не прави ни малку метании и воопшто не се моли на бројаница, може да подивее, може да се занимава со нешто, но не и со молитва. Ги набљудувам монасите кои постојано вршат некаква работа, а го оставаат читањето и молитвата. „Да го направиме ова“, велат тие, „Да го направиме и она“, а молитвата чека. И на крај ќе подивеат, ќе станат како луѓе со светско настроение. Сум видел работници кои на сонцето можат да сечат дрва по цел ден, но дури да им давав и тројна дневница, не ќе можеа ни половина час да поминат во црква; излегуваа надвор и пушеа. Тоа го забележав.

Кога човек не се моли, се оддалечува од Бога и станува како вол; работи, јаде, спие. И колку повеќе се оддалечува од Бога, толку потешки му стануваат овие работи. Му се лади срцето, па после тоа воопшто не може да се моли. За да може да се поврати треба да го омекне срцето, да тргне по патот на покајанието, да се сепне.
Продолжува