Пријдете возљубени, да се зафатиме со трговија додека уште трае денот за тргување. Пријдете да го стекнеме животот вечен и да го купиме спасението на нашите души. Ајде да се зафатиме за оваа прекрасна помисла, да го посакаме Царството и рајот.
Подвизувајте се во овој единаесетти час. Побрзајте да не останете зад затворените врати. Вечерта наближува и Наградодавецот доаѓа во голема слава секому да даде според делата негови. Да се покаеме браќа, додека уште има време. Послушајте што вели Господ: „Радост станува пред ангелите Божји заради еден грешник кој се кае“ (Лука 15,10). Затоа пријдете возљубени да се фрлиме во морето на милосрдието Божјо, додека не настапи Страшниот ден. Самиот Бог нѐ повикува: „Дојдете кај Мене сите… и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11,28). Он ги повикува сите бидејќи сака сите да се спасат. Нека не се колеба никој. Зашто Он вели: „Кој доаѓа кај Мене нема да го избркам надвор“ (Јован 6,37). А кој е тој што Му доаѓа? Оној кој го слуша Неговото Слово и ги исполнува Неговите заповеди. Затоа да Го послушаме и да Му се покориме: „Зашто страшно е да се падне во рацете на Живиот Бог“ (Евр. 10,31).
Покај се грешнику, гледајќи со смелост на безграничното човекољубие на Христа Кој рече: „Не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание“ (Матеј, 9,13). Што чекаш? За што размислуваш? Зарем некој друг ќе одговара за тебе? Не знаеш ли дека секој сам за себе ќе дава одговор на Бога, дека секој ќе го пожнее она што го посеал, и дека секој ќе го понесе своето сопствено бреме? Растури го тоа гревовно бреме додека уште има време.
Ти еднаш засекогаш се откажа од сатаната и сите дела негови, давајќи завет на Христа пред многу сведоци. Сеќавај се на тоа и не го заборавај. Знај дека во тој миг светите ангели ги запишаа твоите зборови и дека твоите завети и одрекувања од сатаната се чуваат на небесата до страшниот Суден Ден. Во денот на Судот тие ќе ги изнесат твоите завети и зборовите на устата твоја пред Страшното судиште. Биди милостив кон себе и поштеди ја својата душа.
Гледај ги другите и угледај се на нивниот подвиг: тие се грижат за спасението, се трудат во секое добро дело, се чуваат од сѐ што е лошо, го засакале тесниот пат, постат, бдеат, страдаат и плачат, но нивната уста секогаш Го славослови Женихот, а нивните очи секогаш ја гледаат убавината Негова и нивните души се радуваат. Размисли и погледај: Овој Жених веќе се приближува. Он доаѓа да ги овенча оние кои законито се подвизувале и кои го засакале тесниот пат; доаѓа да ги помилува милостивите; доаѓа да ги ублажи бедните по дух и да ги збогати оние кои биле гладни и жедни заради Него; доаѓа да го осветли она што е „сокриено во мракот и ќе ги објави намерите на срцето“ (1.Кор. 4,5) и секому „да даде според неговите дела “ (Рим. 2,6).
Ние сме слушнале дека Сам Бог Слово бил распнат на Крст и умрел заради нашите гревови, а се смееме, предавајќи се на расеаност. Сонцето, не трпејќи го понижувањето на Владиката, потемнело, а ние не сакаме да излеземе од темнината на нашата гревовност. Завесата на храмот се раскинала сама од себе, иако немала ни најмала вина, а ние не сакаме нашето срце да се раскине од скрушеност заради нашите гревови. Да се покаеме, најпосле, браќа, за да би можеле да Го смилостивиме Бога за нашите гревови.
Ние сме, браќа, духовни трговци. Го бараме многускапоцениот бисер – нашиот Спасител Христос, ризницата што не може да се покраде. Да не бидеме мрзливи во барањето на тој бисер. Блажен и триблажен е оној кој поревнувал да го стекне. Меѓутоа, крајно е беден и несреќен оној кој бил немарен сам да Го стекне Создателот на сите, и да биде стекнат од Него.
Зарем не знаете дека ние сме ластари на Вистинската винова Лоза, која е Христос? Пазете некој од нас да не се покаже бесплоден. Обработувајќи го своето лозје, Отецот на Вистината со љубов се грижи за оние кои донесуваат плод, за да принесат уште поголем плод. Кој Отец е толку сострадален? Кој Отец е толку милостив? Кој Отец љуби како нашиот Владика, Кој ја покажува Својата љубов кон нас слугите Свои? Он нѐ снабдува со сѐ, сѐ ни подготвува во изобилие, ги лечи нашите душевни рани и долго трпи кога го оставаме, сакајќи да нѐ направи наследници на Царството Свое. Он на грешниците им ги проштева гревовите, побудувајќи ги на ревност и брзо им помага на немоќните за да не паднат во малодушност. Он би можел на сила да нѐ принуди на добро. Сепак, Он не го сака тоа за нашето принудување да не нѐ лиши од пофалбата? Зарем ќе бидеме мрзливи во угодувањето Нему, кога Он толку многу нѐ љуби и милува? Он ги искупи и просвети очите на нашиот ум. Он ни дарува познавање за Себе Самиот. Ни даде да ја вкусиме Неговата сладост за да би можеле само Него да Го бараме. Блажен е Оној Кој ја вкусил Неговата љубов. Со тоа тој се припремил за непрестајно насладување со таа љубов.
Кој нема да Го возљуби таквиот Владика? Кој нема да се поклони и да ја исповеда благоста Негова? Какво оправдување ќе имаме во Денот на Судот за својата немарност? Или што ќе Му кажеме? Дека не сме чуле, или не сме занеле, или не сме биле научени? Но по целата земја се рашири Неговата проповед. Што Он не направи заради нас од она што требаше да го направи? Зарем заради нас не слезе од неискажливите височини, од благословените прегратки на Отецот? Зарем Он Кој е невидлив заради нас не стана видлив? Зарем Он Кој е оган бесмртен не се овоплоти заради нас? Зарем Он Бесмртниот не умре за да нѐ оживи? Зарем не беше погребан за да нѐ воскресне заедно со Себе? Зарем не нѐ ослободи од непријателот, врзувајќи го и давајќи ни власт да го газиме? Зарем не нѐ услиши кога Го повикавме? Зарем не ни отвори кога чукавме на вратата? Дури и кога понекогаш одолговлекуваше ја имаше предвид само поголемата наша награда. Ако само си спомнеме за сето ова, кој би останал во немарност и безгрижност, жалостејќи Го таквиот Владика?
Оние браќа кои до вчера беа тука и разговараа со нас, денес ги нема. Повикани се пред својот и наш Господ за да ја покажат својата трговија. Размисли: што е вчера, а што денес: како што вчерашниот ден помина слично на утрински цвет, така ќе помине и денешниот слично на вечерна сенка. Испитај дали твојата трговија е успешна пред Бога. Нашите денови бегаат пред нас. Блажен е оној кој од ден во ден стекнува сѐ поголема добивка од својата трговија и кој собира за вечен живот. А ти возљубен зошто си немарен? Зошто си мрзлив? Зошто се опиваш со униние како со вино?
Немој да му веруваш на лукавиот кој ти подметнува измамнички помисли, велејќи: „Уште си млад и уште многу години треба да живееш. Затоа сега весели се и немој да ја жалостиш својата душа. Во староста своја ќе принесеш покајание“. Зарем е можно да си толку неразумен брате и да не сфаќаш дека лукавиот те мами? Ако не се покаеш во младоста, во возраст кога изобилуваш со сила и можеш да поднесеш секаков труд и подвиг, тогаш во староста уште повеќе ќе се оправдуваш со немоќта. Затоа остави го ѓаволскиот пат и послушај го гласот на Вистинскиот Владика Кој рече: „Бидете будни, зашто не го знаете ниту денот, ниту часот“ (Матеј, 25,13).
Откако слезе од прегратките на Отецот и за нас постана пат на спасението, Самиот Господ со Својот божествен глас нѐ поттикнува на покајание велејќи: „Не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание“ (Матеј, 9,13). Да ти го велам тоа јас, можеш и да не ме послушаш. Но кога тоа ти го вели самиот Господ, зошто си немарен и не се грижиш за својот живот? Ако сфаќаш дека во твојата внатрешност има рана од помисли и дела, зошто не се грижиш за своето внатрешно здравје? Зарем се плашиш од Лекарот? Па Он е толку полн со благост и милосрдие. Он заради тебе и слезе од прегратките на Отецот. Он заради тебе се воплоти за да би можел без страв да Му пристапиш. Заради тебе стана човек, за да би ги исцелил твоите тешки рани. Он самиот те повикува кон Себе со голема љубов и благост.