Ете, браќа, сега настана за нас празникот на нашиот Господ, посветол од сите празници, кој ги озарува сите со своите светлозарни зраци.
Денес небесниот свод, ликувајќи Го подигнува на облак Христа, Кој се вознесува со тело кон неискажливиот престол на Својот Отец. Господ ги собра за радост сите ангелски хорови и им заповеда едногласно да ја запеат Трисветата песна (Ис. 6,3.):
„Слава на Бога во висините,
и на земјата мир,
меѓу луѓето добра волја“ (Лк. 2,14.)
Денес беше разрушена целата безбожна измама на невидливите бесови.
Денес потајно ликува пророк Давид, велејќи: „Денес Бог се издигна сред восклици, се вознесува при звук на труба“ (Пс. 46,5.).
Денес апостолската дружина смело говори со ангелите, зашто Бог, откако прими човечко тело и го обожи, воскресна од мртвите и го постави на небесата, оддесно на Отецот, како што учи евангелистот Лука, велејќи:
„Исус ги зеде со Себе учениците Свои и, откако ги подигна Своите раце, ги благослови и, кога ги благословуваше, се оддели од нив. И, ете, светол облак Го подзеде од пред нивните очи. Додека, пак, гледаа како Христос се вознесува на небото, двајца мажи во бела облека застанаа пред нив и им рекоа: Луѓе Галилејци, зошто стоите и гледате кон небото? Ете, Исус, Кој се вознесе на небото, пак ќе дојде на истиот начин (Дела 1, 11.), за да им суди на живите и на мртвите, и ќе даде секому според неговите дела, зашто Отецот Му ја даде власта да извршува суд над сите. (Дела 10, 42.2 )“
Затоа, браќа, од срце да правиме добри дела, очистувајќи се од секакво зло, зашто чистиот живот води кон небото и нè прави рамни на ангелите, а злобата со сластољубието води во вечна мака. Секое дело и секој збор, добри или лоши, ќе бидат мерени како на вага, едни наспроти други, и според тоа кое ќе натежне, човек или ќе биде украсен со венец, или ќе биде осуден.
И така, браќа, бидејќи нè очекува бескрајна мака, да се трудиме преку подвиг да ја избегнеме, откако милосрдно ќе пресретме и угостиме беден, ќе примиме странец, ќе нахраниме гладен и ќе облечеме необлечен. (сп. Мт. 25,35-36, 40.) Ревносно да одиме во храмот Божји; со набожност да ги пазиме Божјите заповеди; со вера да го бараме царството Божјо, како што рекол Господ: „Не грижете се што ќе јадете или што ќе пиете; или за своето тело – во што да го облечете, зашто сè ова го бараат и неверните. Но барајте го најнапред царството Божјо и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придаде, зашто вашиот Отец небесен знае дека сè ова ви е потребно“ (сп. Мт. 6,25, 31, 32-33.) па и без барање ќе ви го даде, но ако најнапред сте го побарале царството Божјо. А сè ова ќе ви се придаде, „зашто секој што сака со вера, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори“ (Мт. 7,8) во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому нека е слава заедно со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков.
Изадок од книгата: Свети Климент Охридски. Собрани дела: слова, поуки, житија, Скопје 2012 158-160 стр.