Отсекогаш се восхитував, како нашите светители со радост го поднесувале своето мачеништво, а ние и од најмала главоболка се чувствуваме сосема беспомошно.
Еден ден додека одев кон ќелијата на старецот Пајсиј, го сретнав покрај потокот оддалечен околу 500 м. од неговата ќелија. Тој, овој поток го беше нарекол „Нил”. Сечеше костенови дрвја, зашто сакаше да направи мост преку кого луѓето би можеле да го преминат потокот и притоа да не се натопат. Тукушто ја завршуваше работата и се подготвуваше да се врати назад во ќелијата, зашто со остриот крај од дрво ја беше пресекол левата рака. Од раната му течеше крв, но забележав, дека се радува секогаш кога ќе ја погледне раката. Одеднаш се сврте кон мене покажувајќи ми ја крвавата дланка и рече:
Види, личи како дланката на распнатиот Христос!
Кога стигнавме во ќелијата, седнавме во гостинската соба и тогаш го запрашав:
Отче, како успевале нашите светители не само да го поднесуваат своето мачеништво, туку, и постојано да се радуваат? Ние, пак, ни каснувањето од комарец не можеме да го поднесеме.
Сè мора да се прави со добри помисли. Доколку нашите мисли цврсто се втемелени во нашата вера, никој оттаму не ќе може да ги отстрани.
Тогаш го донесе Стариот завет и рече дека четвртата глава од книгата Макавејска многу јасно објаснува на кој начин добрите помисли можат да помогнат за да ги надминеме болката и страдањето. Започна со читање на текстот, потоа го протолкува и на крајот рече:
Овој старозаветен текст јасно укажува дека човекот е слободен и дека со помош на добрите помисли може да ги совлада своите страсти и желби, но и сето она што произлегува од нив.
Старецот Пајсиј истакна дека зборовите како што се „не можам“ немаат никаква вредност во човековиот живот. Зборовите, како што се „не посакувам“ или „не сакам“ го наведуваат човекот да каже „не можам“.
Кога луѓето ги мачи некоја посебна страст, велат дека, како некоја сила да ги спречува да се избават и да бидат добри. Би требало да знаат дека таа сила која служи како пречка вкоренета е во нив самите; таа може да направи нешто да сакаат, но е насочена во погрешен правец. Бидејќи луѓето ја сакаат таа страст, нормално дека не можат од неа да се ослободат. Кога нешто сакате, тоа и го посакувате, и не го оставате, зашто не сакате да го изгубите.
Најпрво, луѓето мораат да ја замразат својата страст и да пронајдат нешто подобро, кон што ќе ја пренасочат својата љубов. Ако не успеат да ја пренесат својата љубов, ќе продолжат да страдаат.