Широкото срце на Православието – IV дел

Тогаш се познава дали си вистински духовник, по тоа како ќе го внесеш другиот внатре, зашто да го исфрлиш надвор е многу лесно: „Излегувај веднаш надвор!“ Да сечеш и да фрлаш е најлесното нешто. Да го отфрлиш другиот е навистина многу лесно. Отфрли ги сите и задржи само петмина како тебе! Но, опитот над опитот и науката над науките е како да го внесеш внатре оној кој е заробен од ѓаволот, слеп и не знае што се случува околу него, но ти, сепак, да го примиш. Тој влегува во Црквата и бара исповед или нешто друго. Може дури и да не знае што сака. Но, ако си Божји човек и духовник, треба да го исползуваш тоа мало нешто, за другиот да го приведеш кон доброто. Тоа го прави Црквата. Црквата е една топла прегратка. Каде и да се сопнеш ќе паднеш во нејзината прегратка. Црквата ќе те стопли, нема да ти удри шамар. Тоа треба да му го дадеме на современиот човек, да станеме добри православни христијани, здрави, како што велеше и нашиот предавач, блаженоупокоениот Романидис, дека христијанинот е благородник и не е шовинист, не е националист, не е искомплексиран, ништо од тие нешта, туку има благородство и може да го каже своето „Верују“ каде и да се наоѓа. Христијанинот има срце како градина и може да го прими и утеши секој човек кој што ќе му се доближи.

Го почитувам другиот, иако тој оди и се моли на едно дрво, не затоа што верувам во дрвото, туку затоа што го уважувам она што го прави другиот. Затоа нема да појдам и да му го урнам дрвото, нема да појдам да му кажам:

– Ти си едно старо дрво, како тоа на коешто му служиш! 

Кога св. апостол Павле отишол во Атина и го разгледал градот, тој видел многу жртвеници, било полно со идоли, видел и еден жртвеник на кој што пишувало: „На непознатиот Бог“. Тој почнал да им зборува на Атињаните и им рекол:

– Знаете, гледам дека сте најблагочестивите луѓе!

– А не: како не ви е срам, го наполнивте градот со идоли на Афродита и Артемида! И мислите дека на таков начин ќе се спасите?

Ништо слично. Тој им кажал дека се добри, благочестиви луѓе, Го бараат Бога и доказот за тоа е жртвеникот кој зборува за непознатиот Бог. И тој дошол да им зборува за непознатиот Бог, Кому тие, без да Го познаваат, Му служат и Го бараат. Гледате? Тоа значи Христов апостол. Тој со љубов отишол таму не за да ги погуби, не за да ги суди, не да ги изгони, туку да ги спаси, да ги прегрне, дури не да ги спаси туку да им ја каже вистината.

Што значи зборот „Евангелие“? Вест за Царството Божјо. Кога го почитувам другиот човек, јас не го прифаќам дрвото на кое му се моли, не верувам во дрвото, туку го уважувам тој човек кој што се моли, го уважувам, не му се потсмевам, не го осудувам, не правам ништо против него, туку му велам:

– Слушни брате! Добро, те гледам дека се поклонуваш на тоа дрво, но ако тоа значи дека Го сакаш Бога и Го бараш, бидејќи не знаеш нешто подобро, јас ќе ти кажам за вистинскиот Бог Кого Го бараш.

Многу е важно како се однесуваме во врска со тие работи. На Универзитетот бев пријател со еден јеромонах, сега е епископ во Србија, во Бихаќ се вика Хризостом. Четири години бевме колеги на факултет и неразделни пријатели. Тој пораснал во Србија во една атеистичка средина. На училиште имале предмет „Атеизам“. Кога дошол на 14 – 15 годишна возраст, сѐ уште немал никакво знаење за Бога, ниту некогаш го слушнал името Христос и слични нешта. Родителите му биле земјоделци во селото каде што живеел и на лето оделе да жнеат, живееле на отворено, таму каде што жнееле. Вечерта татко им зборувал за ѕвездите, а малиот Рајко, така се викал, го прашал:

– Тато кој ги создал сите тие нешта?

Татко му бил простодушен човек и му одговорил:

– Молчи и не прашувај повеќе! – Природно тој се плашел, режимот бил на власт и не можел да зборува за верата и за Бога, или поверојатно, не верувал.

Баба му го слушнала овој разговор, таа не кажала ништо, но вечерта го викнала скришно и му рекла:

– Рајко, знам дека ме сакаш и нема да ме издадеш. Ќе ти кажам нешто, но да знаеш, ако го кажеш ова некому, може повеќе да не си ја видиш баба ти. Сето ова што го гледаш, ѕвездите, земјата, небото – ги создал Бог.

Таа започнала да му зборува за верата и секоја вечер тој одел кај неа, а таа му зборувала за Христа, за Бог Отецот, за Светиите, за св. Георгиј, за Пресвета Богородица и му кажала дека киното во селото претходно било црква. На 17 годишна возраст таа го зела со себе и пешачејќи во ноќта, го однела во еден манастир каде што го крстиле и станал православен христијанин. А потоа, откако го завршил училиштето, пошол во манастир каде станал јероѓакон, а потоа и јеромонах.

Гледате како бабата му зборувала на така убав начин, таа му зборувала само за Бога и тоа било доволно ова дете денес да е епископ и да премине преку толку премрежија. Тогаш воопшто не било лесно да си христијанин.

 

Еднаш го прашале некој старец:

– Геронда, кажи ни за нетварната светлина!

– Бре, чеда…

– Геронда, а дали заслепува?

– Бог не прави ништо што го заслепува човекот, дури и кога Он Самиот станал човек, тоа се случило толку тивко, толку прекрасно, толку молчаливо и Он никого не заслепил.

Што велиме во храмот секоја вечер? „Светлино тивка од бесмртната слава, Светиот, и Блажениот, и Небесниот, Христе!“ Бог е тивка светлина, Он е  светлина која не те заслепува, не те уништува, не прави да се чувствуваш непријатно, туку убаво, комотно, прави да чувствуваш дека постоиш. Он не те брише за да може Он да постои, туку умира за да можеш ти да постоиш и постепено откриваш, дека сопостоиш заедно со Него и дури во Него.

Затоа, чеда, проблемот што го разгледавме – екуменизам или зилотизам – е псевдо проблем. Проблемот не е во тоа што околу нас постојат ереси и глобализација. Да, тоа се проблеми, но немаме рецепти за да кажеме: „Долу за едното!“ и „Ура за другото!“ Ние треба да бидеме здрави, вистински православни, да го придобиеме Христовиот Дух во нас, да бидеме благородни, да Го возљубиме Бога со целото свое битие, и потоа ќе видите дека во нас има место за целиот свет. Никој нема да може да нѐ стави во тешка положба, никогаш нема да почувствуваме дека верата ни е во опасност, зашто Бог е светлина. Можел ли да го згаснеш сонцето? Пробај, преземи што сакаш, сонцето нема да згасне. Таква е природата на сонцето. Затоа треба да ја придобиеме таа врска со Бога, да станеме радосни луѓе, да се движиме слободно, убаво, да се молиме сите луѓе да Го возљубат Бога и никој да не се оддели од Него.

Почитта кон туѓата религиозна догма не е потсмевање против Бога, туку е повеќе прослава на Бога, кога ние навистина сме такви какви што треба да бидеме. Авва Исак вели, дека дури и ѕверовите можат да го почувствуваат Божјиот човек и затоа не ги напаѓале Светиите. Св. Герасим живеел во пештера со лав, но лавот не го вознемирувал. Фрлале маченици на ѕверовите и тие ништо не им правеле. И ако дивите ѕверови го чувствуваат светиот човек, тогаш колку повеќе другите луѓе? Земете некој Божји човек и ставете го каде било – каде и да влезе тој е светлина и ќе го озари светот. Имаме и Светии кои правеле безумни нешта – јуродивите Христа ради, правеле безумни нешта заради Бога, но тие блескале и го озарувале целиот свет…
 

Широкото срце на ПравославиетоМитрополит Атанасиј Лимасолски

Широкото срце на Православието I дел

Широкото срце на Православието II дел

Широкото срце на Православието III дел

Широкото срце на Православието IV дел