Синови на темнината и синови на светлината

Сам по Себе, Бог е светлина, која не е опфатена од темнината, ниту темнината може да најде некаков агол за таму да се насели. Он е единственото сонце, чијашто светлост оди до бесконечноста, која се среќава со почетокот.

Ниту Божјиот живот е ограничен со темнината на смртта; ниту Божјото познание е ограничено со темнината на незнаењето; ни Божјата љубов е ограничена со темнината на омразата. Кога Бог ќе засветли, исчезнува сета темнина и неа никаде повеќе ја нема, како воопшто да не постоела.

Кога некој ќе Го посака Бога, Он се јавува во Својата бесконечна светлина на живот, мудрост и љубов. Оној, којшто нема да Го побара Бога, тој останува во немоќта и стравот од смртта, во немоќта и стравот од незнаењето, во немоќта и стравот од омразата. Зашто Бог Е вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓа во светов (Јован, 1, 9).

Никој не би можел да дојде на свет, ако Божјата светлина не оди пред и по него. Кога човек ќе се појави на свет, тоа значи дека светлината на божествениот живот, на Божјата мудрост и на Божјата љубов е во него. Инаку, тој не би се ни појавил. Бог Е Премудрост и Источник на вечната светлост, Кој на секое новороденче му дарува тројни дарови – светли и мирисни.

Оној, кој ќе ги презре и напушти тие дарови и кој ќе се надева на даровите кои светот ги нуди, ќе биде опфатен од темнината. Бог Е како широк пат. Патот не ги одбира патниците, ниту се лути затоа што по него, освен царевите, одат и коњите на царевите. Ниту, пак, е патот виновен ако некој на него се лизне и падне во јама, или ако некој, натоварен со тешко бреме, падне на него и се повреди.

Бог е како мајка. Таа, со својот непроменлив глас и со својата непроменлива љубов, вика по своите деца и тие го слушаат нејзиниот мајчин глас и доаѓаат при неа. Што е виновна мајката, ако децата го заборават гласот нејзин и ако повеќе не го препознаваат, па тргнат по гласот на жената трговка?

Токму таков беше случајот со луѓето. Зашто во Евангелието се вели: Во светот беше и светот преку Него стана, но светот не Го позна (Јован, 1, 10). Луѓето не ја познаа својата мајка, ниту го познаа гласот нејзин. Слушајќи го долго време гласот на жената трговка, тие го заборавија гласот на својата мајка. И кога мајката ги повика по име, тие се отргнаа од неа, зашто ниту го познаа гласот нејзин, ни го знаеја сопственото име.

Кога мајката ги нарече синови Божји, тие се подбиваа со неа, зашто живееја со мислите дека тие се сопатници на животните, другари на животните и пород нивни. Она што било некогаш, тоа е и денес. Гледајќи го стрмниот пат кој води кон Бога, луѓето избираат да се лизгаат кон ридот на животните.

И ден – денес Бог Е во светот, но и ден – денес светот не Го познава Бога. Ниту ќе Го познаат на лизгавата удолнина по која сега одат. Бог е премногу тешка храна, затоа луѓето избираат да се хранат со животинската храна.

Премногу е заморно да се следат заповедите Божји, затоа повеќето ропски им се потчинуваат на природните закони. Премногу е остра Божјата светлина, затоа луѓето нуркаат во темнината и полутемнината, не можејќи да ја поднесат Божјата светлина.

Кога животното ќе се затруе со беснило, тоа го јаде својот господар, кој го храни, затоа што веќе не го познава. Така и луѓето, затруени со беснилото на овој свет, залудени од гласот на жената трговка, се креваат против Бога и Го гонат од себеси. Затоа и се вели: Дојде при своите и своите не Го примија (Јован, 1, 11).

Каков ужас! Замислете, големо мноштво гости околу трпезата на еден домаќин, кој е отсутен. И замислете, одеднаш домаќинот се појавува, а гостите скокаат и го бркаат надвор и ја заклучуваат вратата после него.

Но, попусто се ужаснувате, кога секојдневно слушате дека тоа се случува и помеѓу луѓето, кои се гости, и Бог, Кој Е домаќин. Бог доаѓа во Својот дом и кај Своите и тие не Го примаат, туку Го отфрлаат.

А Он е премногу благороден, за да би можел да се наметне; премногу нежен, за веднаш да се одмазди; премногу трпелив, за да не го дочека крајот, на покајанието и да не го слушне плачот на Своите деца.

Еден човек имал четворица синови, кои биле заробени од разбојничка чета. После неколку години, таткото дознал каде се наоѓа разбојничката чета и отишол во планината со откуп, за да ги избави своите синови.

Но, разбојничката чета била расцепена, така што еден табор војувал против другиот. Таткото дошол кај едниот табор, ги познал двајцата свои синови и плачејќи, прашал за останатите двајца синови.

Синовите, пак, не го познале својот татко, туку му рекле:
„Луѓето, за кои ти прашуваш, се нашите лути непријатели од другиот табор; ако ти си наш татко, тогаш не си нивен; ако си нивен, не си наш.”

Отишол ожалостениот татко во другиот табор, и таму ги нашол другите двајца синови, од кои ги слушнал истите зборови како од првите двајца. Освен тоа, овие двајца го ограбиле, му го зеле откупот, му го соблекле оделото, го претепале и со камења го протерале од планината.

Слично вака се случи и со Христос, кога Он се јави на земјата помеѓу поразбојничените деца Божји. Римјаните не Го признаваа за свој, зашто не одеше заедно со нив против Евангелието. Евреите не Го признаваа за свој, зашто не беше заедно со нив против Римјаните.

Партијата на фарисеите не Го признаваше за свој, зашто не ја споделуваше заедно со нив нивната омраза против Садукеите. Партијата на Садукеите не Го признаваше за свој, зашто заедно со нив не ја споделуваше омразата против Фарисеите.

Грешниците не Го признаваа за свој, зашто не го одобруваше нивниот грев. Праведниците не Го признаваа за свој, зашто не ја фалеше нивната формална праведност и не бегаше од грешниците.

Додека, најпосле, не се здружија сите против Него и со потсмев, камења, трње, крст и со железа не Го отстранија од разбојништвото на овој свет и не ја заклучија вратата зад Него.
Дојде при своите и своите не Го примија.

А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде можност да станат синови Божји (Јован, 1, 12). Не слуги и робови, туку синови.

Не поворка од стока, којашто оди на колење и по патот се боцка со тревата која расне на тој пат, туку господски синови, кои знаат дека живеат на својот имот.

Не синови на немоќта, мајки на смртта, незнаењето и омразата, туку синови на божествената светлина, мајки на животот, на мудроста и на љубовта.

Овие Го примија тогаш, а го примаат и сега. Зошто овие Го примија и Го примаат?

Од две причини: најпрво, зашто им е непријатна лагата на светот; и второ, зашто го познаа гласот на мајката.

Како што шарената пеперуга ги радува децата, така овој свет ги привлекува и нив. И како што детето се разочарува кога ќе ја фати пеперутката и гледа дека тоа е гасеница, така и тие се разочараа во светот, кого го примија со сите пет сетила.

Зашто, наместо животот, со кој овој свет привидно сјаеше, тие одблизу го почувствуваа гнилежот на трупот; наместо мудрост, со која овој свет привидно и оддалеку сјаеше, тие одблизу видоа како сè е исполнето со ужасот на незнаењето и неизвесноста; наместо среќа, со која овој свет привидно и гледан оддалеку се смееше, тие одблизу го видоа неговото роптање од омраза и себичност.

Затоа, овој свет тие го почувствуваа како заточеништво; како едно казнилиште исполнето со страв, каде што ремените се исплетени со тенки конци на површни наслади, па кога удираат, најнапред предизвикуваат пријатно чувство, сè додека не се отворат раните и додека од нив не потече крв и гној и додека пријатното чувство не се претвори во огнена болка, а лековерното смеење во безумно завивање.

Овие се, значи, тие што без сомнеж се уверија во лагата на светот. Го примија Бога и од Него се здобија со моќ да се наречат синови Божји.

Тие Го примија, затоа што го познаа гласот на својата мајка. Многу гласови од овој свет наликуваат на мајчиниот глас, та затоа многумина се прелажуваат и тргнуваат по тие гласови, додека истите не ги заведат во поилото на свињите и не ги претворат и нив самите во свињи.

Но тоа не е мајчиниот глас, туку гласот на жената трговка, која располага со тревките, отровите и мирисите од овој свет, па ги примамува, ги опива своите жртви, ги труе и на крајот ги убива.

Еден и единствен е мајчиниот глас во светот, а тоа е гласот Божји во нас, кој многу слабо се слуша во световниот метеж, но кој, кога ќе започне да се наслушнува, сè посилно се крева, додека не го заглуши сиот световен метеж, налик на глас од многу води, и додека во совладаниот и занемен свет не остане само тој глас.

Оние, значи, кај кои во внатрешноста на разбојничката пештера сè уште не изумрело сеќавањето за родителскиот глас – тоа сеќавање со кое луѓето се раѓаат – тие веднаш го препознаваат гласот Божји и, како деца што го слушаат гласот на мајка си, веднаш се враќаат дома.

Навистина, тие се како јагниња, кои на звукот од кавалот на пастирот скокаат и дотрчуваат во неговите пазуви. Тие Го примаат Бога и од Него добиваат достоинство да се наречат синови Божји…


Св. Николај Велимирович

Св. Николај Велимирович (1881–1956)

Св. Николај Велимирович, познат и како Охридски и Жички, бил српски православен епископ, теолог и духовен писател. Покрај неговото големо влијание во српската црква, тој подолг период служел и во Охрид, каде оставил длабоки духовни траги. Велимирович се залагал за духовно воздигнување преку своите проповеди и дела како „Молитви на Езерото“, инспирирани од неговото искуство во Охрид. Неговото пастирско дело е признато со канонизација како светител во Српската православна црква.